За говорот на потчинетиот: кратко за Гајатри Спивак

07.03.2022 01:21
За говорот на потчинетиот: кратко за Гајатри Спивак


Индиската филозофина, писателка, книжевна теоретичарка, социјална критичарка и професорка Гајатри Чакраворти Спивак, е најпозната по преводот „Of Grammatology“ (fr. De la grammatologie, 1967), изворно од Жак Дерида, и по есејот „Може ли потчинетиот да говори?“ (Can the Subaltern Speak?) од 1988 година, кој во средината на 2010-ите беше цитиран во над 13 000 научни трудови, а се смета за темелен текст за постколонијалната теорија. Самата Спивак се смета за „една од највлијателните постколонијални интелектуалки“.

Се школувала на Универзитетот во Калкута и Универзитетот Корнел во САД, а имала академска кариера на голем број американски универзитети. Таа е основачка на Институтот за компаративна книжевност и општество, авторка на преведувачки дела и на повеќекратно релевантни, анализирани и опширно цитирани текстови. Во 2012 година, ја добила наградата „Кјото“ во областа уметност и филозофија како „критичка, теоретичарка и академка која говори во одбрана на хуманоста против интелектуалниот колонијализам во однос на глобализираниот свет.“ Следната година, ја примила третата најважна граѓанска награда „Падма Бушан“ од Република Индија.

Занимавајќи се со проблемите на расата и полот во своите текстови, Спивак жестоко ги критикува империјализмот и меѓународниот универзалистички феминизам. Нејзиниот теоретски дискурс е спој на деконструктивна стратегија на читање и марксистички и феминистички критички традиции. Позната е по сопствениот бренд на деконструкциска критика, која ја нарекува „интервенциска“. Критична кон „фалогеноцентричните“ (империјалистички, како и марксистички) интерпретации на историјата, во своите дела таа ги обвинува буржоаските западни феминистки дека подлегнале на меѓународниот капитализам и експлоатацијата на жените во земјите во развој. Себе се нарекува стручњак за британскиот книжевен модернизам и компаратистка кога станува збор за германската или француската книжевност. Ангажирано делува во различни области на знаење, вклучително и феминизам, марксизам, постструктурализам, деконструкција и глобализација, етика и социјална теорија.

Потпирајќи се на историјата и книжевноста на поранешните колонии ширум светот, постколонијалната критика à la Spivak, исто така, вклучува и заложба за рамноправност што подразбира промена на подобро, но не преку инстант проектите за кои сонуваат капиталистите. Нејзината визија за подобра иднина е изградена на побавни, одржливи промени.


Морам да се борам против империјализмот во секој облик, што значи дека морам да им покажам на луѓето како да се спротивстават на царството, дури и кога тоа наликува на силите на доброто. Дали мислите дека можете да не измамите нас, жени од третиот свет, со приказни за ‘развој’? Размислете повторно: јас тоа го нарекувам одржлива експлоатација. Мојата мисија е да се фокусирам на тоа како функционираат моќта и привилегиите секогаш кога ќе наидам на нив. Но, не само на тоа, туку и да ги повикувам оние што ги држат власта и привилегиите во свои раце. Оние кои толку често мислат дека имаат отворен ум, додека всушност се неупатени.


За терминот „потчинети“

Во делото ‘Може ли потчинетиот да говори?’ пишував за ограничувањата на филозофијата на познатите филозофи, за кои сметам дека се евроцентрични и недоволно фокусирани на искуствата на вистинските потчинети, или пак на повеќекратно угнетуваните. Терминот го позајмив од Антонио Грамши. Потчинетите ги дефинирам како личности ‘надвор од сите линии на социјална мобилност’. На потчинетиот му е затворен пристапот до сите јавни ресурси кои овозможуваат нагорна мобилност, тој е насочен кон екстремна сиромаштија и политичка невидливост. Ако потчинетите треба да научат да зборуваат, што верувам дека треба, хуманитарните напори (инстант решенија) не водат кон таа цел. Исто така, потребно ни е и она што го нарекувам ‘инфраструктурно следење’ често во облик на јавно финансирани училишта, со цел постигнување напредок, искажување посветеност за подобрување на материјалните услови за живот на оние што живеат далеку и полирање на менталните вештини на тие млади луѓе.


Одобрено незнаење (Sanctioned Ignorance)

Овој термин значи дека студент(к)ите образовани во рамките на евро-американската традиција, (секој на универзитетите во САД, освен понекој/а студент/ка на специфични студии), всушност се ослободени од познавањето на која било друга традиција, култура или историја. Во обратната ситуација, работите не стојат така. Од постколонијалните критичар(к)и и натаму се очекува да го прочитале Шекспир. Таквиот едностран прилив на информации докажува дека моќта лежи во европската традиција.


Планетарно (Planetary)

Го сковав терминoв во книгата ‘Смрт на една дисциплина’ (Death of a Discipline) за да ѝ дадам име на етичката алтернатива на глобализацијата. Глобализацијата е водена од капиталистичката побарувачка за екстракција на ресурси и профит, грижата за материјалниот аспект наместо за земјата и луѓето. Она што ни треба е поинаква визија што овозможува нов запис на светот (‘overwriting the globe’). Да, светот е апстрактен поим. Тоа е идеја. Планетата, од друга страна, е нешто конкретно и еколошко. Ако го делиме меѓусебно како еден вид кој сопостои со друг вид, тогаш треба да го замислиме не како место на кое ќе ги ставиме нашите капиталистички пазари, туку како засолниште за нашите тела и умови.


За идејата белецот да спасува небели жени од небели мажи

Кога ставот на белците е отприлика ваков: ‘Еј ти! Да, ти жено од третиот свет! Изгледа дека си угнетена! Зошто не дојдеш да живееш во некоја од нашите суперпрогресивни (но и натаму сексистички) земји од првиот свет и да бидеш слободна од насилство? Зошто не се омажиш за некој од нас и да се ослободиш од насилство.’ Тие, всушност, со самото тоа продолжуваат да ги замолчуваат потчинетите.

Таквиот навидум добронамерен чин е всушност насилство. Зашто, на пример, привилегираните машки теоретичари тврдат дека знаат како размислуваат, што чувствуваат, што сакаат жените од Третиот свет. Цитатот истакнува како европските и американските академици често брзаат да ги спасат жените од третиот свет, иако нивната идеја за ‘спасување’ можеби воопшто не е она што тие исти жени го сакаат.

Во делото ‘Можaт ли потчинетите да зборуваат?’ покажувам како белите мажи се обидуваат да ги спасат небелите жени од небелите мажи во колонијална Индија. Во исто време, домородното население е дефинирано како варварско, а Британците интервенираат за да ги ‘спасат’ Индијките од нивните татковци, сопрузи, браќа и синови. Во поновата историја истакнав дека истото се повтори по 9 септември во Америка за време на ‘војната против тероризмот’. Истата војна за која верувам дека има за цел не само да ја искупи нацијата туку и да ги ‘спаси’ жените потчинети во исламот.

Се разбира, не негирам дека таму жените се потчинети. Она што всушност го негирам е правото на т.н. ‘цивилизирачки’ или колонизирачки проекти да тврдат дека дошле да ги спасат и ослободат жените од опресијата. Затоа ја составив реченицата ‘белите мажи ги спасуваат небелите жени од небелите мажи’ – за да ги предупредам луѓето да внимаваат и да се прашуваат околу некоја идна мисија за нечие цивилизирање: ‘Дали овде навистина се работи за спасување жени? Или можеби се работи за намерата на една суперсила дополнително да ја зајакне својата моќ ограничувајќи ја можноста на другите да се изјаснат?'

Извор: Vox Feminae

Подготвила: Фросина Крушкаровска

ОкоБоли главаВицФото