Сивото телефонче на влезот во Министерството за култура

12.04.2021 13:47
Сивото телефонче на влезот во Министерството за култура

Денес бев во Министерството за култура, да го подигнам годишниот Договор. Понижувањето, на кое се изложени сите луѓе (главно културни работници) што влегуваат таму (особено последнава ковидска година) - продолжува, не запира, се интензивира.

На пример, за да го викнете службеникот со вашите документи мора да ѕвоните преку фиксен телефон поставен на влезот. Иако, од аспект на протоколи за пандемија, тоа решение е страшно ризично зашто само во еден ден на тој телефон ќе вртат минимум педесет луѓе; голема е веројатноста барем пет или десет од нив да имаат ковид. На забелешките дека на тој начин ставаат во ризик стотици луѓе од Министерството за култура одговараат: „Тоа е наредба на министерката“. Зошто портирот, кој е заштитен со стакло и сместен во посебна просторија, не им ѕвони на службениците? Се разбира, „зашто министерката тоа го забранила“. Притоа, јасно, ретко кој од нас клиент(к)ите го добива одговорниот службеник/службеничка, така што агонијата трае, а корисниците на валканото фиксно телефонче се умножуваат и прават дополнителна гужва.

Но, оваа агонија во засилена форма трае најмалку една година. Со месеци никој во Министерство не одговараше на мејлови и телефонски повици. Драматично доцнеа сите исплати на дамна завршени проекти (нам уште не ни се платени сто илјади денари од 2019, од проектот „Новиот бран“, како што никогаш не ни беа исплатени ни одобрените 350 илјади денари за порталот Окно за 2017; сето тоа, без одговор, без правна логика, без одговорност, беше проголтано во мистериозните дупки во Министерството за кои ретко кој знае било што - барем така велат преданијата); а за сето време, велам, поединците и организациите беа третирани како потенцијални криминалци на кои неодамна им беа испраќани и финансиски полиции.

(Да потсетиме: за време на груевизмот дигнавме оправдана општа паника кога разноразни државни инспектори го нападнаа ФООМ и разни НВО организации блиски до ФООМ или критички расположени спрема лудилото и криминалите на груевизмот. Можно е дури тој гест на застрашување од страна на власта тогаш да доби и меѓународна осуда. Сега, за користењето слични застрашувачки методи, никој не се буни. Ми се чини, со право не се буниме, зашто стана бесмислен било каков протест во земјава - до тој степен е обесмислена јавната грижа, грижата за заедницата. Ковидот ја претвори државата во предаторска, исклучиво кон себе свртена - како да не беше доволно кон-себе-свртена и корумпирана и партизирана сите овие децении.)


Во истиот дух на третирање на корисниците на буџетски средства како потенцијални криминалци се направени и Договорите меѓу Министерството за култура и организациите и поединците чии проекти биле одобрени на националниот конкурс. Сите права, сите членови на тие Договори го штитат Министерството! И му даваат неограничен маневарски простор. Односот меѓу двете страни е тотално нерамноправен и понижувачки и во правна и во психолошка и во естетска смисла.

Ако веќе таа некаква креативна елита на земјава не е третирана со посебна почит, грижа и внимание, зарем е претерано барањето само да не биде третирана како криминална?! Почитувањето, се разбира, го заслужува секој граѓанин на земјава, по било кој повод, во однос со државата. Но, Министерството за култура би требало да предничи во тој поглед, поради природата и смислата на своето постоење. Самите тие, нивните служби и комисии, ги прогласиле проектите „за национален интерес“. И дотолку е поневеројатно луѓето што се носители на тој јавен интерес да бидат понижувани при секој контакт со Министерството.

Ова не го зборувам од лично име. Напротив, моето лично мислење е дека ваквите писанија главно се бесполезни и често себепонижувачки. Дека често, за жал, симболизираат очај наместо вера и храброст. Дека само го зголемуваат недостоинството на кое сме изложени, сите комплет. Ова, значи, повеќе го зборувам во името на десетици луѓе чии гневни гласови деновиве ги слушам, главно по мејл. И го зборувам, ако ништо друго, барем за да не закачат ковид стотици луѓе кои деновиве ќе мораат да вртат од валканото сиво неупотребливо телефонче при влезот на Министерството за култура.

Слики: Вася Ложкин

 

ОкоБоли главаВицФото