Сиромашните и вакцините

01.02.2021 12:30
Сиромашните и вакцините

Шеесет милиони дози на вакцини против Ковид-19 веќе се дадени ширум светот. Тоа е добрата вест. Има ли лоша? Вкупниот број на луѓе од Африка кои се досега вакцинирани би можеле да се соберат на горниот кат од еден лондонски автобус. Според податоците на Светската здравствена организација од 21 јануари, на целиот континент од 1,3 милијарда луѓе, вакцинирани се само 25 луѓе. Тие дваесет и петтмина од Гвинеја се единствените вакцинирани жители од сите држави во светот со ниски примања.

Некои држави со средни примања, пред сè Индија започнаа амбициозни програми на вакцинација, но сиромашните ја изгубија трката. Механизмот Ковакс е воспоставен за широка пристапност на вакцините. Се тврди дека од производителите веќе се обезбедени 200 милиони дози, а се очекува дека ќе се добијат вкупно две милијарди дози. Досега, уште ништо не е испорачано.

Дел од проблемот претставува правењето залихи. Најбогатите земји нарачале повеќе од четири милијарди дози, често плаќајќи повеќе за да се протуркаат преку ред. Тоа значи дека 16 отсто од светската популација добиле 60 отсто од вакцините. Канада нарачала вакцини доволни пет пати да ги имунизира своите жители.

Не треба да се занемари ни неспособноста на владите, за што пример е Јужна Африка, како и недостигот на инфраструктура за дистрибуција. Но проблемот главно се сведува на неуспехот на системот заснован на профит во околности на голема општествена неволја.

Некои сиромашни држави беа приморани да влезат во директни преговори со фармацевтските компании. Така, Јужна Африка нарачала 1,5 милион дози од вакцината Оксфорд – АстраЗенека, но ќе ја плати 5,25 долари за доза што е двојно повеќе од цената што ја плаќаат Европјаните.

Изработката на вакцините против ковид е сведоштво на научната генијалност. Меѓутоа, нејзината скандалозна дистрибуција е демонстрација на бесрамниот морален слом.

Извор: The Guardian, 24.01.2021 г.