Обновливите извори на енергија во ЕУ произвеле иста количина струја како и фосилните горива

28.02.2022 03:22
Минатата година обновливите извори на енергија во ЕУ произвеле иста количина струја како и фосилните горива

Минатата година обновливите извори генерирале иста количина електрична енергија како и фосилните горива, но преминот од јаглен и гас сè уште не се одвива со задоволувачко темпо, соопшти непрофитната организација Ембер во својот нов годишен извештај за состојбата на секторот за производство на електрична енергија во Европската унија. Уделот на зелената енергија и валканите енергенси изнесувал 37 проценти, додека останатите 26 проценти струја во ЕУ доаѓаат од нуклеарните електрани.

И покрај просечниот годишен раст на производството на струја од обновливи извори од 44 терават часови во последните две години, декарбонизацијата на енергетскиот сектор и напуштањето на фосилните горива сè уште не се одвива доволно брзо - членките на Европската унија би требало да ги намалуваат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина за 6 проценти годишно за да достигнат нето нулта емисија до 2035 година. Во моментов се на околу 3 проценти.

„Моменталната гасна криза би требало да нè разбуди“, изјави Чарлс Мур, еден од авторите. „Би требало брзо да ги напуштиме и јагленот и гасот. Предностите од тоа за економијата и климата се сè појасни како што одминува времето. Ограничувањето на зголемувањето на температурата од 1,5 степени целзиусови бара огромен исчекор во обновливите извори за сите фосилни горива да ја напуштат електромрежата до 2035 година. Сега е моментот да се удвои европската транзиција кон чиста електрична енергија“.

Анализата откри дека токму поскапувањето на гасот го забави напуштањето на јагленот на нашиот континент и дека производството на струја во термоелектраните од 2019 година опадна само за 3 проценти во споредба со падот од дури 29 проценти помеѓу 2017 и 2019 година.

Во минатото обновливите извори претежно ги заменуваа капацитетите на јагленот кои емитуваат најмногу јаглерод диоксид. Сепак, во втората половина од минатата година, заради растечките цени на гасот се случи промена на парадигмата - никнуваа нови соларни електрани и ветроелектрани за да го надоместат ова сè поскапо фосилно гориво.

Повеќе од половината (52 проценти) новоизградени обновливи извори од 2019 до 2021 година дојдоа на местото на гасот, една третина ги заменија нуклеарните капацитети, а само една шестина го замени јагленот. Ситуацијата значително се разликува во споредба со периодот од 2011 до 2019 година. Тогаш над 80 проценти од новите обновливи извори се користеа за потиснување на јагленот од производството на електрична енергија.

Енергетската криза во Европа би била потешка ако нема обновливи извори!

Авторите на извештајот наведуваат дека, иако постојат спротивни тврдења, соларот и ветерот за време на енергетската криза значтелно го поддржаа секторот за производство на струја и секој месец во втората половина од 2021 година, освен септември, постигнуваа нови рекорди.

И покрај намалениот придонес на ветроелектраните заради побавните ветрови, соларот и ветерот минатата година за првпат генерираа повеќе електрична енергија од гасот, 547 теравати во однос на 524 теравати.

Во текот на 2020 година заради пандемијата, затворањето на фабриките и локдаунот потрошувачката беше намалена за 3,5 проценти, но важно е да се нагласи дека во текот на 2021 година се зголеми за 3,4 проценти, па речиси е иста како некогаш. За тоа придонесе и тоа што 2021 година беше малку постудена од 2019 година, така што мораше да се случи враќање на некогашните нивоа на потрошувачка.

Блескави и не толку блескави примери на европската енергетска транзиција

Повеќе од половина од вкупниот раст на производството на струја со помош на соларните електрани и ветропарковите во Европската унија од 2019 година се случи на тлото на само три земји - Шпанија, Холандија и Грција, и тоа така што нивниот удел во вкупната потрошувачка на електрична енергија е вкупно 16 проценти. На тој начин тие станаа нови двигатели на енергетската транзиција на нашиот континент.

Напредокот го овозможија адекватните политички рамки, падот на трошоците и амбициозните цели на овие земји. Шпанија и Холандија тежнеат да генерираат две третини струја од соларни електрани и ветроелектрани до 2030 година, а Грција 50 проценти. Се истакнуваат Данска, Ирска, Португалија и Германија.

Наспроти нив се наоѓаат земји како Полска и Унгарија каде обновливите извори сè уште се на маргините, а во енергетската транзиција особено лошо котираат Романија, Бугарија и Чешка кои речиси и да не развиваа проекти за изградба на соларни електрани и ветроелектрани.

Авторите наведуваат и дека генерирањето струја од соларите и ветерот сега стана поисплатливо од јагленот и гасот. Сè додека Европа зависи од фосилните горива е изложена на постојаните променливи цени и растечките негативни влијанија на климата. Решението кое може да нè извлече од енергетската и климатската криза е забрзан развој на обновливите извори, се заклучува во извештајот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Anthony Howe

Извор: https://klima101.rs/