Гнојниот остров

30.10.2015 13:03
Гнојниот остров

Гнојниот остров е релативно блиску до Земјата на Обестелесените Чипки. Овој остров е всушност распаѓачкото тело на црниот господар Николае Грујаде. Островот е неплоден и речиси пуст, бидејќи господарот се распаѓа почнувајќи од мозокот, коските и сржта кон надворешноста.

Посетителите најмногу се зачудени од џиновските птици (со изглед на мршојадци) кои секојдневно облетуваат околу островот и со огромните и остри клунови ја кинат неговата раскашавена почва како да распарчуваат леш. Дали тоа го прават за да се прехранат или затоа што некаде на друго место прават некакво гнездо ‒ никој не знае. Но, се знае дека и на тој начин Гнојниот остров постојано се намалува и исчезнува.

Ретките психогеографи што го посетиле островот запишале дека сенишно бледите жители неколку пати дневно, забивајќи ги лицата во гнилата почва, му оддаваат почест на распаѓачкиот господар.

„Тие сеништа налик на плински пламенчиња над мочуриште, изненадувачки, се движат со совршена сигурност, иако се слепи!“ ‒ запишал хроничарот Трепет Плиниј.

„Домородците се раководат со канализациониот, подземен светилник на островот, слепи како некој кој предолго ѕурел во сонце. Овој светилник, инаку, работи на гноивото што испаѓа од господаровата уста“, запишал психогеографот Пали Жари.

На љубопитните а притоа и побожни патници им се советува да ја посетат и Патафизичката Капела издлабена ‒ од страна на неколку избркани лудаци во потрага по азил ‒ во еден од преостанатите заби на распаѓачкиот господар.

(според мотив на Алфред Жари)

Слика: Conrad Haberland

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото