Штит од хартија (11 записи)

16.06.2021 18:43
Штит од хартија (11 записи)

Душник, Векови, Сенка, Џемперчиња, Завештание, Инсекти, Сунѓер, Рана, Лузни, Штит и Желба.

 

ДУШНИК
Деновите со кои располагаме во нашите животи не се уникатни и единствени. Секогаш има копии кои ни се повторуваат во непредвидливи интервали. Денешниов ден го имам проживеано барем неколку пати до сега. Трошка време залетната во душникот на мигот.


ВЕКОВИ
Секое утро – брз, мачен појадок со Никогаш, секоја квечерина – бавна, мамена вечера со Можеби. Ручекот со Секогаш е испланиран векови однапред.


СЕНКА
Да можеше да се заборава и она што не се случило, слученото ќе изгреваше и ќе заоѓаше во нашите спомени без никаква сенка.

 

ЏЕМПЕРЧИЊА
Утро на работ на есента. Средба врз средба на секој чекор. Да не можеш да се доразминеш со сопствените засвежени мечти. Низ цело Скопје – врволица од стари и нови неслучени среќавања, наметнати со лесни џемперчиња надеж.


ЗАВЕШТАНИЕ
Така ми се имаш врзано за зборовите, што да се одврзам од тебе, би морала да се завештам на тишина.


ИНСЕКТИ
Неговата емоционална ароганција за неа беше смртоносен Ахилов штит во кој ѝ се треснуваа залетаните чувства и исцртувајќи само уште една нежна, лирска шара, паѓаа наземи како здодевни летни инсекти.


СУНЃЕР
Твоето отсуство ми лежи покрај раката како џиновски сунѓер што брише и впива сѐ наоколу, одржувајќи ја црната табла на денот постојано подготвена. За љубовен цртеж.

 

РАНА
Кога ќе се помести збор што стоел под јазикот со милиони години, ѝ се отвора жива рана на тишината. Крвави таа, гнои и не зацелува сѐ дури не го совладаме сложениот, невидлив ракопис на болката. Потоа пишуваме. Шкрабаници или краснопис. Сеедно е.


ЛУЗНИ
Никој не ги зацелува раскрвавените зборови подобро и побрзо од тишината. Таа на нив прави струпчиња на кои треба да се внимава да не се откорнат прерано, да не дојде до повторно крвавење на зборовите. Ако струпчињата си паднат сами, само некои од зборовите ќе имаат лузни од тишина кои новите реченици нема ни да ги забележат.


ШТИТ
Ако зборовите прелесно нѐ погодуваат, мора да носиме штит од хартија под секој разговор.


ЖЕЛБА
Читањето остава талог во кој пишувањето само втиснува желба. Како со прст во филџан испиено кафе.

Слики: Pascal Lemaître - LISTEN
Од книгата „Престапни години“ (февруари), Бегемот 2021.

 

ОкоБоли главаВицФото