Онлајн предавање на Клер Бишоп во организација на МСУ

19.06.2021 15:40
Онлајн предавање на Клер Бишоп во организација на МСУ

Музејот на современата уметност - Скопје во рамките на Интердисциплинарната програма продложува со циклусот онлајн предавања (Зум платформа) под наслов „Без/редие во светот на уметноста“.

Автор на проектот Без/редие во светот на уметноста е Тихомир Топузовски.

Во понеделник, 21 јуни, со почеток во 19 часот предавање ќе одржи Клер Бишоп (Claire Bishop), професорка по историја на уметност на „The Graduate Center“, CUNY во Њујорк. Предавањето е  насловено „Интервенции: Уметноста на политичката синхронизација“. 

Предавањето овозможува историска и теоретска анализа на „интервенцијата“ како уметничка стратегија, дефинирајќи ја како самоиницијативен и нарушувачки акт во јавната сфера (сфатена како физички и виртуелен простор). За „интервенцијата“ најважен е политичкиот тајминг, идеја која Клер Бишоп ја теоретизира како форма на конјуктурна анализа (пристап втемелен на автори како Грамши и Хол) и медиумската циркулација. Првите појави на овие делувања се во Латинска Америка кон крајот на 1970-тите, кога слабеењето на диктатурите овозможуваат уметниците да го искористат јавниот простор и медиумите во момент на сеопшта политичка неизвесност. Интервенциите како уметничка стратегија повторно се појавуваат од 2010 година, како одговор на возобновувањето на десничарскиот национализам кој е придружен со нови форми на активизам и несогласувањa (Русија, Куба, САД). Преку овие делувања се покренуваат прашања во врска со (1) можноста интервенциите да се спротивстават на изобличувањата и дисторзиите во медиумите (2) вредноста да се нарушува и да се прави трансгресија во однос на хомогенизирањето од алтeрнативните десни движења и (3) воспоставување на модел на уметник кој е привилегиран преку уметноста на интервенциите.

Клер Бишоп e професорка по историја на уметност на „The Graduate Center“, CUNY во Њујорк и се смета за оригинален мислител и креативен толкувач на современата уметност. Има докторирано на универзитетот Есекс во 2002. Нејзината дисертација издадена како „Инсталациона уметност: критичка историја“ станува неопходен ресурс за секој, кој има интерес во опсегот на оваа тема, а нејзиното едитирано издание „Партиципиација“ е вреднувано како исклучително дело. За книгата „Артефицијални пеколи: партиципативната уметност и политиката на набљудувањето“ (2012) ја добива престижна награда за уметничка критика „Frank Jewett Mather“ во 2013 година. Бишоп е авторка и на два влијателни есеи, „Антагонизам и релационата естетика“ (објавено во спианието Октомври, 2004 година) и „Општествениот преврат: Соработката и нејзините недостатоци“ (Артфорум, 2006). Нејзините книги и написи се преведени на повеќе од дваесет јазици. Бишоп е уредник и соработник на списанието „Артфорум“.

ОкоБоли главаВицФото