Цивилизирање на најдобрите луѓе на светот

22.08.2023 10:06
Цивилизирање на најдобрите луѓе на светот

Симболичниот и суровиот почеток на глобалниот поход на либералниот капитализам паѓа точно во славната 1492 година, кога Колумбо наместо во Индија – каде беше тргнал – по грешка стасал до Карипските Острови. Откритието на двата американски континента, на кое му следеше походот во поробувањето и во експлоатацијата на старата, но неистражена Африка, колонизацијата на Индо-пацифичките земји на Азија и, конечно, на Австралија го смени до непрепознатливост светот и ги предестинира глобалните прераспределби на моќта и на богатството, буквално до денешните денови.

Едноставната формула на глобализациските процеси во „цивилизирањето“ на новооткриените континенти што првите претприемачи на европскиот либерален капитализам ја применија во последните години од 15 век, и во векот што следеше, беше применувана потоа и на сите други места на Земјината топка.

Рецептот е толку едноставен што никој не можеше да устои, а да не го примени. Првин се врши истребување на домородното население (во американскиот случај станува збор за вистински геноцид на кој му нема рамен во историјата, во кој исчезнаа според последните процени околу 56 милиони човечки души) за потоа да се освои и присвои сета земја. Потоа се организира беспоштедно ограбување и експлоатација на општите добра, односно на сите богатства на земјата – на луѓето и живиот свет, почвата и минералите, водата и воздухот. Потоа следува воспоставување на империјалните граници на украдените континенти и на крајот се воведува владеење на правото.


Увидот во почетоците на глобализацијата ги прави лесно видливи нејзините основни структурални својства: правната држава во либералниот капитализам има задача со закон и со монопол на употреба на сила да го сочува украденото богатство кај малкутемина што се покажале како најуспешни во најголемиот претприемачки потфат на сите времиња.

По оваа иницијална фаза на најслободното претприемништво во историјата, почнува зрелата фаза на либералниот капитализам, исполнета со државно институционализирана експлоатација и грабеж, колонизација и индустриско поробување и ропство, за на крајот од оваа фаза да почнат империјалистичките војни во кои големите актери – империите – се обидуваа да извршат меѓусебна прераспределба на пленот. Првите големи империјални војни ги почна француската империја под Наполеон Бонапарта, па во втората половина од 19 век светот го завладеа британската глобална империја, која по банкротот во Првата светска војна факелот на планетарната суперсила им го предаде на Соединетите Американски Држави, коишто го држат и мавтаат со него до денешен ден.

Иако за миг изгледаше дека создавањето на националните држави во 19 и 20 век, деколонизацијата и ослободувањето на поробените, заедно со двете империјалистички светски војни, претставува завршна фаза од либерално-капиталистичкиот империјализам, почеток на ерата на глобалниот социјализам и на капитализмот „со човечки лик“, односно социјалдемократскиот капитализам, излезе дека суровиот либерален капитализам повторно се роди и тоа во својата глобално најуништувачка форма како неолиберализам.


Некаде во осумдесеттите и во раниот почеток на 21 век почна фазата на неолиберализмот што, колку и да е различна од својата прва „девствена“ фаза на либералното истребување цели народи, во некои свои основни својства е сосем иста. Тоа е, за жал, фазата што ја следиме секој ден на нашите екрани.

Но, да се вратиме малку на првата „девствена“ фаза од глобализацијата за да ја видиме самата суштина на судирот на европските цивилизациски вредности со „примитивните“ општества на ловци-собирачи или на хортикултурни и рурални заедници, каде особено воочлив е токму судирот на хуманите културни вредности. Во „Цивилизирани до умирачка“ Кристофер Рајан ни дава цитат од Колумбовите први импресии и мисли по неговите контакти со народот Таино, кој ги населувал практично сите Карипски острови. Веднаш по првите средби со домородците, Колумбо им напишал писмо на шпанскиот крал и кралица (кои ја финансирале неговата мисија) во кое ги опишува луѓето што ги „открил“: „Тие се многу едноставни и чесни… и никој од нив нема да одбие да ви даде што годе да има доколку му побарате. Искажуваат поголема љубов кон сите други отколку кон самите себеси“. Во истото време во својот дневник напишал дека „тоа се најдобрите луѓе на светот и, пред се, најнежните, зашто не познаваат никакво зло, не убиваат ниту пак крадат… ги сакаат ближните свои како самите себеси и постојано се смеат“. Неколку страници потоа, Колумбо – мирно и со чиста совест, воден од христијанските европски вредности – го напишал, како што вели Рајан, ужасниот мисловен пресврт што кај читателите не може да не предизвика морници. Пишува тој: „Тие би биле добри слуги. Би било доволно само педесет луѓе сите да ги покориме и да ги натераме да работат што и да посакаме“.


Настаните што следеле додека Колумбовото мастило уште се сушело би требало да му се познати на секој човек на планетава, но нивната природа и динамика и, се разбира, нивните поуки, ме тераат повторно да ги раскажам. Елем, Колумбо бил опседнат од своето ветување дека на Шпанското кралство ќе му однесе товари злато од новооткриените земји, па вовел систем на изнуда според кој на секој возрасен Таино домородец му била одредена невозможно голема квота злато што морал да ја изнајде и да му ја предаде на шпанскиот претприемач и прв пионер на либералниот капитализам. На оние што немало да можат да ја исполнат квотата им биле отсекувани рацете, па настанал вистински пекол во кој „најдобрите луѓе на светот“ масовно бегале во планините, умирале од глад и болести и, буквално илјадници, се труеле себеси со касава за да си ги скратат маките. За само две години 100.000 од вкупно 300.000 Таино луѓе биле убиени или самоубиени, до 1508 година останале во живот само 60.000, а деценија подоцна е запишано дека ги има уште само стотина или две, за недолго потоа веќе да им нема трага на планетава.

Иако неолиберализмот – како и сите претходни појавни облици на либералниот капитализам – во потката на своето маестрално пропагандно труење на човештвото тврди за либералниот капитализам дека е форма на природно опстојување на човештвото низ слободно производство на стока, слободен пазар и фер натпревар без вмешување на владите, тој секогаш и без исклучоци ја користи воената моќ на империјалната држава и присилата како најсилен аргумент во „фер“ воведувањето на монополистичка хегемонија и експлоатација. И, згора, сите негови походи имаат силна „цивилизаторска“, мисионерска и „ослободувачка“ аура, та империјалните војни секогаш се водат во име на најсветлите идеали, Слободата и Доброто и секогаш со Бога на нивната страна.


Една година од почетокот на „ослободителната војна“ што го уништи ирачкото општество и им ги одзеде животите на повеќе од милион мажи, жени и деца, претседателот Џорџ В. Буш објави дека „мирниот свет на растечките слободи долгорочно им служи на американските интереси, ги одржува трајните американски идеали и ги обединува сојузниците на Америка“, при што „човештвото ја има во свои раце шансата да им го понуди триумфот на слободата на сите свои вековни непријатели“ и заклучува дека „Соединетите Држави со радост ја поздравуваат својата одговорност да го преземат водството во оваа грандиозна мисија“. Оваа реторика е вткаена и во малку подоцна донесената Националната одбранбена стратегија (US National Defense Strategy) која, патем, и денес е на сила, а претседателот ја објави со свеченото ветување дека „слободата е дар од Севишниот на секој маж или жена на овој свет“, а Америка „како најголемата сила на Земјата има обврска да го потпомогне ширењето на слободата“.

По военото уништување на Ирак, во годините што следеа, Пол Бремер, тогаш шефот на Коалиционата привремена управа на Ирак, ги објави основните наредби за „ослободување“ на ирачкиот народ и потенцијалите на нацијата низ мерките на мисионерскиот неолиберализам: целосна приватизација на јавните претпријатија, приватизација и комодификација на јавните добра и на природните ресурси, гаранција на своинските права на странските фирми над ирачките добра, целосна репатријација на странските профити, ограничување на синдикалното организирање и забрана на штрајковите… со еден збор ширење на слободите во најслободните од сите неолибералистички манири.

Оваа синкопирана историска басна мора да прекине без драматичен заклучок или поука, но човек не може а да не се израдува во себе, макар кришум и со скромна доза на срам, кога ќе види дека неолиберализацијата што нè тресе, меша и меси сиве овие триесет години, заедно со арамиската приватизација на општествените добра и неолибералистичкиот фашизам на Вемерето, беше многу помилозлива со нас отколку со многу други. И дека и не ни е толку лошо колку што рикаме катаден и дека е срамота кога нашето врескање непристојно ги вознемирува „ослободените“ души на жртвите на либералниот капитализам.


Стрип кадри: Frank Thomas - The Eye (1939)
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото