Тихиот Дон

28.01.2022 12:30
Тихиот Дон

Еден пролетен ден 1950 година, мала група, ние двајца наставници и неколку студенти, на дијалектолошка екскурзија во Кратовско, пристигнавме во Лесновскиот манастир. Тука останавме и да преноќеваме.

Го паметам добро будењето другото утро. Во одајата беше влегол веќе богат сноп утринска сончевина. Слухот го изненадуваат крици на пауни во дворот и некакво ѕвечкање по калдрмата, како да влечка некој железо. Погледнав, веќе станат, низ прозорецот. Долу ce движи по своја работа јуродивиот Дончо, целиот изврзан со синџири што се влечат по земи и ѕингараат. Облечен селски, во бечви, тој е целиот парталав, така што ce чини дека не шевовите, ами уште само синџирите ја крепат неговата облека. Дончо очевидно продолжува една стара локална традиција. Toj е и единствениот овдешен човек во овој манастир. Другите двајца се Руси.

Уште во Злетово или Пробиштип разбравме дека игуменот, Виталиј, бил во Русија коњички офицер. Вчера добро ce запознавме и го научивме неговиот ред. Веќе во години, побелен, тој ce држи прав како пушка, како што е висок и виток, и само во одот неусетно ја повлекува десната нога. Тоа е последица од рана задобиена во борба со црвените.

Мнозина руски емигранти, како него, ce беа прибрале по нашите манастири и го завршуваа така својот животен пат. Сум чул една верзија, но тоа не е за верување, дека дури и страшниот Нестор Махно, водачот на анархистичките банди во Украина, го окончал својот живот под монашко име во некој манастир во Црна Гора.

Ha Виталиј му прислужува Павел. Ce чини како да му е тој истиот посилни од Русија и има токму такво држење, пристапувајќи му во полунаклон на својот господар. Павел е мирско лице, носи чизми и качкет. По некој добро установен нивни ред, тој му принесува во послужавник од време на време чаша ракија и чаша вода. Поради тоа Виталиј е постојано продуховено замајан. Toj не зборува смерно како калуѓер, тој командува отсечно. Дончо и Павел се последните остатоци од неговата чета.

Под негова власт, но секако не и по негова вина, манастирот доживува тешки денови. Источната порта е урната и конаците од таа страна почнале да ce рушат. Бурјан расте на самото кубе. Во црквата останале уште неколку книги од оние до дваесет товари, колку што пред сто години пресметувал да имало во Лесново Јордан Хаџи Константинов Џинот. Сепак тие претставуваат некаков интерес. Мене ми запна окото за еден манастирски економски тефтер и за „Чудеса пресвјатија Богородици“ од Јоаким Крчовски.

Поведов преговори со Виталиј да ни ги отстапи за нашата семинарска библиотека. Toj ce тегавеше малку, но ce согласи, откако му ветив дека за замена ќе му испратам една голема и интересна книга на руски јазик.

За среќа имав дома еднотомник на „Тихиот Дон“ и веднаш по враќањето му го пратив на Виталиј, не ce сеќавам сега како, по пошта или, поверојатно, по човек.

Бев изненаден кога по извесно време ми пристигна од него поштенска картичка, пишувана на руски јазик. „Ви благодарам многу за книгата“, ми пишуваше Виталиј.

„Читам, и час ce смеам, час плачам. Cè што е таму раскажано е сушта вистина. Па јас самиот сум бил таму!“

Кој знае, си помислив, дали Шолохов воопшто некогаш добил ваков суд од некој од своите читатели, заправо од некој од своите можни јунаци.

Кога по повеќе години отидов повторно во Лесново, Виталиј и неговата придружба не беа веќе меѓу живите. Hè пречека една жена што ги држеше клучовите. Црквата беше реставрирана, кубето препокриено, урнатините на источната страна расчистени. Жената ни кажа во доверба дека оние што ја поправиле црквата ископале злато, го скриле, си отишле бргу-бргу и оттогаш поштук им нема. И ова е една од легендите што постојано ce обновуваат околу манастирите. He сум сигурен дали тогаш прашав каде е потребан Виталиј. Претполагам дека е на селските гробишта, зашто во манастирскиот двор не забележав гроб. Ако не стигнам јас, нека ce распраша за тоа некој друг место мене. A ако некогаш случајно ce најде во Лесново еднотомникот на „Тихиот Дон“, ќе ce знае кога и како стигнал таму.

Фотографии: Tatsuya Tanaka, Минијатурен календар

Извор за текстот: Блаже Конески, Дневник по многу години

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото