ЕУ: Во сила новиот закон против пластика за една употреба

10.07.2021 01:43
ЕУ: Во сила новиот закон против пластика за една употреба

Извор: Дојче Веле

Во Германија и другите членки на ЕУ од денеска (3.07.2021) треба да почнат да исчезнуваат производите од пластика за една употреба. Со новиот закон за пакувања би требало да се намали количеството на пластичен отпад. Меѓу другото, со законот се опфатени прибор за јадење од пластика, чинии од пластика, сламки, чаши, вклучително и капачиња за чаши, чепкалки за уши и пластични држачи за балони. Освен тоа, забраната важи и за пакувања за храна за носење од стиропор, како и чаши од стиропор.

Забраната треба да значи поштеда на ресурси, да ја растовари животната средина и пред сѐ да ги заштити морињата. Околу 80 % од отпадот во водите се состои од пластика, голем дел од онаа за една употреба. Бидејќи рибите и другите морски животни отпадоците често ги сметаат за храна и ги јадат, микропластиката стигнува и во човечката храна.

Трговците сега се обврзани да се префрлат на продажба на вакви производи од материјали кои може да се рециклираат, како стакло или метал. Сепак, она што трговците веќе го имаат набавено од пластичните производи за една употреба и е складирано во нивните магацини, може да се продава додека не се потроши.

Законот дозволува натамошна употреба на влажни марамчиња, влошки, тампони и производи од тутун со филтер, но тие во иднина треба на пакувањето или на самиот продукт да имаат и информации за содржината, како и да биде наведено какви последици за животната средина би имало неправилно постапување по нивната употреба.

Германската министерка за екологија Сенја Шулце ги поздрави новите правила во Германија и ЕУ и оцени дека „забраната наскоро ќе доведе до подобри, поиновативни и поеколошки производи и решенија“.