Среќен ти роденден, македонска државо!

30.11.2020 18:01
Среќен ти роденден, македонска државо!

 Деновиве пречесто, ко есенска мува, ми упаѓа в глава една банална мисла, што потоа тивко ја превртувам и тркалам од грб на лице, па налево и надесно, несвесно како што тоа човек го прави со мазно камче в раката, или со безвредна паричка што му се нашла в џебот. А, се работи за една од најизабените „умни“ мисли, што без усул и мерка… и, да скратам – се работи за познатата изрека дека „политиката е уметност на можното“. Велам, мислата е здодевна ко мува, и тоа не заради својата баналност, туку благодарејќи и на својата тотална погрешност.

Ништо во неа не е точно: ниту политиката е уметност – барем не во денешната смисла на зборот – а ниту пак има смисла дека нејзината цел е можното. Зашто, сѐ што се случило било можно, па важи и дека буквално сѐ што ќе се случи ќе биде во класата на можни нешта. Гола досада и тривијалност, што не може да го оправда ниту времето потребно за таа да се изговори.

Фекална граната

На истава тема Тејард де Шарден напишал нешто околу што човек може да се замисли: негово е дека сѐ што е можно се има веќе случено. Тоа е веќе мисла. А, и од нашава изабена може да се искомбинира нешто попаметно, нешто што има вистинска примена тука, на Балканот. Како на пример: политиката е вештина да се постигне она што се чини невозможно. Мм-да, можеби стасав до поверодостојна изрека, но не успеав да ја одлепам ни милиметар од мазното дно на баналноста, на кое онаа претходната е веќе одомаќена. Но, без оглед на баналноста, вештината да се оствари она што сега се чини невозможно – а тоа е откочувањето на проектот на нашите евроинтеграции по бугарското вето – ќе ни треба во огромни количини и нам, и на бугарските и на европските политичари.

Многу, многу добра волја, вештина и мудрост – политичка и дипломатска, се разбира – ќе биде потребно за да се санираат последиците по европските стратешки определби за проширување, после фекалната граната со која бугарскиот политички врв го разнесе единствениот пат кон Европа по кој – со тешки маки, опструкции и застои, но одлучно и упорно – чекориме веќе три децении.

А, кога сме веќе кај тетеравењето по нерамниот пат кон Европа, генијалниот Тејард де Шарден има напишано нешто што може да ни е од вистинска помош. Вели тој: „Еволутивните појави (се разбира, вклучувајќи го и феноменот на човекот) се процеси коишто никогаш не можат да се вреднуваат, та дури ни соодветно да се опишуваат единствено од аспект на нивното потекло: тие мора да бидат дефинирани од нивниот правец“. Оваа генијална мисла јасно укажува дека нашиот пат кон Европа не може да биде дефиниран од сопки, петарди, кори од банана или лизгави лајна и други смрдеи, фрлени од околу со цел да ни го попречат одот, туку дека правецот кон Европа – и нашата вистинска посветеност за самоизградба додека го одиме – се вистинските показатели за вреднување на нашите историски определби и придвижувања.


Но, за да се повлече еден правец – тоа го знаеме од Еуклидовата геометрија – мораме да имаме две точки што ќе го дефинираат. Математичката апстракција наречена Европа е едната – втората – точка, проектирана некаде во незнајната иднина, додека почетната прва точка е цел век назад, во нејасното и треперливо минато, каде што почнува да се трасира линијата на нашето историско државно настанување. И, да се потсетиме: дефинирањето на елементите на нашата државност не се случило на еден датум – најомразениот датум за целиот современ бугарски политички состав – на 2 август 1944, туку тоа се состои од повеќе датуми, како мониста нанижани на нашиот историски правец. Датумите што клучно го одредуваат историскиот правец за остварување на нашата држава се без исклучок испишани со крвта и животите на многумина; тие се обвиткани во чадот на двете најголеми војни во историјата, заглушени во татнежот на огненото оружје; тоа се датуми на визионерски проекти, храброст, одлучност и големи заложби, сите случајно згуснати на крајот на месецов и сите званично заборавени од нашата држава.

Првиот датум на кој треба да се сеќаваме е 1 декември 1918 година, денот кога е прогласено основањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кога е создадена државата подоцна наречена Југославија. Будалите веднаш ќе се побунат на ова спомнување – па тоа било кралство, па окупација и однародување на македонците и т.н. – но на овој датум биле дефинитивно исцртани нашите денешни граници со Бугарија, Грција и Албанија. И конечно, на истиот датум, во повеќеетничката уставна либерална монархија беа создадени единствените услови во вселената што подоцна ќе доведат до создавање на македонската држава во денешниве граници. Денес тоа го знаат сите со повеќе од 32 неврона во мозокот (а грчките и бугарските пријатели не пропуштаат да нѐ потсетат), дека остварувањето на македонската држава не ќе беше никогаш можно на територијата на овие две пријателски соседни земји. Таму не се признаваат ниту малцинствата, а камоли остварувањето на „вековните аспирации“ на македонскиот народ за сопствена држава. Така што, македонската држава можеше да се оствари само во Југославија – и никаде на друго место во целата вселена – па 1 декември не треба да се заборави, макар како точка во низата што го дефинираше правецот на нашиот настанок и развој.

Зелки македонски

Вториот датум е 27 ноември 1942 година, вториот ден од Првото заседание на АВНОЈ во Бихаќ, кога е донесена Резолуцијата за основањето на АВНОЈ – антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија, со што е воспоставено општонародното политичко претставништво на народноослободителната борба во целата земја, чиишто „претставници од сите земји и народи на Југославија собрани во ослободениот Бихаќ“ ќе одлучуваат во име на „највисокиот политички израз на цврстото единство на народите на Југославија“. На 27 ноември 1942 година е воспоставена владата на идната Југословенска Федерација во која ќе бидат остварени „вековните аспирации“ на македонскиот народ.

И, третиот датум – од најголемо значење за македонската држава – е 29 ноември 1943 година, кога се одржа Второто заседание на АВНОЈ, на коешто се донесени одлуките со кои е основана југословенската федерација и, се разбира, со кои е основана и македонската држава како република во составот на федерацијата. Во Одлуката број 3 на Второто заседание – за првпат во историјата на вселената по Големиот Трескот! – во еден државно конституционален документ е уредено основањето на македонската држава и признаен македонскиот народ како посебен државотворен национален ентитет, со што 29 ноември стана вистинскиот роденден и на македонската република и на југословенската федерација!

Се разбира, овие редови ги пишувам веќе рутински, по системот „ко о чему – баба о уштипцима“, како потсетник за сите нас – зелки македонски – што во редот на државните празници славиме куп верски и други датуми без никакво значење за државата, а 29 ноември – нејзиниот вистински роденден – упорно и тапоглаво го премолчуваме и му го препуштаме на заборавот.

Да бев злобен, ќе напишев дека ќе го заслужуваме секое оспорување, сѐ додека и самите не почнеме да ги чуваме и паметиме, и престанеме да ги оспоруваме сопствените идентитетски темели. Но, нема, зашто не сум.


Слики: Зоран Кардула, Во чест на југословенскиот дизајн

Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото