На кој јазик свиркаш?

22.01.2022 13:17
На кој јазик свиркаш?

Свиркачка на јазикот силбо.

На светот постојат барем 70 свиркачки јазици, настанати во времето кога немало мобилни телефони, во пределите во кои било неопходно брзо да се пренесуваат пораки преку големи далечини. Некои од нив уште се користат.

Понекогаш зборовите не се доволни – просто мора да се свирка. Некој свирка во театар за да искаже незадоволство со изведбата на уметникот, некој во паркот за да повика одлутано куче, а во некои делови од светот, иако не е пристојно, момците свиркаат на улица за да го привлечат вниманието на жените. Некој можеби се’ уште се сеќава на времето кога поединечни свиркања биле како мали шифри, звучни сигнали кои имаат значење само на оние на кои им се упатени, како што е опишано во песната „Свиреж во осум“ од Ѓорѓе Марјановиќ.

Свиркањата имаат свое место во градското опкружување но најмногу се развиле во пустите предели, каде далечината помеѓу две заедници или двајца луѓе е голема. Кога треба да се испратат пораки преку планини и долини, извиците не се доволно гласни и доверливи – потребен е „јазик без зборови“ што патува далеку, како што се ударите на тапани, димните сигнали или – свиркањето.

Од Турција до Алјаска

Постојат сведоштва за разни свиркачки јазици што во минатото се користеле ширум светот, а шпанскиот етномузиколог Давид Дијас Рехес забележал околу 70 истражувајќи го наследството на земјите од Алјаска преку Мексико до Турција. Многу од нив биле во употреба до средината на 20 век, кога ги потиснала современата технологија. Но, некои преживеале и уште има луѓе што само со свиркање можат да изразат цели реченици.

Најпознатите свиркачки јазици се силбо, настанат на Гомера, еден од Канарските острови, чинатек од Мексико, сфирија од грчкиот остров Евија и кус дили, познат уште ако „јазик на птиците“, кој се развил во турското село Кушкеј.

Лево: Франција – во Ларен, на француските Пиринеи, учениците учат да свиркаат на древниот јазик на овчарите од блиското село Аса, чиј свиркачки јазик бил откриен во 1950 година. Десно: Индија – во селото Конгхонгу, скриено во прашумата, мајката на новороденчето му дава и име што може да се отсвирка.

Овчарско пиштење

Сите свиркачки јазици имаат едно нешто заедничко. Настанале во планински предели каде луѓето се бават со сточарство, во мали зафрлени заедници, со цел двајца овчар полесно да се разберат кога се далеку еден од друг или кога видливоста е слаба поради магла. Најчесто се пренесуваат предупредувања или кратки секојдневни пораки, но може да се изразат и посложени мисли, зашто јазикот на свиркањата се потпира на говорниот јазик и ги следи правилата на неговата граматика и ситакса. Како го прави тоа?

Постојат тонски јазици во кои висината на тонот со кој го изговараме одреден слог го одредува неговото значење. Најпознатиот таков пример е кинескиот (мандарински) јазик. Но, во јазиците како српскиот, секоја самогласка има свој свиреж со различен тоналитет. Пократките и попродорните звуци се доловуваат со вокали при чиј изговор помалку се отвора устата, како што е „и“. Подолгите свирежи се користат за да заменат вокали при чиј изговор устата е поотворена, како што е „о“. Согласките се изговараат така што при свирежот се користат оние делови од говорниот апарат што ги користиме и во нормалниот говор, на пример „т“, „д“, и „с“ се свиркаат низ заби, а „м“ и „б“ низ уста. Како секој глас да го заменуваме со различен свиреж, а потребно е многу вежбање за да се совлада вештината на „исвиркување“ на зборовите.

Силата на децибелите

Свирежите говорат помалку отколку зборовите, но затоа патуваат подалеку. Науката знае зошто. Кога свириме, воздухот минува со голема брзина од плуќата до устата и создава силно треперење излегувајќи од усната шуплина. Звучниот бран произведен со свиркање има фрекфенција меѓу 1300 и 4000 херци. Да се потсетиме: „дофатот“ на човековото уво опфаќа звуци на фрекфенциите од 16 до 20 000 херци и, на пример, детскиот глас има околу 300, а последнот клавиш на клавирот 3520 херци. Тоа значи дека звуците создадени со свиркање се многу продорни, но и гласни. Ако ја мериме само јачината на звукот, изразена во децибели, свиркањето е погласно од викањето. Човековото викање достигнува најмногу до 90 децибели, колку и посилен будилник. Но со свиркање можеме да произведеме врева од 100 и повеќе децибели, колку што е гласен и рикот на лавот или рок концерт – се слуша со километри наоколу.

Најпознатиот и најдобро опишан свиркачки јазик е јазикот силбо од Канарските острови. Веројатно уште во вековите пред нашата ера го измислиле првите жители на Гомера, Гуанчите – народ што веќе не постои. Со негова помош овчарите пренесувале пораки преку големи долини, карактеристични за овој вулкански остов, а можеби можеле дури и да праќаат вести и предупредувања од еден на друг остров. Јазикот го преживеал и доаѓањето на шпанските освојувачи во 1496 година и се користел се’ до неодамна кога, по економската криза, многу „свиркачи“ го напушиле островот.

Силбо има две самогласки и четири согласки и сите се искажуваат со свирежи со различно траење и тоналитет. Иако можеби ви се чини дека тоа е малку, со помош на тие скромни елементи може да се направат околу 4000 зборови! Тој број е доволен за секојдневните потреби и на еден говорник на кинески јазик. Дури може да се „отсвиркаат“ и современи зборови што не постоеле во времето на настанување на силбо, како што се „интернет“ и „имејл“. А рчениците што сите познавачи на силбо редовно ги користат се: „Донеси ми шише вода“, „Ја виде ли црнана овца?“, „Стигам!“. Доста паметно, нели?


 Во Турција, овчар свирка на кус дили, „јазик на птиците“, кој денес се смета за културно наследство под заштита на Унеско 

Свиреж во 8

Некогаш одамна, пред првите пејџери и мобилни телефони, на нашите простори бил распространет еден вид довикуање преку свирежи. Многу младичи и девојки пред излегување, друштва што играле фудбал или кошарка, или просто како повик за собирање, имале свои свирежи. Само ќе застанат под прозорецот и ќе отсвиркаат некоја договорена кратка свиркачка мелодија. Еднаш, два пати, додека не бидат чуени. Тоа биле почетоци на некои познати песни или само неколку различни тонови. Тој фин носталгичен обичај денес е невозможен покрај технолошките изуми, високите згради, сообраќајната врева.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото