По пет века од смртта ќе се испитува што бил Колумбо: Италијанец, Шпанец или Португалец?

22.05.2021 11:26
По пет века од смртта ќе се испитува што бил Колумбо: Италијанец, Шпанец или Португалец?

Дали Кристофер Колумбо потекнувал од италијанскиот приморски град Џенова, како што веруваат повеќето историчари? Или можеби бил Португалец или Шпанец? Има повеќе теории.

Пет века по неговата смрт во 1506 година, една нова студија треба конечно да ѝ стави крај на дебатата за географското потекло на морепловецот и истражувач, чии патувања финансирани од шпанскиот монарх меѓу 1492 и 1504 година ги отворија вратите за европската колонизација на двете Америки.

Резултатите од „пионерската студија“ се очекуваат во октомври, вели Хозе Антонио Лоренте, професор по форензичка медицина во Гранада и предводник на истражувањето. Освен неговиот, во студијата учествуваат и Универзитетот од Фиренца, Италија како и Универзитетот Северен Тексас од САД.

Истражувањето започнало во 2003 година, кога преку ДНК тестови било откриено дека коските во еден гроб во Севилја му припаѓаат на Колумбо. Но истражувањето било сопрено во 2005 затоа што научниците сметале дека ДНК технологијата која им била достапна во тој период не е доволна и дека ќе им биде потребен голем примерок од коските на морепловецот „за да добијат многу малку информации“. Научниците тогаш одлучија да ги сочуваат коските додека не се развие подобра технологија која ќе користи помали парчиња од коските, како што е случај денес, вели Лоренте.

Овојпат, планот на научниците е да ја споредат ДНК од коските на Колумбо со онаа на луѓе кои се сметаат за неговите семејни наследници. Дополнително, ќе се споредуваат и податоци со лица ширум светот кои го носат истото презиме.

Лоренте е уверен дека резултатите ќе бидат „целосно убедливи“, но научниците сепак не се сигурни дека ќе успеат да добијат доволно генетски примероци „во квалитет и квантитет“ за да дојдат до заклучок.

„Целта е да им дадеме што повеќе информации на историчарите и експертите за интерпретација“, вели тој.

Извор: Дојче веле