Гласот кој палел свеќи

24.11.2021 01:31
Гласот кој палел свеќи

Могулскиот цар Акбар Велики (1556-1605) имал свој личен и омилен музичар. Неговото име било Тансен. Според легендата, тој бил совршено олицетворение на безграничната моќ на музиката.

Тансен е роден во Гвалиор. Неговите родители не можеле да имаат деца, па затоа побарале помош од мудрецот Гаус. Така се родило момчето, иден славен музичар. Музиката ја научил на невоовбичаен начин: како дете имитирал гласови на животни и птици. Еден ден го слушнал светиот човек Харидас кој ги замолил неговите родители да му дозволат да го однесе момчето во Бриндабан и да го подучува музика. Единаесет години подоцна Тансен го прекинал своето музичко усовршување. Ѝ се претставил на владетелката на Гвалиор која исто така била талентирана пејачка. Веднаш го примила.

Подоцна Тансен станал пејач во дворот на махараџата од Ревас. Царот Акбар еднаш го посетил дворот и толку го маѓепсала вештината на Тансен што махараџата морал да му го препушти својот пејач. Така, Акбар го одвел во Атру. За жал, кога станале свесни за неговата исклучителна дарба, некои од дворот се обиделе да го дистанцираат. Легендата вели дека еднаш некоу љубоморни луѓе го наговориле да пее „дипак“, односно „огнена“ песна (во Индија секоја песна подразбира и боја и расположение, како и одредена мелодија со особен ритам).

Завидливците се надевале дека моќта на музиката едноставно ќе го изгори пејачот. Тансен го прифатил предизвикот, но претходно ја научил својата ќерка да пее друга песна, „мег“, што значи облак. Така, Тансен храбро ја запеал „огнената“ песна.

Музиката го стоплила воздухот, а свеќите сами се запалиле. Тансен почувствувал дека топлината го гуши. Во тој момент девојката почнала да ја пее „облачната“ песна, предизвикувајќи бура и дожд. Набрзо почнало да врне.

Тансен еден месец боледувал од грозница, а го негувал самиот цар. Противниците на Тансен веднаш биле казнети, а тој до крајот на животот останал дворски музичар. Умрел 1585 година, а гробот му се наоѓа во Гвалиор.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Политикин забавник

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото