Препарирани птици кружат по небото

27.06.2022 09:59
Препарирани птици кружат по небото

 

Уште неколку микро фикции од современиот бугарски писател Роман Кисјов. (првиот дел, овде)


ВЕСТИ

Авион се урна при судир со мува.
Мравка активира мина во полето.
Мебелот во стан во главниот град повторно се претвори во шума.
Цвеќињата од хербариум, заборавен во градината, расцутеа со другите цвеќиња.
Забележано е јато препарирани птици како кружи на небото над градот.
Градската зоолошка градина доби нов примерок - мајмунолик човек.
Полицијата трага по избегани ликови од цртежи во Градската галерија.
Фатија сериски убиец на времето.
Започна судски процес против крадец на соништа.
Уапсија поет обвинет за незаконска трговија со илузии.


ИДНИНА

Тој живее во иднината. Не, не дека живее во идно време - ќе биде, ќе направи, ќе страда, ќе љуби... Тој е, тој прави, страда, љуби...
Но сепак, тој живее во иднината - иднина во сегашно време. Зашто неговиот дух, освен тука, е и во друга димензија, а единствено плотта - во сегашноста.
Тоа не е апсурд. Тој е како човек одненадеж останат без сеќавање, кој заборавил каде живее, се вратил во минатото преживувајќи го одново, за да си го најде патот кон дома.


НОВИТЕ АЛИШТА

Тој беше детето кое пред многу години извикна: Царот е гол!
Сега, кога сите во егзалтирачки транс ги скандираат неговите зборови, тој единствен вели: Ние сме голи!


МИСТИКОТ

Очите му светат: во десното око – Сонцето, во левото – Месечината, во третото око – седум ѕвезди...
Телото му фрла сенка од таинствени знаци. Духот му е на светлосни чекори пред него...
Чекори претпазливо – од страв да не нагази некој ангел.


АРХЕОЛОГ

Познавам еден археолог, кој носи десет рачни часовници истовремено - по пет на секоја рака... И секој рачен часовник покажува различно време.
Го прашувам зошто му се толку часовници и зошто покажуваат различно време...
Зашто живеам во различни времиња... Утрово бев потонал во пластови од пред пет илјади години, на ручек бев во IV век од нашата ера...
Потоа погледнува во петтиот часовник на десната рака и додава: Време е да ја водам жена ми на вечера.


Превод од бугарски: Иван Шопов
Извор: Насън и наяве, ЕРГО, София, 2021.
Цртежи: Роман Кисјов

Роман Кисјов (1962), бугарски поет, ликовен уметник и преведувач. Завршил Средно уметничко училиште во Казанлак и Уметничка академија во Софија, специјалност живопис. Живее во Софија. Автор е на поетските книги „Вратите на рајот“ (1995), „Сенката на полетот“ (2000), „Светоодец на светлината“ (2003), „Криптус“ (2004, 2007), „Гласови“ (2009), „Градина на тајните“ (2014), „Јајца од феникс“ (2014) и „Мистична роза“ (избор, 2016), како и на збирката кратки раскази „На сон и на јаве“ (2021). Негови песни и книги се преведени на дваесетина јазици. Во 2010 година, на македонски излегува книгата „Словото пастир“ (Макавеј, препев на Ефтим Клетников), во 2016 електронската книга „Јајца од Феникс“ (Темплум, препев на Иван Шопов), а во 2019 „Мистичната роза“ (Восток, препев на Михајло Свидерски). Во 2014 година ја добива наградата „Македонски книжевен Дедал“ од Макавеј. На бугарски јазик превел поезија од повеќе македонски автори, меѓу кои Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Радован Павловски, Ефтим Клетников, Гордана Михаилова Бошнаковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Никола Маџиров.

ОкоБоли главаВицФото