1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
(Влада Урошевиќ: „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, Арс ламина, Скопје 2022)
Најновиот роман на Влада Урошевиќ со невообичаено долг наслов без интерпункциски знаци („Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“) и со поднаслов (старовремски роман) којшто повеќе функционира како препорачан формат за очекувањата на читателот, отколку како жанровска одредница, претставува едно можно минато на Скопје (и на Вардар) пред самиот крај на 19 век, надоврзано на подалечни мината, но и на подалечни географии со цврсти јазли знаење и имагинација. Ниту вистинито, ниту веројатно, туку само едно можно минато. Можно историско, но и можно книжевно минато. Ретко, специфично, несекојдневно, мистериозно, магично, екстравагантно минато со очудување и онеобичување, со остранение. Можно е Скопје пред самиот крај на 19 век да било токму како во романот; можно е романот дури и да бил напишан во тоа време – да e токму ваков. Можно е и намерата на Урошевиќ со поднасловот да е творечко реситуирање, лизгање на романескниот жанр низ времињата. Оттаму и затоа, старовремскиов роман повеќе е времски отколку старовремски; повеќе е рашетан низ времињата отколку што е залегнат во кое било точно определено време, макар и „старо“. Придавката времски не постои во граматичкиот канон, таа е побегната од него на ист начин како што долгиот наслов на романов е побегнат од интерпункцијата. Но, во книжевноста токму нештата што не постојат ја даваат најверната слика на постојното.
1. Знаење и имагинација
Доминантната раскажувачка материја во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ се знаењето и имагинацијата, како, впрочем, и во речиси сите шест претходни романи на Урошевиќ („Вкусот на праските“ 1965, „Мојата роднина Емилија“ 1994, „Дворскиот поет во апарат за летање“ 1996, „Дива лига“ 2000, „Невестата на змејот“ 2008 и „Маџун“ 2018). Различна, од роман во роман, е само работата со количеството знаење во уметничкиот текст.
Урошевиќ своето раскошно знаење во најновиот роман ни го предочува мошне меко и претпазливо, етапно, во добро пресметани и премерени дози (не случајно главниот лик во овој роман е аптекар!), главно преку рефлексивна опсервација со ненадминлива имагинација:
• со префинети и препознатливи раскажувачки пасажи;
• со извлекување на необичното од обичниот контекст;
• со очудување (остранување) како врвна водилка при пишувањето;
• со чудесни описи со ненадминливо чувство за детаљ (на пример, вметнувањето главица зелка во една речиси филмска сцена од нападот на полициската станица од 305. страница: „Пред зградата, имаше многу полиција, а наоколу, по малото плоштатче од кое поаѓаа, зрачесто, неколку улици, сè уште лежеа загинатите, покриени со некакви валкани платна. Имаше и еден мртов коњ покрај превртениот пајтон. А среде плоштатчето, сосема бесмислено, стоеше, падната од зембиљот на некој што панично се спасувал од пукотниците, една голема главица зелка“);
• со виртуозни набројувања предмети во помамни низи на заборавени постоења од маштапот на „Гаргантуа и Пантагруел“ (на пример, низата со предметите во златарскиот дуќан на мајстор Мемед на стр. 11, низата со наброените книги на полицата на стр. 36, низата со описи на минувачите во скопската чаршија на стр. 44, низата надреални сексуални ноќни задоволства на Анамата, низата различни шишенца и кутичиња во аптеката, итн., итн...);
• со стрпливо редење (вмрежувања) на расфрланите камчиња на речениците во семантички мозаици со далекусежни вредности и пораки. Египет и египетската митологија како заднински фон на скопските случувања во семејството Пустополски се прошнирани буквално низ сите нивоа во приказната: двапати заминува во Египет и еднаш се враќа оттаму предокот на Никола, дедото Никифор, кој самиот е „пљачкаш на гробницата“, додека Никола најмногу ужива читајќи го поглавјето „Пљачкосувачи на гробници“ од големата книга за Египет; аптеката што Никола Пустополски ја отвора во Скопје по враќањето од наобразбата во Париз се вика не „Мелем“, не „Ескулап“ (како семејни предлози), туку „Изида“; што значи не домашен збор, не збор од старогрчката митологија, туку од египетската. Имено, Изида е божица на плодноста и мајчинството во египетската митологија. Пустополски дома, во проколнатата куќа не чуваат обично милениче, куче или мачка, туку инхеумон – египетски мунгос, малечок ѕвер што живее во гробниците и се среќава како нотирано суштество уште во Naturalis historia („Природознание“) на Плиниј Постариот од 1 век од новата ера. Суштество кое им ги чисти забите на крокодилите, но и се храни со нивните срца. Тоа го нема во романот, ама инхеумонот е присутен насекаде, во куќата, во дворот, под креветот, меѓу книгите, врзан со ортомче како миленик или пуштен слободно да талка низ мистериите, зачинувајќи ги дополнително...
Сето ова внимателно е распнато на широко раскажувачко платно на кое ќе се нижат и исцртуваат обезглавената мумија донесена како скришна пратка од Египет, Мефисто дојден од Египет како дух на богатството од гробницата наспроти духот на Жулиета Делавињ, сопругата на Хамди паша, обезглавена во crime de passion – злосторство од страст итн., итн... Големите мајстори „сликаат“ на големи платна со раскошната палета на знаењето и имагинацијата.
2. Белетризација на фактите
Базичната раскажувачка постапка, пак, во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ е белетризацијата на фактите. Тоа значи дека раскажувачот се потпира на неколку непорекливи вистини, како постоењето на организацијата на Младотурците „Единство и напредок“ во Скопје и нападот на полициската станица кон крајот на 19 век, на Јордан Хаџи Константинов Џинот кој во тоа време и на тоа место (средината на 19 век, од 1848 до 1858 година, Скопје) работел како учител, таман за да може да се сретне со трговецот на ангро – Харалампие, таткото на Никола, и да можат да си разговараат како што си стои во романот... Во романот двапати се среќава и Жил Верн како фактографска личност-транзиторен лик. Еднаш во прилогот со наслов „Autour du monde“ („Околу светот“) на францускиот неделник од тоа време, вторпат како лирско прашање што ù го поставува Никола на својата најмлада братучетка Алила на 317. страница: „Дали си слушнала за Жил Верн?“. Сè останато околу овие факти се белетризира, се создава и се обвиткува како можна непозната вистина околу нив. Ова во основата е персонализација на едно нешто од мноштвото, на што и се потпира целата книжевност, но во овој роман како да се оди и потаму и подалеку од тоа. Зашто освен белетризацијата на фактите, вметнати се народните верувања, сосе сите нијанси на фолклорот на поднебјето, египетската митологија, исцртани се ликови во кроки или попрецизни (хипер)реалистични раскажувачки манири: Евдокија, мајката на Никола, која е жена од народот, разумна и трезвена, сето време ги кара сите лекоумни што веруваат во духови, а скришно го храни духот во куќата за да го одоброволи; Фавзи-бег, началникот на полицијата, кој чува пресечена женска глава во алкохол во прашните подруми на полицијата и кому „саат, саат и пол пред спиење“ му е неопходно да раствори извесен прашок во чаша вода, зашто е тукушто оженет со млада жена; Андре Беримон, Василие... Секако, сите тие наспроти другите главни ликови од семејството Пустополски.
3. Семејството Пустополски
Семејството Пустополски почнува да ни се предава во романот на самиот почеток, со враќањето на синот единец Никола од школувањето за аптекар во Париз. Излезен млад од дома, тој се враќа во своето семејство, одново запознавајќи го и откривајќи многу нешта за своите блиски и предци за кои никогаш не знаел и не насетувал речиси ништо. Во неговите постојани влегувања и излегувања од дома, во долгите прошетки низ градот и чаршијата, Никола толку ја внесува Европа на скопските калдрми, колку што го оживува и родното поднебје во себе. Татко му Харалампие, мајка му Евдокија и трите братучетки: Деспина, Дафина и Алила (од неговата почината тетка), се семејството со кое ја дели проколнатата куќа на крајот од градот. Двата различни духа (Мефисто од мочуриштето и Анамата-Ханифа-Жулиета Делавињ), кои исто така живеат во куќата, ја влечат приказната до самиот крај со свилена, раскажувачка врвца.
4. Куќата покрај Вардар
Куќата е огромна, студена, недоволно истражена. Нестварна, со војвање непознати призраци и звуци низ неа. Недооткриена до крај, таа таи соби кои нејзините станари не ги знаат, катчиња кои се отвораат и затвораат пред нив како симулакруми. Маѓепсана и проколната, куќата е страв за сите во градот. Она што е дворот за детето-раскажувач во „Маџун“, тоа е куќата за сите нејзини, живи и неживи станари. Некаков магиски простор населен со нејаснотии и привиденија, клетви, магии и накажанија. Во неа се случило крволочно убиство од страст, телото и главата на настраданата Анама останале разделени, затоа нејзиниот дух не може да ја напушти куќата. Вториот дух е Мефисто, тој на извесен начин е нејзин сопственик, зашто е чувар на парите со кои е купена, ограбени од египетска гробница. Во ваква надреална, метафизичка констелација на минато и сегашност, на живи и мртви, на истовремен Запад и Исток, Франција – Египет, на жртви на предците без лични вини, ликовите се упатени на мошне сложени меѓусебни односи. Атмосферата е напати булгаковска, напати младешки плотна и благо еротизирана. Мочуриштето во близина на куќата е нејзин контрапункт, место каде што се случуваат нештата пред нејзини очи, видени од нејзините прозорци.
5. Четирите прстени
Четирите прстени во романот се всушност неговите четири поглавја, несиметрични според количеството текст. (Првото прстен-поглавје има 80 страници, второто – 135, третото – 114 и четвртото прстен-поглавје има само четири страници.) Тие се поставени во приказната како носечка метална (сребрена?) рамка што раскажувачкиот свет го држи во цврста, јасна и прегледна структура. Наоѓањето на четирите изгубени прстени е составување на големата приказна, скршена некогаш одамна. И покрај тоа што романот почнува со еден прстен со камен од ахат чијашто само една четвртина е изгравирана, а другите три четвртини му се мазни, што упатува на тоа дека постојат уште три прстени со различно изгравирани четвртинки за да се состави сè, сепак оваа четвртинка „вистина“ на првиот прстен не е суштината на романов, ниту негов вистински почеток, ниту, пак, основната потрага што ќе им претстои на богатите, начичкани страници што следат. Четвртинката „вистина“ е поставување рамка низ која ќе татнат и ќе се провираат едночудо други нешта. И без прстените, приказната си тече, двата духа во неа (Мефисто и Анамата) и куќата на крајот од градот (проколнатата куќа на Хамди-паша купена од дедото Никофор – „пљачкосувачот на гробницата“) си го тераат својот комплексен раскажувачки пат. Но, сепак, прстените не се редундантни. Тие се употребени (искористени) за формална организација на сложената приказна како нејзини четири страни на светот, како нејзин совршен круг, како некаков наративен компас. Прстените се рамка, обрач за раскошната раскажувачка кондиција на Урошевиќ, прибежиште за дребните, недобројни чудесии што нè демнат од текстот. Кога Никола Пустополски ќе ги најде четирите прстени, се составува големата приказна и романот се „решава“, т.е. завршува. Со епилог, секако, во духот на времските романи. Епилогот е добро познатиот клуч на Урошевиќ, но не само за овој роман, туку за неговата поетика воопшто. Епилогот се однесува и може да се придодаде речиси на сè од Урошевиќ, зашто наспроти тесната врска со Египет и жолтеникавите дождови во конкретниов контекст, тој содржи и една широка поетичка врска со творештвото на Урошевиќ воопшто: Сè што се случува во светот (матен, нечист дожд што паѓа „на секои десет или петнаесет години, на почетокот на пролетта или кон крајот на летото, над Скопје, обично преку ноќ“), има приказна зад себе што останува како „слој жолтеникав, ситен песок врз предните стакла на автомобилите“. Приказна која се случила или допрва треба да се случи: која не се знае, но некогаш се знаела, па се заборавила; или ќе се дознае повторно и допрва. Личен, раскажувачки манифест на Урошевиќ.
Четирите прстени како предмети, но и како поглавја, се макрофабулирање со бескраен, слободен простор за микрофабулирање во нив.
6. Двата духа, Мефисто и Анамата
Некаде пред крајот на романот, на 301. страница, духот Мефисто од мочуриштата полетува од прозорецот на проколната куќа: „(...) испушти некаква крескава смеа и со еден чуден скок се најде чучнат со двете нозе на работ од прозорецот. Со раширените раце, со развеаната парталава наметка околу себе, тој прилегаше на некаква искубана птица која се подготвува да полета. Во следниот миг тој навистина полета, ширејќи ги полите од наметката (...)“, но, се разбира, не одлетува од текстот. Неговиот крај не е овде, иако бездруго можел да биде, не затоа што духот би се повредил при пад од прозорец, туку затоа што Мефисто е поврзан со куќата до тој степен што на себе ја одразува и нејзината состојба. Како што пропаѓа куќата – така пропаѓа и тој. Мефисто самиот е клетва, но и усложнувач на другите клетви. Тој би исчезнал заедно со исчезнувањето на куќата, но Урошевиќ му доделува поинаков крај од очекуваниот, претпоставуваниот. Многу позанимлив, многу поавтентичен. Куќата ќе обрасне во трње, а Мефисто ќе исчезне, ќе се стопи, ќе се разлеа како „пивтиеста маса врз чергичето послано по подот од долапот“ (стр. 327), дури кога Никола ќе ги изговори сите негови имиња: Оној што излегува во квечерина, Оној што го чува богатството од крадци и лоши луѓе, Оној што го има камениот боздоган на Сет и Оној што ги крева песочните луњи во пустината. Да се погоди името на нештото за да исчезне, да го снема, да се спасиме од него, сеедно дали тоа е страв, закана или казна,.. е дел од многу раскажувачки традиции и Урошевиќ решил да си поигра и со тоа, одредувајќи го крајот на Мефисто. Да се потсетиме на само еден пример во светската книжевност каде што се разрешува „проблем“ со ваква наративна матрица – на пример, на бајката „Румпелштилцхен“ од Браќата Грим (за жал, сè уште неадаптирана во нашиот јазичен систем, позната во регионалната книжевност како „Цвилидрета“). Во неа името на џуџето (Румпелштилцхен, можеби Цаптреско или Цапвреско на македонски) се погаѓа и се изговара јасно – со што тоа се оневозможува во својата зла намера да ù го одземе првороденото дете на ќерката на мелничарот кое таа му го ветила за да стане кралица.
Анамата-Ханифа-Жулиета Делавињ е вториот дух во куќата. Обезглавен. Тој/таа постои и живее во куќата сè додека Никола Пустополски не ги состави нејзиното тело и главата. Едното во Египет, другото во алкохол во Скопје во полицискиот подрум. Потоа си заминува од куќата, ама и куќата набрзо си заминува од сопственото постоење.
7. Трите братучетки, Алила
Раскажувачката постапка за промена на граматичкиот број од множина (три братучетки) во еднина (една братучетка) со која ќе остане Никола Пустополски откако сè ќе исчезне околу него, е мошне занимлива и етапно се развива, разлачувајќи ги ликовите на братучетките и делумно индивидуализирајќи ги. Во почетокот на романот, трите братучетки се како една „затечена роднина“, Деспина, Дафина и Алила се како една женска аура, компактна и неиздеференцирана меѓусебно, само бегло означена со различност во однос на другите женски ликови во куќата – Евдокија и слугинките. Полека братучетките се индивидуализираат и се излачуваат, Деспина и Дафина, кусо една по една, но сепак остануваат некако заедно (можеби и поради ономастичкиот трик на именување со иста почетна буква?), без нужниот интерес на Никола, и наспроти нив – Алила почнува ликово да се гради и да му се приближува на привлечниот, млад и образован братучед. Алила полека ѝ се приближува на Емилија како роднински еротизиран „модел“ на Урошевиќ од романот „Мојата роднина Емилија“, а потоа – оди и чекор понатаму, станувајќи некаква Емилија во лет, Алила ја продолжува храбро и без никакви скрупули обземеноста на Урошевиќ со братучетската еротичност и контролираната инцестуозност. Алила набрзо станува радикална можна иднина на Емилија, иако временски гледано, таа се случува, се охрабрува, се остварува во книжевното минато на роднината Емилија во сосем друг хронотоп. Никола Пустополски останува со Алила и на крајот на романот тие се родители на три љубопитни деца кои не гледаат ништо возбудливо во куќата покрај Вардар обрасната со треви, преполна со спомени и сеќавања на братучедите-сопружници. Или љубовници, но секако продолжетоци на пустополската лоза.
8. Idem per idem
Најновиот роман на Влада Урошевиќ „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ e времски роман за едно можно минато на Скопје и на Вардар за невозможни љубови обезглавена мумија и глава во алкохол за живи песоци и мочуриште што одгризува и голта животни и луѓе исфрлајќи големи приказни со кои малите книжевности можат да се истопорат и пред најголемите. Бегството на една придавка од граматичкиот канон и на повеќе запирки од интерпункцијата, се чествувања на македонскиот јазик помоќен и од сопствената јазична норма. Помоќен и од сите нас, неговите говорители, читачи и пишувачи.
Слики: Troels Carlsen