Како богатите држави ќе го дефинираат постпандемискиот свет

04.09.2021 12:44
Како богатите држави ќе го дефинираат постпандемискиот свет

Бројот на дози на вакцина против ковид, што ја примиле граѓаните од богатите земји е поголем од вкупното население во тие земји - во просек по 105 дози на 100 луѓе. Во сиромашните земји, тој сооднос е само две дози на 100 луѓе. Таа разлика најверојатно ќе го дефинира постпандемискиот свет.

Многу се расправа за нееднаквостите што ковидот ги направи очигледни, и внатре во државите и меѓу нив. Парадоксално, токму сега кога почнуваме да воспоставуваме контрола врз вирусот, нееднаквостите се уште повидливи.

Малку е веројатно дека овој вирус ќе биде искоренет. Поверојатно е дека стане ендемски и дека повеќето зпадни држави успешно ќе го зауздуваат. Но не и сиромашните земји. Триесет најсиромашни држави во светот, кои заедно имаат скоро милијарда жители, во просек вакцинирале едвај 2 отсто од популацијата. Во Демократска Република Конго тој процент изнесува 1 %, во Хаити 0,24 %, во Танзанија 0,36 отсто. Во тие држави „животот со вирусот“ ќе значи нешто многу поразлично од она што ќе значи на запад.

Политиките на богатите дополнително ќе го отежнат животот со вирусот во најсиромашните земји. До крајот на оваа година, клубот Г7 - односно најголемите светски економии ќе имаат резерви од речиси милијарда дози на вакцината против ковид; Велика Британија веќе има повеќе од 200 милиони. Тие залихи на членките на клубот Г7 би биле повеќе од доволни да се вакцинира целото население во субсахарска Африка.

Иронијата е во тоа што многу сиромашни земји покажуваат значително повисоко ниво на доверба во вакцината, но не можат да ја обезбедат за заедниците кои сакаат да бидат имунизирани, додека во многу земји што складираа големи количини на дози, луѓето се многу поскептични кон вакцината. Еден од авторите на студијата за глобалниот сомнеж кон вакцина забележува дека „давањето предност на дистрибуцијата на вакцината на глобалниот југ донесе голем напредок во глобалната имунизација“. Но, во систем во кој распределбата на вакцините зависи од длабочината на џебот, логиката и потребите немаат големо влијание.

Приказната за Ковидот го соголува проблемот на глобалната нерамноправност. Тој проект кој заедно го покренаа Светската здравствена организација, Глобалната алијанса за вакцинација (GAVI) – кампања за зголемувањето на пристапот до имунизација во сиромашните држави и Коалицијата за иновации во областа на одговор на епидемијата, тежнее кон праведна распределба со помош на снабдување на 92 држави со низок или среден доход. Досега испорачани се само неполни 10 отсто од ветените две милијарди дози.

Една од причините е што побогатите земји успеаја да го истуркаат Ковакс од пазарот на вакцини и му ја отежнаја набавката на доволен број дози. Апсурдот да биде поголем, откако го истуркаа Ковакс и ги зазедоа првите места во редот за вакцини, многу богати држави купија вакцини преку тој проект наспроти намалените резерви. Велика Британија, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Саудиска Арабија и Катар купија стотици илјади дози на Ковакс вакцините. За таа скандалозно себична постапка малку се зборува.

Со исклучок на неколку жаришта, африканските земји до неодамна имаа релативно мал број заразени и мртви, но ова можеби не ја одразуваше реалната слика за вирусот на овој континент, туку лошото собирање на податоците. Сега ситуацијата брзо се менува. Во моментот кога делта сојот во голема мера во Европа е под контрола, бидејќи вакцинацијата ја ослабна врската помеѓу инфекцијата, болеста и хоспитализацијата, делта ковид беснее во субсахарска Африка.

Поголемиот дел од британското население е ревакцинирано, па сепак некои болници сè уште се под значителен притисок. Замислете како мора да е во земји како Демократска Република Конго или Танзанија, каде што помалку од половина процент од населението е вакцинирано и каде здравствената инфраструктура едвај функционираше дури и пред пандемијата. Покрај тоа, ковидот го намали капацитетот на таквите земји да се справат со други ендемски болести. Едно истражување сугерира дека бројот на смртни случаи од сида, туберкулоза и маларија во следните пет децении може да се зголеми за 10, 20 и 36 проценти, во однос со очекуваниот број без кризата со коронавирусот.

Покрај непосредното влијание врз здравствениот систем, тука е и долгорочното влијание врз пост-пандемиското закрепнување. ММФ предупреди за „влошување на заздравувањето поради драматичните разлики во достапноста на вакцината“. Не само што сиромашните ќе страдаат од ковид, туку уште повеќе ќе страдаат од премногу бавното закрепнување од ковидот.

Уште поподмолно е дека пандемиските политики ќе ја зголемат физичката сегрегација на светот. Богатите нации веќе живеат во оградени заедници, со Тврдината Европа, Тврдината Британија, Тврдина Австралија кои се замислени да спречат влез на оние од сиромашните нации, мигрантите и бегалците. „Преместување“ е постапка што значи инсистирање на нерегуларните мигранти и баратели на азил да бидат процесуирани не на местото на пристигнување, туку во трета земја и сега е вообичаена практика на Запад. Соединетите држави се однесуваат така дури кон авганистанските бегалци.

Во постпандемискиот свет дефиниран со ковид пасошите и карантините, таквите политики ќе станат уште понемилосрдни. Минатата недела, грчката полиција барала од нерегуларнте мигранти да платат казна од 5.000 евра веднаш штом се симнале од бродот заради тоа што направиле ковид тест. Очигледно бесмислен потег, смилен повеќе да понижи и да заплаши, отколку да наметне дисциплина заради опасноста од ковид. Јавноста негодуваше и полицијата се повлече. Сепак, можевме да насетиме каков ќе биде светот што доаѓа, во кој стравовите од ковид ќе станат изговор за наметнување на строги дискриминаторски правила.

Од туберкулоза до СИДА, постои долга историја на власти кои го користат стравот од болести како форма на контрола на имиграцијата за да ги задржат несаканите подалеку од нивниот праг. Во светот поделен помеѓу вакцинираните богати и невакцинираните сиромашни, многу не-западни земји се на „црвената листа“ по повеќе основи.

Всушност и личниот интерес диктира обезбедување глобална вакцинација. Големите невакцинирани популации ја зголемуваат веројатноста за појава на нови видови, што може да ја ослабне ефикасноста на постојните вакцини и да ги направи дури и имунизираните популации поранливи. Себичноста не им штети само на другите, барем во овој случај, оди и против личниот интерес.

Нееднаквоста придонесе кон дефинирањето на пандемијата и најверојатно ќе го дефинира пост-пандемскиот свет во уште поголема мера. А за тоа се заслужни одлуките засновани на ставот: „Важно е ние да сме добро“, кои ги носат политичарите во богатиот свет.

Илустрации: Dominic McKenzie

Извор: The Guardian