Терминал

12.10.2020 09:47

Може веќе навистина не постоиш ни ти,
а можеби само си заглавен на аеродром,
во Трст можеби. Тогаш ми кажа брат ми
само дотаму успеал да стигне татко ни

кога конечно се наканил да поднесе молба
за пасош и му ја одобриле. Веројатно така
си се правдал сите тие години; немал пасош
да се врати. Кога го добил, решил: „Ќе одам

во Трст.“ Може оти била евтина картата?
Или, пак, за „старите добри времиња“ –
сите од Југославија, нели, оделе во Трст
по јакни и фармерки и плочи од Битлси.

Освен татко ми тоа лето кога ме остави
сама на островот два дена за да тркне до
Трст по здрави намирници. Знаеш, просо,
нори, такви работи. Своеглаво, му побарав

чоколадо и, за чудо, ми донесе. Огромно
чоколадо со бадеми. Секој ден јадев само
по едно парченце и ми траеше. И како сега,
кога јадам бадеми, да не го помислам?

По толку години, рече брат ми, не можел
да стапне ниту во Хрватска, а камоли во
Македонија. Само до аеродромот во Трст.
Уште го замислувам како стои збунето

на некој терминал или во чекалница и не знае
што понатаму. Ниту јас кога ти ми кажа зошто
не се враќаш, а јас не можев ништо, ништо
не можев да направам за да те предомислам.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото