Почина пејачката Нина Спирова

11.09.2020 21:59
Почина пејачката Нина Спирова

На 82 - годишна возраст почина македонската пејачка Нина Спирова. Со нејзиниот милозвучен и моќен глас остави трајни вредности, музички записи на неколку забавни мелодии кои станаа евергрини, како и на бројни бисери на староградската македонска музика.

Таа има исполнето и снимено голем број познати музички хитови, од страна на светски аранжери како и голем број на обработки на македонски народни песни. Ќе останат запаметени нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ и многу други.

Има учествувано на првите изданија на Скопскиот фестивал, соработувала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски - Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн.

Како еден од вечните евергрини, кои ќе останат да не асоцираат на прекрасното минато претставува и хитот „Еден бакнеж“ во придружба на Македонската Филхармонија. Безвременска песна која има учествувано на фестивалот „Опатија“ во 1962 година и добила прва награда.

Скромна, ненаметлива, повлечена, насмеана, со многу малку, речиси ништо познато од нејзиниот приватен живот, со однесување несвојствено за пејачка која претставува ѕвезда, Спирова (родена 1938 година во Прилеп) засекогаш се повлече од естрадната сцена во почетокот на 80-тите години и е дел од македонската музичка историја.