Февруарските љубовџии

26.02.2016 13:02
 Февруарските љубовџии

 

Питер Портер шири пропаганда против суштествата што предат, а Елизабет Бишоп ја успива Мјау

 

 

Само некој што има и сака мачки може да напише олку симпатичен драмски монолог против нивната сорта. Но, песната „Mort Aux Chats“ на Питер Портер, која толку ревносно ги оцрнува овие февруарски љубовџии, е всушност одлична пародија на секој вид пропаганда - од расистичката, па сè до фашистичката.

Почнувајќи со изненадувачка објава, и со таа вечна поплака на хипохондриците дека „Мачките шират зарази“, оваа смешна песна е и остра критика на ксенофобијата („Можеби се добри за во / нивната земја, но нивните / обичаи не се како нашите“) и национализмот („Зошто ли инсистираат да имаат сопствени / јазик и религија...“). Портер алудира и на фашизмот: „ни зарија нож во грб / минатиот пат“ се однесува на една изјава на Хитлер, кој ги сметал за предавници германските политичари што ѝ ставиле предвремен крај на Првата светска војна; нивната постапка, според него, била „нож во грб“.

Преку надмениот ораторски тон во песната, Портер ги карикира и демагогијата, и предрасудите, но и префрлањето на вината врз другите. На места оди навистина далеку („За моите главоболки и за тоа што / цвеќето ми умира се виновни мачките“), но за волја на вистината, многу луѓе биле заслепени и од поголеми бесмислици во минатото. Дури кога ќе стигнете на крајот на песната ќе сфатите со кого си имате работа, па сами решете дали да му верувате на овој расприкажан говорник.

„Заспивалка за мачката“ на Елизабет Бишоп е исто така драмски монолог по форма, и тоа крајно едноставен. Но, и тука има неочекуван политички момент, а песната е проткаена и со меланхолија, поради што е поинтересна одошто изгледа на прв поглед. М.Х.

Извор: Поезија под прстите (Колумна објавена во „Мали нешта“, Време, 12. март 2005)

Слика: Светлана Петрова

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото