Осетлива на светлина

04.05.2018 15:28
Осетлива на светлина

Пет песни од новата книга на Магдалена Хорват.

 

 

Виланела: разговори со супата

Самотијата е коцка супа за една чинија.
Лидија Димковска, „Коцка за супа“

Не, оваа самотија, оваа гласна самотија,
по сѐ изгледа не е капаче за лончето сиво.
Се чини коцка супа е за гладна чинија.

Дофати ја. Одмотај ја, обвивката скини ја.
Бујон: еден беден концентрат вкус. Здивот
на оваа самотија, оваа гласна самотија,

мириса на вегета. Пуста густа празнотија,
осетлива на светлина. (Нека не ти е криво.
Се чини коцка супа е.) Гладна? Зачини ја

со троа самоиронична зборовна голотија
и прстофат возбудлив бибер од т.н. живот
вон оваа самотија... Оваа гласна самотија

пак ќе ти остане! Подголтни, одмини ја.
Гладувањето е вечен експеримент in vivo.
Се чини коцка супа, без гладна чинија,

баш и не е супа сосема. Си седи, види ја,
оставена Maggi® во креденец темен, тивок.
Оваа самотија – така ли вели Лидија? –
се чини коцка супа е, гладна за чинија.


Остранение

Тагата е топла и безбедна. Тагата е смирена,
резигнирана. Тагата ништо не ја изненадува.
Тагата на ништо не се надева. На тагата наутро
не ѝ се станува, ноќе не ѝ се спие. Очигледно,
тагата се крие од погледи непознати. Тагата

си има меланхолични пријатели. Некогаш се
дружи со писатели. Тагата мрази сожалување,
иако е тажна до разболување. Но, навикната е
да живее така: да остава кафиња недопиени,
да самува со ноќи непроспиени. Да тажи сака.

Тагата го чита Ешбери, тагата води разговори
со себеси, размислува дали да се обеси или да
си ги отвори вените во када, ама можеби уште
е млада, животот е пред неа, па се премислува
и вежба трпение, трпеливо чекајќи откровение.

Во меѓувреме учи поими како остранение, што
може да се нарече и очудување. Но, од премногу
мудрување, тагата ја здоболува главата – и во
тие мигови посакува да е богата, среќна и убава;
па што ако тоа, речиси, се римува со глупава.

Синкаво

Требаше да биде така. И не ми е мака
ако веќе никогаш и никаде не те видам,
што си ми никој. Телото е само форма,
превозно средство. Напати перипатетично,
напати патетично, растреперено, нервозно.

Немав трема кога те сретнав првиот пат,
ниту последниот. Само неколкуте пати
во средината. Тогаш кога твоите прсти
ми се лизгаа по половината, колковите:
ја носев мазната црна блуза, и широко,

набрано здолниште – и тоа црно, црно
како засолниште, како сликарски јаглен,
или јагленот што останува по бадниковите
огнови. Сѐ уште не знам дали верувам
во Бога, но верувам во оган и пламенот

ме плаши, тоа синкаво согорување што
ме привлекува и одбива, што сакам и долго
да го гледам и да не го видам веќе никогаш.
Требаше да биде така. И речиси заборавив
како изгледаш; но знам, и ти ме забораваш.


Девојката со продорен

поглед, ја викаа. За срамота
што не можела да гледа живи суштества.
Ги болело. Прво не знаела,

па зјапала. Луѓето се вртеле
од болка, животните бегале исплашено
небаре ги жигосала. Брат ѝ

ѝ велел тоа е дарба, да знаеш
да ги фокусираш очите така внимателно
што нештата ќе се запалат.

Не се согласувала. Дните ги
минувала ковајќи си ги очите во таванот,
ноќе копнеејќи по некого со

кого ќе се гледаат без да изгори,
јачејќи да оздрави. Но, тие ѝ ги скенирале
нозете, задникот; другите, пак,

се ѕвереле во маргините на
воздухот. Ќе истрелала поглед кон некои
што заслужиле – ѕиркајќи ги

под око; следувало страдање,
секако. Последното што го чув за Палето,
еден ден ослепела, кога без да

трепне, долго, непрекинато, се
загледала во огледалото: смело препораѓање,
по кое ѝ претстоеле години во

кои го учела светот одново –
без да ја гризе совеста, љубезна, посегајќи по
поинаков поглед на нештата.


И тој се труди да ги реши

...и тој се труди да ги реши. Како бумбарот со мали краци
што лека полека скока од страк на страк.

Фиона Сампсон, „Рано навечер, како сега“

Продолжува да пишува до доцна во ноќта.
Мисли на некого што го чека да ја одгатне загатката,
некој што ќе ја прими, конечно, пораката.
Пораката која којзнае кој којзнае кога ќе ја прочита.
И уште дише тешко и пишува: го слушам
преку стаклото.
Луѓето се необични. Особено откако ќе падне мрак.
Се прашувам, дали да го изненадам?
Да се втурнам низ прозорецот како фурија,
фрлајќи сенка врз масата – место да го демнам
бумбарот што скока од страк на страк – за човекот
да ме протолкува како: лилјак, птица, лилјак?
Зависи што сакаш да видиш. Знак до знак до знак.

РЕКОА ЗА ПЕСНИТЕ НА МАГДАЛЕНА ХОРВАТ

Песните во оваа збирка не само што трогнуваат и замислуваат туку се изградени во совршена хармонија меѓу стилот и смислата. Магдалена Хорват несомнено е еден од најбитните и најмоќните поетски гласови во македонската современа поезија.

Румена Бужаровска

 

Добро осмислени песни, свесни за сопствената ‘јазичност’, што се гледа од многубројните фонични, ритмички и други формални експерименти изведени со висок степен на познавање на поетскиот занает.

Зоран Анчевски

 

Стилската доминанта во поезијата на Хорват се токму фономорфолошките фигури, кои не се случајни факти или необмислени гласовни игри, туку претставуваат смисловни постапки кои го потенцираат нејзиниот естетски квалитет.

Маја Апостолоска

 

Кога ја читаме оваа книга, напати помислуваме дека и таа нè чита нас и дека цело време градиме со неа заемен однос ’на ти’.

Ристо Лазаров

 

Песните на Хорват постојано нè изненадуваат со звучните решенија: римите одекнуваат и онаму каде што не ги очекуваме.

Владимир Мартиновски

***

Магдалена Хорват (родена во Скопје, 1978) е автор на збирките поезија „Ова е таа, твојата“ (Македонска реч, 2006) и „Синкаво и други песни“ (Македонска реч, 2010), како и на македонските преводи на романот во стихови „Далечината меѓу нас“ од Фиона Сампсон (Магор, 2005), романот „Стакленото ѕвоно“ од Силвија Плат (Три, 2006), збирката поезија „Музика и скорбут“ од Ана Агилар-Амат (Блесок, 2006) и изборот песни од Пат Боран „Телефонска секретарка“ (Блесок, 2007).

Превела и низа збирки од македонски поети на англиски, објавени од Струшките вечери на поезијата. Нејзината поезија е застапена во неколку домашни и светски антологии, меѓу кои се и "Europa es una dona/Europe is a Woman" (Universitat Autonoma de Barcelona, 2007) и "Capitals" (Bloomsbury, 2016).


Слики: GRACE HEEJUNG KIM
Извор: Магдалена Хорват, Осетлива на светлина; Темплум, 2018.

ОкоБоли главаВицФото