Разбојникот и разблудникот

06.06.2015 16:01
Разбојникот и разблудникот

Се сретнале разбојник и разблудник.

‒Бојник и блудник. 

‒Што?! - прашал разбојникот.

‒Ко двојници сме ‒ рекол разблудникот.

‒Не може разбојник да биде двојник со разблудник. 

‒Можеби, на пример, заеднички ни се заблудите?

‒И лудите ‒ се насмеал разбојникот.

‒Сè додека не се разбудиш, од заблудите...

‒Сè додека не се разбудиш и разбулиш! ‒ пак се насмеал разбојникот.

‒Некој буљаш кога се разбудил се разбулил ‒ се насмеал и разблудникот.

‒А откако се разбулил се разболел...

‒Оти се осетил раскринкан?

‒Баеги бил распиштолен ‒ објаснил разбојникот.

‒Иако бил забулен?

‒Да, му требало маска за раскалашеноста. Затоа, разбулен, се осетил раскантан. Или раскринкан.

‒Разборит ти е муабетов ‒ се пошегувал разблудникот.

‒Не бе па ти! Само сум разборен, то ест зазборен.

‒Сеедно. Разбор ни треба за да не настане раздор.

‒Да, да, раздор нејќеме...

‒Сакаме разбор, низ развој...

‒А разборот настанува низ разговор...

‒То ест, низ разборуење.

‒То ест, низ разбашкаруење ги разбуричкуеме работите ‒ се насмевнал разблудникот.

‒Пак ме зазборуеш ‒ се насмеал и разбојникот.

‒Се најдовме вака збрани ко две црни врани!

‒Ко две црни овци збрани, ама избрани!

‒Блажени без да сме разблажени!

‒И без да сме излажани!

‒Битно сме разбрани ‒ утврдил разбојникот.

‒Мене поважно ми е да сум разбрануван, не разбран.

‒Неразбран? ‒ прашал разбојникот.

‒Разбрануван не значи луд, пријателе. Можеби некаков микс меѓу лут и луд ‒ рекол разблудникот.

‒Значи, ем разбран ем разбрануван? ‒ разборито прашал разбојникот.

‒Па да. Драго ми е што разбираш ‒ рекол разблудникот.

‒Ама ти не разбираш, оти не избираш! Само се пушташ, цело време настроен... ‒ почнал да строи разбојникот.

‒Подобро настроен отколку растроен!
 
‒Подобро скромен и строен отколку настроен...
 
‒Чуј, ми догорчуе коа ми се настрвуваш ‒ отворено рекол разблудникот и фрлил догорче во насока на разбојникот.
 
‒И мене муабетов малку ми докурчуе ‒ одговорил разбојникот.
 
‒Огорчен и накурчен - разборчени сме, така?! - пробал разблудникот да го разминира просторот меѓу двајцата.
 
‒Раскусурени сме, да! Ама како само разбрборени! - нерешително согледал разбојникот.
 
Чудно ослободени ликовите за миг западнале во малецок транс:

‒„Толку се разбореа што се разболеа!“

‒„Се разбореа до раздор!“

‒„Се разгореа до бунило!“

‒„Раздор предизвикан од разгор!“

‒„Раздор што ни разбој не може да го слее!“

‒ Курето ко ќе ти се разблее ни разборот не може да те слее!

‒Со либидото.

‒Затоа, либе, не се либи од либидо! ‒ заклучил разбојникот.

‒Затоа, либе, биди либерално! ‒ се насмеал разблудникот.

‒То ест, имај либидо на говедо! ‒ злобно пецнал разбојникот.

После тоа - штама. Наместо развој - развојуваност! Разбојникот почнал да го разбуткува разблудникот со цел да го разбрка. Но, разблудникот толку се разбеснел од разбуткувањето што почнал да разбива сè околу себе!

Разбојникот, значи, во тој миг на растроеност, целиот распламтен (и разбушавен), му задал смртоносен удар (фатална расекотина) на разбунтуваниот разблудник!

„Разгром, разгром!“, врескал разбојникот додека го приведувале...

 

Епилог

Притворен, разбојникот побарал една работа: да му дозволат разбуд ‒ посета на гробот на покојниот следниот ден по закопот. Надлежните разбуд дозволиле, но ние тука се раздвојуваме.

Слики: Brian Kershisnik

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото