Простор Анти-корона: трансформации низ Европа

05.11.2020 13:05
Простор Анти-корона: трансформации низ Европа

 За време на корона-кризата, Европските и светските градови започнаа со брзи и значајни, често планирани како привремени промени во нивната инфраструктура со цел да се задоволи новата побарувачка за место за движење на две тркала, но и да се олесни метежот во јавниот превоз. Во следниот текст споделуваме некои од нив.


Милано и неговите Stradi Aperti – Отворени улици

Отворени улици - колку добро звучи, а особено што тоа се однесува на велосипедистите и пешаците!

Милано е еден од првите градови во Европа кои во пандемијата инвестираше во велосипедска инфраструктура и најави почеток на работа на експериментално продолжување на патеки за велосипедисти и пешаци. Планот „Страда аперта“ („Отворени улици“) е направен во април оваа година со цел борба против ковид заразата и овозможување на нормален проток на сообраќај, оној што имал најголем пораст – велосипедски и пешачки. Планот опфаќа 35km нови површини наменети за одржливи форми на мобилност од кои повеќето се веќе реализирани, со што вкупната должина на велосипедска инфраструктура во градот се зголемува за 16%!

Како им успеа?

Со евтини интервенции за воведување велосипедски ленти каде што немало и проширување на тротоарите на сметка на коловозите. Само боја или столпчиња, без градежни зафати. Брзо и ефикасно!

Дополнително, регионалните власти на овој дел од Италија потрошиле 115 милиони евра за стимулирање на возење велосипед. Се работи за субвенции за купување на нов велосипед или елeктричен тротинет со цел да ги задржат луѓето надвор од автобуси и автомобили, а со тоа да се придонесе и за квалитетот на воздухот и да се намали загадувањето.

„Најголемиот број од луѓето кои возат велосипед претходно користеле јавен превоз. Но, сега им е потребна алтернатива” - вели Маран, заменик градоначалник одговорен за животна средина на Милано.

„Пред Ковид имавме 1000 велосипедисти на главната трговска улица, сега имаме 7000”.

Покрај Милано, и други градови во Италија најавија простор анти корона: Торино 80км, Болоња 94.3км, Бари 57.15 км и Рим дури 150км.


Револуција во Париз

На повеќе од 800км од Милано, уште една метропола со визија за подобар град и заштита од корона вирусот, со повеќе од 20 милиони евра инвестирани од почетокот на пандемијата.
Тоа што се случува во Париз неговата градоначалничка го нарекува револуција!

„Највпечатливата промена е на ужасно прометната улица Rue de Rivoli, која се протега од источен до западен Париз. Некои делови од улицата сега се сосема без автомобили. Колку повеќе простор се дава на велосипедистите, толку тие повеќе ќе го користат.” – вели заменик градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, а ние не можеме посилно да се согласиме!

Резултатот на сите овие промени е зголемување на користењето на велосипед како превозно средство за 27% во споредба со претходната година. Како дополнителен стимул покрај инфраструктурата, француската влада нуди субвенции за купување и за поправка на велосипеди, како и бесплатни часови за возење велосипед.

Убави вести и за пешаците!
Дел од планот на Париз и за справување со корона кризата и за справување со загадувањето и за постигнување на климатските цели е и подобрување на условите за пешачење:

+ 230 пешачки улици;
+ 150 улици со проширени тротоари (+10 хектари пешачка површина);
+ 80 нови јавни простори;
+ обнова на постоечките големи јавни простори (Nation, Bastille, Pantheon)
+ 20 улици за деца;
+ 10 соседства „Париз дише“ без моторен сообраќај во недела и на празници.

Сите овие зададени цели не се однесуваат на нов измислен простор, туку за трансформација на постоечки улици и паркиралишта. Париз сега ги поправа грешките на автоцентричното планирање во минатото, а ние имаме многу да научиме од нив. Во нашите општини уште се прават автоцентрични улици, со широки коловози и смешни тротоари, а дополнително се толерира паркирање на јавни површини.

Фасцинантна е и бројката од 650 км велосипедски патишта кои треба да го поврзат Париз со регионот, 60 илјади паркинг места кои треба да се отстранат од градот и визијата за „град на 15 минути“. Дефинитивно сите очи се вперени кон Париз!


Берлин - простор за машини помалку, простор за луѓе повеќе, па дури и привремено

Берлин го има решението за создавање на повеќе место за велосипеди за само две недели!
Овој град веќе имал проблеми со количината на простор за велосипедисти и пешаци и во нормални услови, а тоа станало поочигледно за време на пандемијата кога од луѓето се очекува да држат растојание меѓу себе од минимум 1.5м.

Па еве ја берлинската математика:
На велосипедистите им е потребна ширина од минимум 2.5м за да возат безбедно еден до друг или да можат да се претекнат (плус вообичаениот минимум на заштитно растојание). За да се задоволат препораките за 1.5м дистанца, се што е потребно е додавање на 0.5м ширина, со што ја добиваме вкупната ширина од 3м за безбедно возење со држење на удобна дистанца. Случајно, толкава е и ширината на вообичаените ленти за автомобили на берлинските улици.

Па решението е едноставно, привремено претворање на една лента за коли во лента за велосипеди. Со обезбедениот нов простор за велосипеди, онаму каде што веќе имало велосипедски патеки тие се пренаменуваат во дополнителен простор за пешаци, со што се раскомотува и нивното движење и се овозможува запазување на дистанца. За овој зафат потребни се само боја и заштитни столпчиња, а целиот процес на донесување одлука и правење на трансформацијата е сведен на само 10 дена.

Дополнително, Берлин може да се пофали со правење на евалуација на решението по одреден период на користење, со што сите овие привремени мерки се однесуваат како тест за тоа што би му одговарало на градот во иднина.


Брисел ги повика своите граѓани да се качат на точак

Со цел да се растерети гужвата во јавниот превоз, министерката за мобилност на Брисел ги повика граѓаните да се качат на точак. Имајќи предвид дека градот не нудел доволно услови за тоа, најавени се 51 км целосно нови велосипедски коридори на главни улици и сообраќајни оски, вклучувајќи и иконични автоцентрични улици како Rue de la Loi, Louizalaan и Средниот ринг. Eдна недела по најавата, реализацијата во Брисел беше започната и резултатот изгледа неверојатно!

Цела лента за автомобили претворена во лента за велосипеди со едноставни ознаки и прегради.

Слично како Виена и Брисел во својот центар го примени ограничувањето на брзина на 20км/час а приоритетот го имаат пешаците и велосипедистите. Брзината 20км/час е брзина при која просторот можат да го споделуваат пешаци, велосипеди и автомобили.

Но, тоа не е се'! Дополнителнo, со цел поудобно пешачење и возење велосипед, во Брисел се намалени циклусите на сите семафори, па на одредени раскрсници пешаците сега чекаат 40 секунди помалку. На пешачки премини каде до сега пешаците и велосипедистите требале да притиснат копче за да се вклучи зеленото светло, тоа сега го добиваат автоматски.


Лисабон - нова велосипедска лента е секогаш добра вест

„Случајност или не, додека бевме во карантин Лисабон се менуваше. На некои места зафатите се веќе завршени, а некаде се уште траат со цел да се даде повеќе простор на луѓето.” - напиша на Твитер еден млад Португалец.

Ништо не е случајно тука!

Градот Лисабон за време на пандемијата воведува брза POP up велосипедска мрежа која ќе го опфати целиот град и линковите кои недостасуваат.

Според нивните истражувања и онака 68% од патувањата на граѓаните во Лисабон се помали од 5 километри, растојание што е совршено да се покрие со велосипед.
До 2021 година мрежата треба да изнесува 200 км од кои 76 км нови велосипедски патeки и ленти, сите издвоени.

Преку програмите „Улицата е твоја“ и „Лисабон вози точак“ градот сака да избегне сценарио во кое корисниците на јавниот превоз поради намалениот капацитет на јавниот превоз и стравот од пандемијата, ќе се префрлат на кола.
„Ако го дозволиме тоа, градот ќе се заглави, а воздухот нема да може да се дише. Тоа е дополнителен ризик за смртност од Ковид 19“ - вели градоначалникот. „Затоа преку брзи мерки ќе го намалиме просторот за автомобили, а ќе го зголемиме за пешачење и возење точак“.

