Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”

21.08.2020 13:12
Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”

Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје, во периодот од 25 август до 15 септември 2020 година ja организира првата Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”, чии куратори на годинешното издание се Биљана Тануровска- Ќулавковски и Славчо Димитров. Продуцент на школата е Виолета Качакова, а координатор Зорица Зафировска.

Ова е прво и пилот издание на школата, која има цел да прерасне во дел од мастер програма која ќе се имплементира на партнерски универзитети кај нас и кај партнерите од истоимениот – „Курирање во контекст” - двогодишен проект (2019-2021).

Проектот се реализира во партнерство со Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот во Загреб (Факултетот за драмски уметности), како и Танцфабрик од Берлин, а е поддржан од „Еразмус +” програмата за образование, тренинг, млади и спорт на Европска Унија. Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” оваа година е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Меѓународна летна школа „Курирање во контекст“ има цел критички да рефлектира на различните социо-политички и економски контексти, и да развива кураторски методи кои ќе ги преиспитаат практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, социјалните движења и самоорганизација.

Оваа година школата ќе ги опфати следниве теми:
- Курирање и кураторското;
- Нерепрезентативни форми на курирање како политичка перспектива;
- Кураторски практики поврзани со социјална правда, социјални движења, активизам, родови и квир политики, самоорганизирани иницијативи, борби за нови форми на „заедничко”;
- Модели на продукција базирана на соработка и заемност/организација, дисеминација;
- Нови начини на институирање/воспоставување на кураторското (односи со моќ, вклучување и исклучување) и
- Кураторското како поставување на агонистички јавен простор.

Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” како формат ќе опфати: семинари, предавања и презентации, работилници, дискусии, разговори со уметници и куратори, читачки групи и менторска робота со учесниците на школата. Тие ќе бидат водени од признати професори, теоретичари, куратори, драматурзи, продуценти и уметници од домашен и меѓународен контекст. Главната едукативна програма опфаќа семинари, работилници и предавања кои ќе ги водат: Уна Бауер (Хрватска), Кирстен Маар (Германија), Сузана Милевска (Северна Македонија), Горан Павлиќ (Хрватска), Горан Сергеј Присташ (Хрватска) и Данае Теодориду (Грција); предавања/презентации и дискусии со куратори, уметници и културни работници: Драгана Алфиревиќ (Србија/Словенија), Лидија Бел (САД), Мариана Валенциа (САД), Рок Вевар (Словенија), Дарко Драгичевиќ (Србија/Германија), Ана Ефермсон (Шведска), Јасна Јасна Жмак (Хрватска), Јасмина Заложник (Словенија), Касилс (САД), Марија де ла Па Понзе (Германија), Марта Попивода (Србија/Германија), Николина Присташ (Хрватска), Анастасија Прошутинска (Русија), Тове Салмгрен (Шведска), Мартин Сондеркамп (Германија/Шведска), Тиииит! Инк. - Кристина Леловац и Јана Коцевска, (Северна Македонија) и Маријана Цветковиќ (Србија).

Селектирани се вкупно 15 учесници (студенти магистранти, куратори, истражувачи, теоретичари, уметници) од Северна Македонија, Грција, Хрватска, Германија и Шведска.

Од Северна Македонија, по пат на отворен повик, селектирани учесници се: Ивана Мирчевска, Кристина Тодороска Петреска и Јана Димитрова.

Јавноста има пристап до програмските содржини, распоредот на предавања и биографиите на предавачите на веб страницата на Локомотива www.lokomotiva.org.mk како и на порталот на Летната школа www.curatingincontext (во моментот во изработка). Програмата и распоредот на меѓународна летна школа „Курирање во контекст” на следниов линк.