Непознатиот текст на Блаже Конески

19.10.2021 12:22
Непознатиот текст на Блаже Конески

Непознат ракопис што на три страници го напишал Блаже Конески и му го посветил на Никола Јонков Вапцаров беше претставен на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”

Д-р Марија Коробар-Белчева рече дека необјавениот текст на Конески, насловен „Вапцаров меѓу македонските писатели“, го нашла во оставнината на Перо Коробар, прв директор на првото Државно книгоиздателство на Народна Република Македонија. Најден е во бел плик, веројатно, рече таа, случајно заборавен и од авторот, и од оној што требало да го објави.

Текстот бил потпишан од Конески како претседател на Друштвото на писателите на Македонија и е без датум, но според јазичните особености, пред сè употребата на глаголската форма со наставка -уе, се претпоставува дека е напишан во 1947 година (пет години по стрелањето на Вапцаров во Софија) затоа што, рече Коробар-Белчева, промената на глаголските форми од -уе во -ува било усвоено подоцна, на 6 април 1948, на предлог Правописната комисија на Министерството за просвета.

„Ова е едноставен ракопис кој го доживеав како внатрешна потреба на авторот да се претстави една вистинска возбуда, полна со топли сеќавања за поезијата и за поврзаноста на Вапцаров со родната Македонија… На крајот од ракописот, Конески поентира со зборовите: „Вапцаров со срце ја преживуваше романтиката на македонската национална пробуда, па затоа и тој е меѓу нас, меѓу македонските писатели. Тој создаваше на бугарски јазик, што е сосема разбирливо, но по содржината на својата поезија, тој е посврзан и со македонската литература”, рече Коробар-Белчева.

Шестите Отворени денови на Институтот за македонски јазик годинава се во знакот еден век од раѓањето на Блаже Конески и 95 години од смртта на патронот на Институтот – Крсте Мисирков, како и 30 години од независноста на државата.

Директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека македонистиката денес ги има сите предизвици што ги имал и Блаже Конески во 1948 година – борбата за македонскиот јазик.

„Но ние сме во многу подобра позиција зашто Конески и неговите современици му докажаа на светот дека македонскиот јазик има свој историски развој, има свои дијалекти, лексикографски трудови и истражувања“, изјави Јованова-Грујовска.

Таа нагласи дека негирањето е од дел од бугарските лингвисти кои тврдат дека не постои македонски јазик, но дека нивната битка е изгубена, бидејќи, како што рече, светската наука и вистината се на наша страна.

„Минатата година беа подготвени четири монографии за да му покажеме на светот за досегашните истражувања. Институтот подготви зборник на трудови „Погледи за македонскиот јазик” во кој има над 50 странски лингвисти кои го проучуваат македонскиот јазик, рамноправно со сите други словенски и европски јазици. Тоа покажува дека битката што ја водат група бугарски лингвисти е изгубена и дека науката и вистината се на наша страна“, додаде Јованова-Грујовска.

Извор: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Култура / Уметност / Историја
Стрип / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото