„Врисок за избор“ и „Ловци на лажни вести од зграда 39“ (извадоци од романитте)

26.05.2022 14:56
„Врисок за избор“ и „Ловци на лажни вести од зграда 39“ (извадоци од романитте)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.




„Врисок за избор“, Јадранка Павлек, Св.Николе: Ј. Димитриева

Кинезите имаат една клетва „Да ти се погоди да живееш во занимливо време“. Ако не е времето занимливо, знам тие ќе се потрудат да го направат, ќе си поиграат со технологијата, медицината, ма каде и да сакаш ќе бркнат со прст или цела рака.

Земјата – место за средба на душите. И овде, оваа просторија и ова, е сржта на моето постоење, благословот да ги сретнам луѓето кои најдоа место во мојот свет како картите што си најдоа во собава.

Во картата со котелот се собрало целото минато, личности кои помогнале да научам дека воопшто не било важно каде сум и што работам.

Ја помилував картата на минатото, во мисла се појави лик на црномурна Циганка со шарена шамија, колку висока толку широка, го извади шпилот карти од појасот и ѓаволесто се насмеа седнувајќи до мене на клупата во градскиот парк. „Да ти гледам“, рече. Ја гледав добродушната старица, ми мирисаше на добрина, тоа е миризба која внатре во вас прави спокој од кој токму сега имав потреба.

Кимнав со глава, збор не можев да изговорам, погледнав како ги реди една по една, се сепнав маѓепсано, гледав во нив, секоја беше различна, чудно се почувствував додека ги гледав така наредени, секоја различна, волшебна, како потврда на одлуката во мене.

Кога душата ќе заплаче, студен бран низ тело мине, залак во грло стои, мора промена, нема утре, веќе почнало, сѐ се споило во три – магичен број со кој сѐ завршува и почнува.

Децата се тие кои нагаѓаат, многу работи не знаат, не разбираат, а татко им вели „сите така живеат“ е овде е замката, кај „сите“, што значи не постојат како едно. Групирање на картите во шпил се сите, но не се едно, секоја е различна, е тоа беше чекорот, тоа беше мојот избор да се најдам која сум, изгубена во „сите“.

Ќе има падни – стани, ползење, можеби рака некој ќе пружи, но како и да е, ќе одам, решив, па каде стигнам – стигнам, си мислев тогаш.

Го слушав мекиот глас на старицата во мислите, додека во исто време блесок ја осветли собата како потврда на средбата, веќе се стемнуваше а јас скаменета на удобниот тросед си спомнувам на нејзините зборови. „Богатство гледам расфрлано во ‘модерна соба’.Хм, многу чудно карти се отворија и види како ми се потсмеваат. Години ќе минат додека до изворот стасаш и жед згаснеш, ама пат ќе направиш и жедни ќе поиш“.Тага и среќа ѝ се менуваа во гласот, а мекоста постојана, галеше со секој збор. Почна една по една да ги собира, купчето карти во старечките раце сега како китка букет ми се стори и за чудо, тој букет стокмен, во мојата рака го спушти.

„Тебе не знам да ти прочитам дете, твојот пат ќе биде колку долг толку широк, колку длабок толку висок, ќе се грееш на мраз, а разладуваш на сонце, ветер ќе те милува на дожд ќе киснеш, години нема да броиш, пари нема да калемиш, а богата ќе бидеш“.

Старечката рака на мојата коса како благослов ја примив, потонав во нејзините очи, во мајчинскиот мирис, мајче ми беше по тен, наследство од татко на ќерка, кој сигурност ми пружи како куќна стреа.

Следниот миг потскокна како некое дете и со брзи чекори го напушти паркот. Ги гушнав картите, ги доближив до моето срце посакав да му шепнат да се стреми кон тој пат кој само име имаше – „живот“. Ниту план, ниту програма, второ име – неизвесност и јас на него, пак магична тројка направивме.




„Ловци на лажни вести од зграда 39“, Огнен Неделковски, Детски културен центар „Карпош“, Скопје

Да не должам, Ловците на лажни вести не се пензионери што седат на едно место и пишуваат мемоари.Тие секаде во светот,па и пошироко, се вешти, брзи и активни типови и типки, кои место не ги фаќа и кои секојдневно трагаат по информации, кои ќе им помогнат да откријат дали навистина црното е црно, а белото е бело. Или за нијанса побело. И не се типови што се жалат во книги или пишуваат писма до министерствa и агенции. И не се јавуваат во утринска програма на сите телевизии. Не и не!Тие се модерни персони, кои го окупираат невидливиот интернет простор и бомбардираат со дождови од вистина, вистина и само вистина. На тој начин ги демаскираат сите лаги. Зашто, да не се лажеме, секоја вистина е скриена со маска. И треба некој да ја демаскира. Кој, ако не Ловците на лажни вести. Дени односно јас, Вале,Сашко и двајца гуштери, кои допрва треба да победат на актуелниот конкурс, го правиме тоа. А ќе видите како. Со кои средства, методи и постапки. Ако ви се допаднат методите на нашата борба, слободно можете да ги примените и во вашата улица, маало или зграда.Ако ви треба помош, можете да ме повикате мене како експерт.Се разбира, бесплатно. Ако инсистирате, ќе се напијам еден домашен сок од дренки.

Секоја паричка има две страни.Петка и глава.Каде има Ловци на лажни вести задолжително мора да има и креирачи на лажни вести. Еднакво интелигентни луѓе, кои немаат друга работа и секојдневно лансираат по некоја лага за секој што ќе го видат. Дури и не мора да го видат, доволно е да помислат на него, да го видат на телевизија или на некоја социјална мрежа. И веднаш да сплетат за таа персона неверојатна приказна, толку замрсен заплет, од кој ќе му треба најмалку пола година за да се отплетка. Или да мисли дека се отплеткал. Зашто добрата лажна вест е како жива кал што повеќе докажуваш дека си во право и се обидуваш да излезеш од неа, сѐ повеќе тонеш и тонеш.

Како што веќе забележавте, јас сум по пишувањето и од мал сакам да си играм со буквите и зборовите. Евтини се и не бараат батерии. Едно време си играв и со количиња, џамлии и топки, ама кога си играв со буквите не се потев, не ме болеа мускулите, не ми беа испукани рацете и не ми беа крвави колената. И не ми требаше никој друг во играта. И за шах, и за жмурки, и за „Не лути се, човече“ треба најмалку двајца, а тука е доволно едно пенкало и едно парче хартија. Другар ми Сашко, освен што ја сака Вале, во слободно време е цар за компјутери. Ги знае сите тајни на интернет галаксијата и одлично плете социјални мрежи. Другарка ми Вале, освен што тајно ме сака мене, има голем круг на пријатели и не се срами од ништо. Многу е комуникативна , дружељубива, пријатна и весела. Сепак, засега тоа е недоволно за и јас да ја засакам. Ама, не се знае. Можеби еден зимски ден, за инает на Сашко, и ќе ја засакам. Срцето е непредвидлив мобилен телефон (од поевтините) и не знаеш кога ќе почне да вибрира.

Летото е најчесто долго, топло и здодевно. Особено кога си на распуст, а твоите дома се прават на удрени и не распишуваат тендер за летување.

-Олимпијадата се игра на четири години.Зошто ние секоја година да одиме на море? – е образложението на татко ми, а мама едногласно го поддржува и додава:

-Не е само да појдеш на море. Тоа е најлесно. Треба пред тоа да набавиш милион работи. Нов костим за капење, лежалки, чадор за сонце, столици...

Јасно, најевтино е да седиш дома и да гледаш турски серии. Едно време јас, Вале и Сашко планиравме да снимиме турска серија, ама потоа ни текна дека нема шанси тоа да го направиме. Зошто? Добро прашање. Па, не сме Турци.

Наместо да мериме улици, да читаме тупави лектири и да голтаме скопска прашина, јас, Вале и Сашко едногласно одлучивме да ги засукаме кратките ракави и ова лето да го поминеме во лов на лажни вести. Не знам за вас, но мене ловот ми е во генот. Дедо ми Соколе цел живот ловеше диви свињи, волци, бафала, мечки и по некој рис, иако никогаш во својата долгогодишна ловечка кариера не донесе дома ниту еден таков трофеј.



 

ОкоБоли главаВицФото