Ламент над нашето колективно безсрамие

06.12.2021 12:40
Ламент над нашето колективно безсрамие

Времето е како охола река: тече самозадоволно, со погледот свртен кон себе, без да пројави каков и да е интерес за бреговите што клекнати, со мокри колена, ги остава зад себе. Нашето (македонско) време е згора и бесрамно. Да имаше срам, македонскиот ноември ќе беше облиен со срамежно руменило. И тоа, колку повозрасен, нашиот ноември ќе требаше да биде се позасрамен, за на крајот лицето да му поприми рујна винска боја. Но, ништо: мина уште еден нечествуван 29 ноември, денот на кој македонската држава – заедно со нејзиниот вкупен полвековен општествено-културен производ – му го должи своето постоење; мина тивко и глуво, како и било кој друг неименуван, историски безначаен есенски ден, во кој само бесниот ноќен ветер како да сакаше нешто немушто но важно да ни каже. Од нас, граѓаните на македонската република што го заборавиле роденденот на својата држава, не излезе ни глас, ни емоција, ни мисла... Всушност, искажавме помалку човештина и од одвратниот ветер што сношти немтурски упорно фучеше, мрмореше и ганголеше, држејќи ме буден и засрамен до пред зори.

Кога сме веќе кај срамот, дали ви е познато, почитувани читатели, дека човекот е единствениот животински вид кој поцрвенува од срам? Има сродни видови на цицачи што црвенеат во лицето, но човекот е единственото животно што ја поседува и ја изразува емоцијата на срамот. Навидум, срамот не би можело на човечкото животно да му даде никаква еволуциска предност, па вистинска мистерија е – доколку претпоставиме дека по грешка настанала - како оваа емоција тогаш воопшто опстанала? И, зошто срамот не исчезнал во безмилосната дарвинска селекција, во која преживуваат и се размножуваат само оние најадаптираните? Зашто, за оваа интровертна и непрактична емоција, всушност вистинска неволја, никако не може да се каже дека е некоја корисна еволуциска прилагодба.


Ова го забележал дури и Чарлс Дарвин, кој запишал дека срамот е „најнеобичната и најчовечката од сите изрази на емоциите на лицето“. Современите психолошки истражувања покажале дека срамот не е случајно „најчовечката“ од сите емоции, туку дека е таа еволутивно најмладата емоција којашто е повеќе врзана за скорешната социјална, а не за прастарата биолошка еволуција на видот. Така, според пророчките зборови на Нина Леви-Монтелчини, човековата еволуција сè повеќе има морална суштина, па развојот на човекот би требало да се движи кон сè подобро разликување на доброто од злото. Токму срамот како моќна внатрешна емоција, не само што има свои физиолошки имресии на лицето – во погледот, руменеењето и чувството на вруќина, туку има веројатно одлучувачко влијание на одлуките што свесно и несвесно ги носиме, како и на нашето севкупно однесување.

Срамот е всушност најсигурниот внатрешен водич во одредувањето на нашиот став кон ситуациите во кои непрекидно нè внесува несопирливиот тек на живеачката. Таа матна река на времето, по која сите ние пловиме ко да сме скокнале во сплавот на несреќата што по случај се доближил до каменот среде река на кој стоиме очајно одржувајќи рамнотежа. Е, единствениот компас за препознавање на карпите на пропаста и нивното одбегнување, всушност единственото морално сетило со кое сите (нормални) припадници на нашиот вид се раѓаат, е срамот. Верувале или не. Оние што го немаат – а тоа психолошката наука веќе непобитно го докажала – трпат од вродени или стекнати ментални нарушувања, што ги нарекувавме психопатии и социопатии.

Е сега, кога утврдивме дека срамот е всушност најкомплексната емоција, што во себе го држи моралното кормило како биолошко својство на човечкиот вид, јасно е дека и развојот на видот може единствено да се мери со софистицираноста на единствената морална емоција во живиот свет. Но, за жал, важи и обратното. Луѓето без срам се очигледно помалку човечни, и можеме да ги издвоиме како примероци на видот што имаат морални – но и ментални – нарушувања што ги ставаат во неволја и нив и нивната околина. Но, доколку цели нации – како што е нашава македонска – го изгубат ова дистинктивно хумано својство, вграденото морално кормило, тоа значи дека заедницата болува од сериозна ментална болест, што не влече назад во еволуциски регрес, во предморалното доба на среќните примати.


Оној што без емоција на лицето гази по сопственото минато, по сопствените родители, по лешевите на хероите што ги дале своите животи за нашата денешна сувереност, по најзаслужните за нашето постоење, тој очигледно го загубил чувството за срам. Ние денес го искривоколчивме и значењето на зборот „безсрамно“, зашто веќе го сретнуваме во говорот безмалку како комплимент. А, традиционалниот назив за најдолниот слој луѓе што го наследивме од минатото, зборот „безобразен“, што значи без образ, односно без образ што може да црвенее од срам, денес стан комплимент за успешен и пробивен човек. И посакувано својство што мора да го има секој што сака да успее во политичката или која било друга кариера во безидејниот 21 век.

Интересно е, од аспект на македонското јавно здравје, дека ова социопатско однесување – што можеме да го наречеме бесрамно или безобразно, колку и овие стари зборови да го изгубиле своето значење денес – било откриено од страна на психолошката наука уште во деветнаесеттиот век. Медицинскиот назив на нарушувањето било „стекнато социопатско однесување“ и тоа било забележано како последица на силен удир во главата кој предизвикува потрес на мозокот толку сериозен што потоа трајно го менува однесувањето на личноста. Се покажа, значи, особено на примерот на колективниот однос кон нашата мајка родилка Југославија, но и според односот кон најхуманистичкото движење во историјата – комунизмот – што ја породи македонската држава и култура, дека ние жителите на Македоња Норд, се однесуваме медицински идентично како да сме примиле силен удир во главата, што предизвикал потрес на мозокот со трајни последици. Но, зарем тоа не е очигледно и без да го сквернавам свети 29 Ноември со овој ламент над нашето колективно безсрамие?


Слики: Paco Pomet

Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото