Теоријата на заговор како невидлив затвор

08.05.2021 10:23
Теоријата на заговор како невидлив затвор

Верувањето во теории на заговор дига бедеми на невидлив затвор.

Овој исказ е применлив и кога теориите на заговори се поимани како општи системи на верувања, но и кога тие се разгледувани како поединечни и лични убедувања. Ако се сместени во поширока концепциска рамка, верувањата во теории на заговор потсетуваат на „тврди“ идеолошки или религиски системи. Тие се одликуваат со херметичност, па дури и догматичност, бидејќи различни чинители обично се поврзувани со иста заедничка цел, а одделни причини имаат сличен исход. Но, и кога анализата е стеснета во рамки на лични толкувања и убедувања, верувањата во теории на заговор повторно оддаваат впечаток на ригидност и клаустрофобичност. Тие му погодуваат на егото, но го заробуваат духот. Поточно, тие се своевиден затвор за светогледот, па иако носат привремено олеснување, можат да бидат пречка за долгорочниот духовен раст и развој на верувачот. Кроени по мера на егото, тие нудат големи и експанзивни наративи на грандоманските и нарцисоидни карактери. Па сепак, споредени со објективните и најверојатни случувања, теориите на заговори остануваат прилично тесни и ограничени толкувања за околните збиднувања.

Нагласената самосвест и убеденоста во сопствената важност се можни причини поради кои, некои луѓе себеси се доживуваат како центар на туѓото несакано внимание и жртви на нечии заговори. Дополнително наоружани со потреба за посебност, овие луѓе веруваат дека се обдарени со необична проникливост да видат зад површината и привидот, право кон позадината и суштината, па да ги прозрат теориите на заговор (како тврдења што секогаш тежнеат да го раслојат центарот од маргината, наличјето од опачина и сликата од позадина). Разликата меѓу верувачите и сомневачите во теории на заговори, никнува од проценката за дострелот на погледот од набљудувачот. За верувачите во теории на заговор тој поглед префрла преку привидот и појавното. За другите, теориите на заговор се гледиште кое всушност само ја начнува површината без да навлегува во суштината, односно токму тие даваат упростена слика на околните прилики.

Интересно, нагласената потреба за посебност во однос на другите, произлегува од постојаната споредба со нив и засегнатоста со мислењето на околината. Како кај секоја изнасилена убавина, раскошната фасада на овие луѓе служи да ја покрие нивната ранлива самодоверба и ронлива стабилност на карактерот. Навистина, истражувањата укажуваат дека ниското чувство на сопствена вредност е често поврзано со повисока склоност за верување во теории на заговор. Тие се начин да се избегне одговорноста и соочувањето со реалноста, да се префрли вината на системот и околината, но и да се зачува претставата за себе пред светот. Посочување на виновници и разоткривање дежурни заговорници е редовна карактеристика кај луѓето со изразена конспиративност. Така, се чини дека негативните чувства за себе, кои долго биле потиснувани, наоѓаат начин да избијат на виделина и да се прелеат и проектираат кон околината. Недовербата во поединци се потсилува кога тие се претставници на елити т.е. политички, верски, индустриски и други моќници. Сомничавоста во моралните вредности на некои избрани поединци, може да предизвика сомничавост и во ефикасноста на системот, функционалноста на општествените уредувања и друштвените норми и прописи. Како последица на ова, некогаш расне и општото чувство на незадоволство, отпадништво и отфрленост од системот, а во крајни случаи се јавува и отворено непријателство, па дури и обиди за организиран преврат на системот (каков што беше случајот со јануарскиот напад на Американскиот сенат).

Општо земено, кај луѓе со нагласена емотивна нестабилност, т.е. склоност кон стрес и раздразливост придружена со страв и анксиозност (high neuroticism), или намалена угодливост, т.е. несоработливост и неприлагодливост кон околностите (low agreeableness), постои поизразена верба во алтернативни толкувања и теории на заговори. Токми овие две особини од петте големи димензии на личноста (Big Five) ги потсилуваат негативните емоции, а ги парализираат мисловните процеси, па ја намалуваат способноста за критичко и аналитичко мислење (како што беше истакнато во претходен едукативен напис). Поттикнати од овие согледувања, некои истражувачи изнесуваат ставови и размислувања дека луѓето со декомпензирани, аномални и маладаптивни варијанти на особините на личноста можат да покажат нагласена склоност кон теории на заговори. Пример, теориите на заговор би биле својствени за лица со изразена сомничавост (која би водела во шизотипија и параноидност) или преголема ексцентричност (која би водела кон психотичност). Сепак, општиот научен консензус вели дека треба да се избегнува поистоветување на склоноста кон теории на заговори со ментални растројства и душевни болести. Имено, ако оската „здравје-болест“ ја замислиме како континуум, тогаш душевната болест би ја сместиле кон краевите од оваа непрекината права, а различните степени на верба во теории на заговор би биле распоредени по целата нејзина должина. Навистина, речиси секој човек барем еднаш во животот ќе изрази верба во најмалку една теорија на заговор. Оттаму, морално-етички е неисправно да се стигматизираат и демонизираат луѓе што изразиле поддршка за тврдења кои наликуваат на теории на заговор. Уште повеќе, како и секое прикриено исмевање и етикетирање и овој пристап е непродуктивен т.е. не води кон вистинско унапредување. Само умерен и емпатичен пристап, полн со желба за меѓусебно разбирање би водел кон позитивни општествени промени.

Авторката е научна соработничка во МАНУ и национална претставничка во европскиот проект за „Компаративна анализа на теории на заговори“ (conspiracytheories.eu).

Извор: crithink.mk