Зголемувањето на велосипедската мрежа бара зголемување и на попратната инфраструктура како паркинзи и сервиси. Најавено е зголемување на бројот на паркинг места за велосипеди за вкупно 7750 паркинг места (во рамки на катните гаражи и јавни паркинзи, до станиците за јавен превоз, до јавните институции, училишта, објекти за спорт...)
Дополнително, градот најави зголемување на површината која е под ЗОНА 30.

На локации пред локални бизниси се предвидува проширување на јавниот простор на сметка на паркинг местата за автомобили (пред продавници за храна, пред аптеки итн, места каде треба да се чека).


Пешачки викенди во Зарагоза

Оваа мерка која започна да се применува во Шпанија е дел од т.н. „Пешачки викенди“ чија цел е да обезбедат поширок простор за рекреација на граѓаните, безбедно растојание и безбедност во сообраќајот.
• сите улици кои претходно биле со ограничување 30км/час предвидено е да имаат ограничување 10км/час и да бидат приоритетни за пешаци;
• сите улици кои претходно биле со ограничување 50км/час предвидено е да имаат ограничување 30км/час.

Покрај смирувањето на улиците, се прошируваат и некои пешачки зони. Овие мерки треба да им овозможат јавен простор на граѓаните особено во места со голема густина на живеење и места кои немаат големи паркови во близина. Така луѓето ќе имаат значаен дел од градот отворен за рекреација.

Градот ќе овозможи простор за физичка дистанца, а ќе им понуди и поголема слобода на движење на луѓето. Овие мерки важат од 7:30 наутро до 9:30 навечер за време на сабота и недела и се користи соодветна интервентна сигнализација.

Активностите на отворено се и повеќе од добредојдени во овој период, со цел зачувување на менталното и физичкото здравје, но потребен ни е простор за тоа да можеме да го правиме безбедно и на дистанца. Градовите треба да се прилагодат на нашите потреби!


Промените нема да се задржат без суштински ангажман

Ваков сличен бум имало и за време на нафтeната криза во 1970-ите низ светот.

Но она што може да научиме од тој бум е дека луѓето лесно може да се вратат на старите навики, а градовите и на поголема автоцентричност од претходно.

Поучна лекција и предупредување се примерите од САД и Холандија. Обете земји имале неверојатен велосипедски бум во 1970-ите, но во едната се надевале дека бумот природно ќе си продолжи, а велосипедот го третирале повеќе преку промоција како еколошко превозно средство, со некоја патека тука и таму без суштински промени, а во другата кризата ја искористиле и да го редизајнираат целосно градскиот простор, да ги променат законите и вредностите во планирањето, да ја намалат зависноста од автомобилите.

Можете да погодите каков бил резултатот во едната, а каков во другата земја. Во едната велосипедскиот бум се издишал, автомобилот се вратил со уште поголема сила, а во другата граѓаните продолжиле масовно да користат точак по освојуваниот простор како значителен дел од сообраќајот во градовите.

Ова е еднаш во генерации шанса за да ги редизајнираме нашите градови за тие да бидат подобри за велосипедистите и пешаците. Пандемијата е момент кога сите локални власти можат да ги променат своите градови. Во време кога моторниот сообраќај е намален возможно е улиците да се реорганизираат. Брзото создавање на простор за возење велосипед и пешачење ја дава можноста за тестирање на различни решенија, нивна проценка и адаптација. Ова е одлична можност да се покаже како град со сеопфатна велосипедска мрежа може да изгледа и функционира.

Времињата на кризи се и време за промислување и прогресивни чекори.

Да ја искористиме оваа можност за креирање на ново нормално! Можеме да почнеме од улици кои се побезбедни, поздрави и погодни за социјализација. Помалку автомобили за да можеме да ги слушнеме птиците. Почист воздух за децата. Градови за луѓе.

Приспособено од: На точак

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото