Одважи се, вози велосипед

16.09.2021 12:55
Одважи се, вози велосипед

Од 16 до 22 септември традиционално се одржува „Европската недела на мобилност” – кампања на иницијатива на Европската комисија. Нејзина цел е промоција на алтернативни форми на мобилност како што е пешачењето и велосипедизмот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата се приклучува на кампањата на тој начин што во наредните седум дена ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.

„Возењето на велосипед, или велосипедизмот, како алтернативно превозно средство носи со себе многубројни бенефити,- персонални, економски, социјални, еколошки и многу други. Како резултат на сите овие бенефити, луѓето сѐ повеќе ги заменуваат своите автомобили со велосипеди како начин на мобилност и транзитирање до посакуваната дестинација. Истражувањата покажуваат дека во измината деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина“, велат од РСБСП.

Се потенцира и здравствената, еколошката и финансиската корист од возењето велосипед.

„Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте. Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица, и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас, за нашето здравје, и околината во којашто живееме“, сметаат од РСБСП.

„Истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од дневните патувања кои ги правиме секојдневно се пократки од 5 километри, што ги прави идеални за изминување со велосипед. Користењето на велосипедот како превозно средство ви овозможува да ги избегнете метежите по улиците и да патувате безбедно и да пристигнете до вашата дестинација побрзо, и со помалку нервози. Патувањето со велосипед исто така го елиминира еден од најголемите проблеми на патувањето со автомобил, а тоа се паркинг местата“, додаваат од советот.

Нивниот апел до граѓаните гласи: „Возењето велосипед може да го спаси светот и да го направи Вашиот живот подобар! Одважи се, вози велосипед!

 

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Јавни простори / Живот
Активизам / Јавни простори / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото