1021 hPa
36 %

24 °C
Скопје - Пон, 28.04.2025 16:59
Илустрации: Наталија Лукомска
К Л А Р А
Клара − мрзливата мравка
си дремела со една чавка.
Си дремеле, така, ко желки,
под сенки од илјада елки.
Т А Л А
Овцата Тала, шарена и боса
си чешла ли чешла густа коса.
Плетенки везден таа си плете,
напролет, наесен, зиме и лете.
О К Ч О
Киклопчето Окчо
има шарено пончо,
три нозе и раце пет
и наутро игра балет.
П О Т К О В
Коњчето Потков
летало ко ракета
и оп! Баааам в ров!
И сега? Сега, лонгета!
М Л Е Ч Н О З А П Ч Е
Едно балонче од сапуница
видело кружна ѕуница,
зад неа се скрило ко врапче,
па паднало ко млечно запче.
М И М И
Врапчето Мими високо си летка,
низ облаци тоа сака да шетка.
„Немој во високото“, врабицата му вели,
а тоа ита ли ита кон облаците бели.
Ж И В К О
Молецот Живко вчера
отпатува в новата ера.
Низ времето тој се шлае,
иднината ко денес ја знае.
М А Т И Л Д А
Пеперутката Матилда сака
крилјата в полен да ги мака,
сокче од јоргованче да пие
и лицето со цвет да си го мие.
И С М И Н А
Стоногалката Исмина
ко ветер крај мене мина.
„Доцнам кај чевларот“, рече
и јавна едно бушаво мече.
К Л Е О П АТ РА
Скарабејката Клеопатра секој ден
за појадок си прави чорба од лен,
за ручек печена полнета лубеница,
а за вечера − десет зрна пченица.
В И Р Е Л К А
Туфнестата зајчица Вирелка
најмногу сака салата од зелка,
со малку нане, рибизла и мед
и полен од бел јасминов цвет.
М А К А Р О Н А
Фоката Макарона шах си игра
со Киклопа − сонливата видра,
дур’ штркот Тино плочи си врти,
а никулчето Нико тивко си ’рти.
Извор: Владимир Лукаш и Наталија Лукомска - Ши, Ѕифри, Копчи (Либи, 2021)