Графитен молив

01.05.2017 10:44
Графитен молив

1.

Беше колекционерка на графитни моливи. Од млада. Каде да одеше, купуваше моливи. Обични, старински, со графитно срце што се остри со метална острилка, а струганиците паѓаат на бел, чист лист хартија. Моливите ги користеше само за читање. Пишуваше на компјутер. Секогаш. Сѐ, освен списоците за на пазар коишто ги правеше со хемиско пенкало и ги ставаше на фрижидерот под магнетот во форма на кујнско ренде. Од Џамбо. Од Грција. Од којзнае кога. Со моливите читаше. Не пишуваше. Тие беа предупредување. Закана. Ризик за обајцата. За неа и за него. За читателот и за писателот. За текстот и за сакањето. Сѐ додека читаше без нив, додека ги листаше страниците слободно, без тешкотиите предизвикани од држењето со палецот и показалецот, текстот ѝ можеше сѐ. Или ништо. Љубовта, исто така. Но, кога ќе тргнеше по молив, ништо веќе не беше како што било. Станеше ли, отидеше ли до бирото, до шолјата во форма на срце каде што ги чуваше моливите со наострени срца усправени угоре, одбереше ли еден за меѓу палецот и показалецот, трпезариската маса веќе се подготвуваше за ручек. За нејзината глад. Се постилаше со бел чаршаф од дамаст и ја чекаше. Да јадат. Да читаат. Со моливот како нејзин совршен есцајг.

2.

Никогаш немаше посакано да биде во љубовна врска со некој што на посебен начин се занимава со зборовите. Писател, лектор, преведувач, новинар, копирајтер... Беше привлечна жена и многу повеќе одбиваше отколку што прифаќаше додворувачи. Најчесто сурово се однесуваше кон нив. Во мигот кога ќе видеше дека целосно ѝ се препуштиле, дека стануваат зависни од неа, заминуваше од врската. Уживаше во мигот кога ќе ги повикаше на вечера. До детали ги подготвуваше сите јадења вклучени во гозбата. Зачините, соодносите меѓу различните вкусови, дијалозите што предјадењето требаше да ги има со главното јадење, аперитивот или десертот, беа замислувани како класична драма во која секој елемент има прецизно определена функција и ќе се активира во точно одреден дел од заплетот, кулминацијата или расплетот. А потоа, кога оној што се наоѓаше спроти неа, целосно задоволен од послуженото, ќе се опуштеше и веќе размислуваше на следниот чин, ја добиваше нејзината изјава дека решила да се разделат. Искажана сосем студено и отсечно. Како спикерка што најавува смрт на диктатор од далечна земја.

3.

Нештата на сличен начин се одвиваа и со Александар, саможив и исполнет со себеси менаџер во најголемата банка во земјата. По три месеци доби покана да дојде на вечера кај неа. Но, кога го постави десертот пред него и тргна кон својот стол, подготвена да ја каже својата реплика, тој ѝ подаде една книга. Тврд повез. „Книга во тираж од еден примерок. Дневник што почнав да го водам денот кога се запознавме. Сега јас ќе станам, ќе излезам од станов, а ако ти сакаш, можеш утре-задутре да ми се јавиш. Извини што нема да го пробам десертот. Сепак толку шеќер е многу за ова мое намачено тело...“ Се насмеа и излезе од станот.

Ја отвори книгата и по првиот пасус тргна по молив...

Три часа подоцна отиде до шолјата во форма на срце каде што ги чуваше моливите со наострени срца усправени угоре, со врвовите на прстите помина по сите графитни острила, набрзина ги собра сите моливи, трчајќи излезе од зградата и наскоро целата колекција од графитни моливи заврши во контејнерот сместен десетина метри од зградата. Следната одлука беше потешка – дали да ја фрли и книгата во еден примерок, дневникот што почнал да го води денот кога се запознале?

Скулптури на сликите: Јасенко Ѓорѓевиќ

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото