Германија го зголеми буџетот за култура за 155 милиони евра

02.12.2020 16:04
Германија го зголеми буџетот за култура за 155 милиони евра

Германија најави значително зголемување на финансирањето на културата во 2021 година, бидејќи се обидува да го реанимира својот културен сектор по годината што беше обележана со откажувања, карантин и намален број на посетители.

Парламентарниот комитет одобри национален буџет од 2,1 милијарди евра за култура во 2021 година, што е зголемување од 155 милиони евра во однос на претходната година. Потребно е уште одобрување од горниот дом во парламентот, но се очекува тоа да биде ратификувано на 1 јануари 2021 година.

„Инвестираме во германската културна инфраструктура и со тоа го насочуваме погледот кон иднината“, рече министерката за култура, Моника Гритерс. „Оваа силна посветеност на парламентот кон културата и медиумите е главен сигнал во овие тешки времиња“.

Ќе бидат финансирани повеќе од 100 проекти, речиси 85 милиони евра ќе бидат наменети за реновирање на „Бајрот Фестпилхаус“, театар во кој се изведуваат оперите на Вагнер. 

Со посебни грантови ќе бидат финансирани различните категории уметници. 

Покрај тоа, со вкупно 1,75 милиони евра ќе се финансираат проекти кои се однесуваат на колонијалната историја на  Германија. Околу 1,5 милиони евра се издвоени за „Германската фондација за изгубени уметности“ (Lost Art Foundation), која нуди грантови за институции кои ги истражуваат уметничките дела ограбени од нацистите, судбината на делата од колонијална ера, како и дела конфискувани од поранешната Германска демократска република.

Германскиот град Кемниц ќе добие 25 милиони евра за помош за различни програми, бидејќи планира да се кандидира за европската престолнина на културата во 2025 година.

Музеите и галериите во Германија поминаа голем дел од годината во карантин. По краткото отворање на крајот на пролетта, тие беа повторно затворени на почетокот на ноември и така ќе остане до најмалку 22 декември. За нив се планирани посебни грантови.  

Германија е речиси на исто ниво со неодамна објавениот буџет на Европската унија за култура: 2,8 милијарди евра што треба да се распределат во следните седум години. Велика Британија, пак, за 2021 година издвои 320 милиони фунти за нејзините уметнички институции.

Извор: news.artnet.com