Дали престојот во природа навистина помага во закрепнување на психата?

31.03.2021 01:27
Дали престојот во природа навистина го помага закрепнувањето на психата?

Од самиот зачеток терапијата се посматра како нешто што се случува исклучиво внатре, во четири ѕида, на кауч или во удобни столици, додека во самиот фокус е односот помеѓу терапевтот и клиентот. Излегувањето во надворешниот свет е резервиран исклучиво за бихејвиорални терапевтски интервенции, како во случајот со фобиите.

Меѓутоа, одреден број терапевти пионери почнаа да изведуваат терапевтски сеанси надвор, во различни опкружувања - паркови, шуми, градини - а сѐ со цел да се искористат психолошките и физиолошките бенефити кои ги нуди самата природа. Во сеансите таа или е интегрирана во терапијата (разговор за градинарство или планинарење) или е само пасивна позадина (седење или прошетка во природа со разговор), и во ваков случај внесува нова димензија и помага да се воспостави терапевтски однос.

Рани докази за лековитото влијание на природата пружи десетгодишната студија на Роџер Улрих која покажа дека болничките пациенти со поглед кон природата побрзо закрепнуваат од оние чиј прозорец гледа кон асфалт. Анегдотските и квалитативните податоци сугерираат дека отворениот простор позитивно влијае на менталното здравје (тоа ни го покажа пандемијата), го намалува стресот и ги подобрува расположението, концентрацијата, самодовербата. Тука некаде ѕирка и хипотезата за биофилијата која вели дека постои вродена врска помеѓу луѓето и природното опкружување. Дури и Фројд сметаше дека на некои негови пациенти им е полесно да се опуштат и отворено да зборуваат за она што ги мачи на зелените површини во Виена.

Екопсихологијата е сѐ попопуларно движење или идеологија која се обидува да ги „лекува“ луѓето така што психолошки ги доведува во блиска, спиритуална врска со природата. Во основата е верувањето дека сме се отуѓиле од природата и дека урбанизацијата доведе до нарушувања кои ги нарекуваат „дефицит на природата“ и дека нештата се особено сериозни во градовите на кои им недостасува зеленило. Верата во моќта на природата доведе до бројни практики како што се терапијата со прошетка, хортикултуралната терапија, „капењето во шума“... Постојат дури и посебни алтернативни терапевтски интервенции развиени во деведесеттите години од минатиот век, кои се фокусираат на недопрените делови од природата, па имаме терапија во дивина и авантура терапија. Суштината е во тоа дека прифатливото ниво на стрес и предизвик, чувството на непознато, ризикот кој го носи изложеноста во природата, би требало да нѐ извлече од зоната на комфорот и да нѐ фрли во зоната на личниот развој и преземањето иницијатива.

Сепак, се водат дебати по прашањето дали терминот за терапија е применлив на сите овие практики зашто е потребно да се постави јасна разлика помеѓу она што го има терапевтското дејство и она што претставува терапијата сама по себе. Во таа смисла, се предлага терминот „терапија со природа“ во случаи кога стандардната, традиционална терапија водена од лиценциран терапевт се случува во природно опкружување, а „терапевтската авантура“ или „природните искуства“ за терапевтско користење на природата без присуство на терапија во нејзината вистинска смисла. Исто така, за сето ова сѐ уште не постојат „стандарди“ и „лиценци“.

Кога зборуваме за „терапија со природа“ основна недоумица е како да се процени за кого е поволна? Истражувањето направено на примерок од 322 психотерапевти од различни терапевтски правци и 163 клиенти кои биле дел од ваквиот вид терапија, се обиде да даде одговор и да понуди рамка за најдобра практика. Основното нешто до кое дошле е дека терапевтот сам треба да процени дали клиентот сака да работи во природа и зошто, дали тоа е физички и психолошки сигурна средина, кои ќе бидат дополнителните бенефити, дали тоа му одговара на проблемот и како природата воопшто се вклопува во планот за опоравување на клиентот.

Генерално, испитаниците известувале дека природата го зајакнала терапевтскиот однос, особено заради помалиот дисбаланс на моќта; дека терапевтската средба била „побогата“, комуникацијата полесна, со дополнителна поврзаност со светот околу себе. Потенцијалните проблеми со кои се соочуваат терапевтите вклучуваат непредвидливост и дистракции кои можат да влијаат на работата, како и отежната гаранција на етичноста на процесот и доверливоста. Секако, терапијата со прошетка не е поволна за сите теми, особено кога е во прашање некоја траума, кога е потребно да се создаде сигурно место што е многу полесно во затворениот терапевтски простор кој е интимен и предвидлив. Севкупно, некои терапевти сметаа дека поврзаноста со природата го забрзува опоравувањето, додека други сметаа дека нема голема разлика во однос на затворениот простор така што тоа е главно задоволителна алтернатива. Со добра терапевтска проценка на оправданоста од таков вид сеанси, не може да се наштети но и не мора да значи и дека повеќе ќе помогне од традиционалната пракса.

За разлика од овие терапевтски пионери, постои друга група стручњаци кои се плашат од медикализација на природата, поточно се плашат целата таа приказна да не отиде предалеку. На пример, пред 5 години беше објавено истражување во списанието Journal of Environmental Psychology кое го опиша експериментот на студентите кои седеле пред компјутер и добиле задача пет минути да го фокусираат своето внимание. Кога вниманието опаѓало, имале можност 40 секунди да погледнат во празен покрив или во покрив прекриен со зеленило. Се покажало дека дури и толку кратка „зелена“ пауза доведува до когнитивно опоравување, а резултатите се појавија насекаде во медиумите со сугестија како да се уреди деловниот простор за да се зголеми продуктивноста. Постои само една финта е тоа е дека студентите воопшто не гледале низ прозорец туку во фотографии со зелен покрив на монитор. Толку од природата!

Додуша, една друга студија покажа дека „виртуелниот контакт со природата“ е подобар отколку никаков контакт со природата, но авторите јасно нагласуваат дека многу суштински нешта се губат во преводот. Исто така се појавуваа совети дека ако во раката држиме земја 20 минути, бактериите од земјата позитивно влијаат на расположението и практично на тој начин земјата е антидепресив. Повторно, се покажа дека заклучокот е изведен од студија со глувци каде одредена бактерија која се наоѓа во земјата го зголемила нивото на серотонин во мозокот на глувците. Преголем скок кон заклучок, имајќи предвид дека се работи за прелиминарна студија.

Деновиве е невозможно да се избегне приказната за пандемијата (а намерно не го споменувам таканареченото „ново нормално“) и како токму во оваа ситуација кога сигурноста веќе не е во туѓата соба, терапијата со прошетка делува како сосема прифатлива алтернатива за скајп терапијата (која исто така не е без контроверзи). Сѐ се промени, па зошто не и начинот на кој ја согледуваме терапијата?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Mioke 

Извор: http://www.psihobrlog.com/