Калиа, потрагата по име

13.12.2017 12:59
Калиа, потрагата по име

Пролог

Девојката на чело го имала истетовирано зборот КАЛИА. Не знаела кој ѝ го дал тоа име, ако било име. Немала никој свој. Не знаела која е. Поради жигот на челото ѝ велеле: „Ти си од кал, само тело; немаш душа во ниту еден од трите степени; малку си повеќе од животно“.

Кога пораснала ѝ рекле: „Мораш да заминеш одовде и да ги откриеш своите три имиња. Бидејќи секоја особа има три имиња; едно со кое ја викаат таткото и мајката; едно со кое ја викаат другите луѓе; и едно кое го стекнува за себе. Најдобро е она кое го стекнува за себе“.

Затоа, за да ги дознае сопствените имиња, Калиа тргнала на пат. Еден ден се нашла пред пештерата на Али Баба.

 

Калибан

- Отвори се Сезаме - рекла.

- Овде се зезаме?! - рекол Калибан, чуварот на Алибабината пештера, еден од четириесетте разбојници.

Калиа баш и не се исплашила од страшниот получовек. „Ако и стои пред пештерата на Али Баба не е Баба Рога“, си помислила.

- Гледам, пред влезов ви растат бабини гниди и бабјак - рекла Калиа.

- Многу баботиш, девојко. Ризикуваш да ти направам бабнатина - се заканил Калибан.

„Ликов е ликовен приказ на ликантроп, лика-прилика на ликсур“, си помислила.

- Ти да не си некој лангач?! - дрско одговорила Калиа.

- А ти да не си некоја калаштура што сака да ликува - рекол Калибан.

- Не, не, во оваа лакрдија јас сум ти лале, т.е. Лилија од Лилипут, се движам низ џунглава на лијани, лилјани и лилјаци. И ми треба калауз, за влез - рекла Калиа.

- Девојче, не лај, не се лактај и не биде лакомо - рекол Калибан.

- А ти не биди лајнар, лакеј и лаик! - рекла Калиа.

- Калауз за влез каде? - прашал Калибан.

- За влез во Шаторот за состанок - рекла Калиа.

 

Али Баба

Тогаш се појавил и Али Баба.

- Алилуја, Калиа! - рекол Али Баба.

„Ситуацијава станува калабалак; само калиф ни фалеше“, си помислила Калиа.

- Овде сите се изразуваат низ каламбури. „Сезаме се зезаме“ е работава - рекла.

- Сезам е сезнаен и сèсезонски - рекол Али Баба. - За разлика од овој алипен створ, Калибан, кој е своевиден сеизмограф и сеиз пред мојата пештера.

- Во која си го чуваш чеисот? - дрско прашала Калиа.

- Калиа, ние се наоѓаме во Калистан, а не во Камелот - рекол Али Баба. - Тоа не значи дека мојот Калибан има калибар на талибан, но добро калибрира.

- И вибрира... Велиш, Калистан? Во Калевала имам читано дека Алибабината пештера се наоѓа во земјата Лаконија - рекла Калиа.

- Или во Лапонија?! Калифорнија?! Каледонија?! Само сезнајниот Сезам знае каде сме стварно. Можеби на Кале си читаш Калевала, ко Алиса или Миранда.

- Бабини деветини, Али Баба! Не сум ни Алиса ни Миранда! И иако ликов пред влез ти е ликовна еманација на калпазан, целиот икав и калпав, не се однесувај со мене како да сум икебана пред влез обраснат со бабини гниди! - бесно рекла Калиа.

- Да не си калуѓерка од Калкута? - прашал Али Баба.

- Не, не, јас сум валкира од Калкира и можеби под јазикот носам кукута за тебе - рекла Калиа.

- А јас си мислев дека си од Феникија или Калмикија - рекол Али Баба. - Чуј ме сега, Калиа: Ако клучните зборови успееш да ги изговориш со ангелски јазик, по совршен редослед и со вистинска интонација, тогаш врз твојот фустан ветрот калиграфски ќе ги запише твоите имиња. И конечно ќе добиеш фустан од светлина, а не од кожа.

 

Калимеро

Тогаш се појавил и Калимеро.

- Кој си па сега ти?! Еден од разбојниците?! Јанѕа ме фаќа од вашата алијанса! - рекла Калиа.

- Можеби сум Градителот на Шаторот за состанок? - рекол Калимеро. - Но можеш да ме третираш и ко борец за правда, вистина и елеганција. Или чупавец од кутија.

- Или стапче динамит во продавница за свеќи, како што понекогаш се чувствувам - рекла Калиа.

- Кризата допрва ќе покаже дали ќе нурнеш во некој од одразите во огледалото, за да настрадаш од неговата инкарнација, или ќе ја сочуваш шансата да се свртиш од огледалото, оставајќи ја можноста својот живот да го преземеш како наод лишен од слика - рекол Калимеро.

- Молам?!

- Калиа, ќе морам да ти направам идентитетски скен.

- Бидејќи сум изгубена? И не знам која сум? Само гледам од своето тело, ко мачка - рекла таа.

- На списокот на имиња треба да утврдам која си: Калиопа, Кали, Калина, Алиса, Миранда... Можеби Ламија? Ламја?! Камила? Калинка? Камелија? Камелеон?!

- Може сум лама што после играњето ламбада се завиткала во ламе, легнала на ламинат, под ламарина, со запалени лампиони и ламба (со знакот ламбда на абажурот) - и одеднаш пламнала! Од неисправните лампиони. Или ламбдата е некоја кабалистичка магија, погрешен тетоваж...

- Можеби си, Калиа, само во преголем ламтеж, та само ламтиш?! И ништо не памтиш?

Тогаш Калимеро ја повикал коалата. - Коалата речиси како камелеон има осмотска способност за впивање идентитети. Таа ќе открие од кој калап си, Калиа.

- Сите ваши погледи ме промашуваат, никој не ме препознава! - се пожалила Калиа.

- Можеби коалата ќе те препознае, но не на прв поглед, не го очекувај тоа - рекол Калимеро. - Средбата со неа ќе биде повеќе надитрување и бамборење отколку увид; повеќе нем татнеж отколку молња на препознавање. Како впрочем и другите средби.

 

Коалата

- Ко лија си, Калиа! Ко бабуњосан бабун на лијана! Ко алигаторот на Али Баба! Ко Калигула да те правел! Повлекувам: ко од бабушка да си излегла! Да не речам брбушка, само тело, глина, восок и кал! - веднаш нападнала коалата.

- А ти, коало, ко ала изгледаш! Ко грозно алиште, заправо! И пиштиш ко аларм! Алал нека ти е!

- Ко ало мене да ми викаш, алиас Калио?! - одговорила коалата.

- Не се викам Калио туку ЛАИКА - рекла Калиа.

- Ти си кајла или шлајка, а не Лајка - рекла коалата. Можеби си АИЛАК?

- Коало, пази! Ако ми го изговориш името назадечки можам да умрам! - рекла Калиа.

- Уште си жива, Аилак?! Можеби зашто името ти е лажно и не си стварна? А и лак ти треба, за фарбање, оти си арамилак! - викала коалата.

- „Кал и ја“ - и така можам да го наречем нашиот навредлив разговор, коало, при што калта си ти, а ја сум јас. Стварна сум колку што си ти стварна.

- Тебе, алиас Аилак, можеби акал ти фали, дотолку АКАЛИ - рекла коалата. - Или калиум.

- А и лак, а и кал, зарем не? Многу сум се акала, коало, и затоа некои ме викаат АКЛИА.

- АЛКИА?

- Не. АЛИКО што нема акал. И бидејќи акал и калиум ѝ фалеле, ја нарекле ИАКАЛ.

- ИКАЛА?

- Не. ИЛАКА што многу скитала, итала и икала.

- И така стигнала до Итака, Илака? Која многу икала и кивала?

- И кимала кај што не треба - рекла Калиа.

- Добро - рекла коалата. - Си се изнаприкажавме. Дали носиш писмо за мене, освен жигот на чело?

- Не, туку јас го барам своето писмо - одговорила Калиа.

- Дојдена си по своите три имиња?

- Аха. Ветрот ќе ми ги запише на фустан од светлина.

- Калиа Калопистрија, дотераната - се насмеала коалата.

- Ти си, коало, Градителот на Шаторот за состанок? Ти знаеш кој ми го дал името? - прашала Калиа.

- Ти дадов девет имиња, избери си три, ако сакаш - рекла коалата.

- Толку се акав за да ги добијам смешните девет имиња?! - прашала Калиа.

- Девет имиња и девет објаснувања, за крај. Оди си сега дома - рекла коалата.

 

Завршеток

- Секој од нас има име кое му го дал Бог, кое му го дале татко му и мајка му.
Секој од нас има име кое му го дала возраста, начинот на кој се смее, облеката што ја носи.
Секој од нас има име кое му го дале планините и кое му го дале неговите ѕидови.
Секој од нас има име кое му го дале ѕвездите и соседите.
Секој од нас има име кое му го дале неговите гревови и неговите копнежи.
Секој од нас има име кое му го дале неговите непријатели и неговата љубов.
Секој од нас има име кое му го дале неговите празници и неговата работа.
Секој од нас има име кое му го дале годишните времиња и неговото слепило.
Секој од нас има име кое му го дало морето и кое му го дала неговата смрт.

 

 

БЕЛЕШКИ

- Секоја особа има три имиња... - Мидраш Танхума, Вајакхел I

 

- „Градителот на шаторот за состанок ја познавал комбинацијата на букви со кои биле создадени земјата и небото.“ - Бецалел/Веселил - Берахот

- ...ветрот твоите зборови ќе ги запише врз твојот фустан. - Дивреи Ијов - Тестаментот на Јов

- Фустан од светлина и фустан од кожа (Котнот ор) - Зохар

- Алиса, Миранда - Од Кероловата „Алиса во земјата на чудата“ и од Шекспировата „Бура“.

- Кризата допрва ќе покаже... Петар Слотердијк, Тетовиран живот

- Секој од нас има име... - Песна на израелската поетеса Зелда.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото