1009 hPa
94 %
16 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 08:59
Во потрага по Резервниот живот: Перспективите за телото и сексуалноста во романoт на Лидија Димковска
Романот „Резервен живот“ (2012) од Лидија Димковска е одамна добро познат на македонската книжевна сцена, но и пошироко. Делото ги приближува перспективите на сијамските близначки Злата и Сребра, кои живеат во Скопје. Низ призмата на едната од сестрите – Злата, преку нарацијата во прво лице еднина, текстот ги истражува имаголошките релации, предрасудите и стереотипите во едно општество кое доживува распад. „Резервен живот“ нуди многу аспекти кои може да се анализираат преку критичките методи на компаратистиката, а се и особено релевантни во контекст на родовите студии и студиите за социјалната работа и политика. Ова ја истакнува потребата од простор во македонскиот книжевен дискурс каде ќе се истражуваат перцепциите и концептите врзани со хероините, нивниот идентитет и врска со телото, како и релацијата на телото и сексуалното во контекст на сегашноста.
Овој директен и длабок роман ја испитува потрагата по автентичен живот преку потребите за личниот простор, интимноста и подоброто разбирање на сопствените потреби кои иако се флуидни, всушност се заробени во стигматизирачкото општествено опкружување. Таа потрага е комплексна и неразделива од минатото, сегашноста и иднината, во и надвор од фикционалниот свет на Злата и Сребра. Авторката се занимава со релацијата на книжевноста и стварноста третирајќи го социо-економскиот контекст на доцните години на дваесеттиот век. Наративното време опфаќа период од три декади и тоа од 1984 до 2012 година, така што делбата на телата на Злата и Сребра, може потенцијално да се разгледува и низ призма на распадот на Југославија. Табуата, стигмите и предрасудите од кои е затруена реалноста се преиспитуваат во релација на политичките случувања и можностите за подем или пад на вредностите во периодот на буквална и симболичка разделба. Патот до сувереноста на телото во приказната ги следи патоказите на стигматизирачкото и дискриминаторско општествено опкружување од стварноста, кое со сета своја комплексност е пренесено во фикционалниот свет.
Телесното и интимното кај Димковска се истовремено мошне блиски и далечни, близначките Сребра и Злата се субјекти кои заедно патуваат, заедно доживуваат и заедно страдаат, но различно чувствуваат. Нивното принудно заедништво манифестира силен крик кон интимното-приватно и кон потребата да се живее сопствениот живот одвоен од Другиот. Во оваа смисла, „Резервен живот“ силно ја истакнува идејата за актуелизирање на телесното и себе-истражувањето како неминовни процеси на човекувањето, како идентитетски прашања на поединецот кој бара поддршка од околината, која честопати изостанува. Силен пример за илустрација на воспоставувањето на нетипични, но многу потребни односи, кои наидуваат на одбивање од страна на средината, е релацијата Злата-Сребра-Дарко, која, пак, преку телесната попреченост на сестрите ги демистифицира сексуалните митови и современото разбирање на романтичните врски.
Да се поседува тело како дом, да се одбере себеси преку почитување на своето тело, одбивајќи ги наметнатите конструкти кои го дефинираат како неподобно или прифатливо може да биде еден од начините да се толкува борбата за резервниот живот на Лидија Димковска, која е само една од многуте стојалишта на отпор, слоевито прикажани во овој роман. Интерпретациите врзани со телото и сексуалното во овој роман на Димковска се во директна врска со ранливото минато и ограничената иднина. Потребата за личен простор во кој ќе се одболува, изживее и исчуствува она што ги предвизвикува најлошите кошмари во светот на Злата и Сребра е поттикната од фрустрацијата на телото. Нежноста и чувствителноста на индивидуалното и приватниот простор за себереализација ограден со општествените конструкти во „Резервен живот“ е мимезис на стварноста, каде фикцијата и стварното се претопуваат во трагичната сцена на реалното, и тоа само по себе е прашање кое засебно може да се анализира. Односот на Злата и Сребра како пункт за анализа е важен за подобро разбирање и анализирање на интимноста како потреба и нереализирана слобода, тргнувајќи од нејзината припадност во сферата на личното, но и нејзиниот стремеж за ослободување во јавната сфера. Нивниот споделен интимен живот е распнат помеѓу заедничкото и разбирањето и меѓу тајното и блиското кои меѓусебе си се спротиставуваат, кои одат во прилог на потребата за промислување на можностите и перспективите кои го дефинираат телесното и интимното. Мноштво од темите кои индиректно се поврзуваат со овој роман се во тесна врска со односот кон наметнатата ,,прифатлива” сексуалност и интимност во нејзината широка дефиниција и пожелното за јавноста.
Допадливоста на овој ракопис лежи во бесконечните можности да отвора прашања кои мораат да бидат отворени и популаризирани. Освен неговата стилистичка префинетост и привлечна приказна која се закити со многу награди, аспектите поврзани со телото и интимниот свет се истакнуваат како особено важни и за овој роман, но и воопшто за македонската книжевна сцена. Пишувањето за нив значи отворање на перцепциите и погледите кон потребите на човекот, што Димковска го прави со многу емпатија, вештина и обзир.
Слики: Mark Ryden
Текстот е изработен во рамки на придружната програма за млади книжевници на Inside/Out
Inside/Out - Онлајн емисија за македонската феминистичка и квир книжевност е финансиски поддржана од Регионалната мрежа за културна разноликост (READ) и од Европската унија. Содржината на емисијата претставува единствена одговорност на Pobunjenе čitateljkе и Коалиција МАРГИНИ и не нужно ги претставува ставовите на донаторите.