„Плетачката на тантели“ и „Брезите што шумеа крај Темза“ (извадоци од романите)

20.06.2022 15:53
„Плетачката на тантели“ и „Брезите што шумеа крај Темза“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде

„Плетачката на тантели“, Билјана Станковска (Феникс)

Ја тргна раката од нејзиното лице, се истави настрана и ѝ го ослободи погледот. Со напрегнатост го очекуваше нејзиното воздејство. Во истиот момент, таа, со ширум отворени очи пред глетката, се заниша од налетот на возбудата и се додржа. Со рацете преклопени на градите и со растреперен глас, повторуваше: „Так замечателнији...слишком красиво... так красиво, мој дорогој! Па, со неверојатна живост, се заита кон средината на галеријата. Со прелет на погледот, го опфати целиот простор и како преплашена ластовица кога влетува во затворен простор, запре пред централниот штанд кој беше бајката на ракотворната фантазија – создадена од конец и игла: бели тантели како пенливи водопади се слеваа во разиграни капки од котелци и јазли; се преклопуваа набори од прекривки со снегулки како навеани на замрзната вода; по работ на свилени завеси и ленени драперии се мушкаа цветни ластари изработени од конец во бледо жолти преливи; слетуваа бели пепeруги, прикачени на пајажинести нишки; па редица од брановидни јаки, невестински ракавици, ленти, шалови, велови, перници,чаршафи, тишлајфери, милјенца...

Бабушка, занесена во бесконечната игра на конецот, едвај се воздржуваше да не ги допре сите тие познати чудеса, само за да се увери во нивната вистинитост. Од возбуда забораваше дека сме покрај неа, па нагло се свртуваше за да нѐ побара и да ни го објасни начинот на изработка:

-Норечка! Каде си, мила? Тонка, ела! Го забележувате овој строго повторлив ритам на нишките на овој чаршаф?...Ете, тоа е, исклучително сложениот ажур, а овој шал е од уникатната жакард тантела...Ах, погледајте ја венчаницата, градниот дел ѝ е од чиста свила и шантал тантела...А, овие прекривки се од рачно ткаен лен...Еве, овој граничен ажур сум го работела...ова е рингер...Се работи со две рала бобини и игла за шиење...Те учев, Норечка, се сеќаваш. Ова милје е од макраме...Во Вологда, макрамето го работеа и мажите за да им помогнат на жените навреме да ја изработат нарачката! – наеднаш, замолчи за да вдиши длабоко и со горделив тон на гласот да продолжи. – Ете, ова е мојата, мојата...

- Вологда! - ѝ помогна татко ми.

- Да! Ги препознаваш, нели?

И двајцата согласно си кимаа со лицата, а радоста разиграно им блескаше во погледите, како да беше светлина одразена во раздвижени огледалца. Потоа пријде за да ѝ ја покаже легендата: долг текст, испишан на сјајно бела подлога, врамен во две паралелно впишани темнозлатни линии, на што бабушка забележа дека совршено се вклопува во овој раскош, па се сврте со молбен израз на лицето:

- Тонка, миличок!Прочитај ми...Сѐ да ми прочиташ...И преведи ми...секој збор.

Тој ѝ го читаше текстот и истовремено ѝ го преведуваше. А, таа го шепотеше секој збор, го повторуваше небаре е песна што сака да ја научи.На крајот од последниот ред, но издвоен и нагласен со појадри букви, тој замолчи, се сврте кон неа, со израз на одважност, со подигнат показалец за да го нагласи значењето на следната реченица и со поинаков тон на гласот изрецитира:

-„Вологодска тантела.Златен медал за 1958 година!“

„Брезите што шумеа крај Темза“, Катерина Серафимовска (Арс Либрис)

Седев удобно сместен на модерниот мебел во новиот монденски стан на Беверли во Челзи. Разлистував едно списание, додека таа стоеше замислена покрај прозорецот.Разговаравме за разни работи, и, меѓу другото, ја начнавме и секогаш присутната тема за уметноста. Во еден миг, таа ја поттргна завесата,погледна кон паркот „Бартон Корт“ и испушти гласна воздишка:

-Во суштина, Едвард, на сестра ми многу ѝ се допаѓа да изигрува „бунтовник без причина“.Несфатена уметница, жена – боем и такви смешни работи...Но не знам дали воопшто некогаш помислува на иднината? Бидејќи постојат и поважни работи во животот, како што е нејзината кариера.

-Па, добро, таа пишува и издава книги.Талентиран автор е...Еден ден би можела да успее на тој план, нели? – смело реков јас, со желба да ја одбранам Ема.

Честопати ни се случуваше да разговараме за неа во последно време.

Обајцата бевме блиски со неа, а упорно ја изневерувавме...Токму поради тоа, потсвесно ја носевме во мислите.Од друга страна, сѐ уште моравме да ја прикриваме нашата љубовна афера и Беверли не можеше да ја совлада докрај својата нетрпеливост.Сметаше дека сестра ѝ е главната пречка кон нашата целосна среќа.

-Хм, пишувала книги...глупости – брзо се надоврза, правејќи презрива гримаса со усните.– Замисли си, еден ден – таа би можела да успее. Ајде, те молам... тоа е утопија!Кој нормален човек би можел вистински да живее од тоа во денешно време?

-Не сфаќам,зошто мислиш така?– ја прашав, малку навредено.

- Еве, на пример... да ја земеме нејзината последна објавена книга. Збирка раскази, со некое чудно и апстрактно име. Ти се колнам дека не успеав да прочитам повеќе од дваесет страници.Ми беше досадно до смрт!

Заустив да кажам нешто, ама таа продолжи да зборува со голема жар:

-Мислам, книгата почнува со еден навистина глупав расказ. На речиси пет страници, Емили опишува сцена во која се слуша звукот на тупотење на високи женски потпетици врз штиците што доаѓа од таванот. Тоа е буквално сѐ што таа опишува.Значи, чекорењето на една жена...како и чкрипењето на чевлите врз лакираниот под. Досадно, ептен!

-Почекај малку,го знам тој расказ.Мене ми се допаѓа... храбро ѝ реков.

-А, што точно ти се допадна во него? – изговори цинично,набирајќи ги тенките веѓи.

- Ема се обидува да ја долови психолошката состојба на жената преку начинот на нејзиното нервозно чекорење натаму– наваму низ собата. Таа намерно го ставила акцентот на повременото застанување и на паузите меѓу чекорите, разбираш? Всушност, се работи за нејзината лична драма, како и за силното двоумење. Тоа сака да го отслика!

-Ама ајде...те молам, Едвард. Какви се тие глупости? Кажи ми, кој денес има време да чита такви работи?И, кој воопшто би ги купувал тие книги? На крајот од краиштата, дали таа би можела да живее само од смешните книжевни хонорари, исплатени само еднаш во неколку години?

Ја наведнав главата наместо одговор и тврдоглаво молчев, потајно свесен дека сепак имаше право околу овие работи.Таа како да се осили од мојот молк:

- Никој, ти велам.Однапред е осудена на пропаст!Ах, убаво ѝ зборуваше нашиот татко. Само од уметност не може да се живее. Се согласуваш ли?...

-Јас не гледам така на работите – смирено одговорив. –Напротив, мислам дека Емили е мошне вредна и упорна како личност.

Несомнено многу е талентирана.

-Таа никогаш нема да успее, верувај ми. Никогаш! –повторно ми нагласи, со извесна доза на гнев во гласот.

„Брезите што шумеа крај Темза“, Катерина Серафимовска (Арс Либрис )

ОкоБоли главаВицФото