Вселенскиот полилеј

06.07.2022 16:04
Вселенскиот полилеј

Вселенскиот полилеј е големо кристално ѕвоно
украсено со многу сонца, со ѕвезди и со планети
Вселенскиот полилеј
е украсен со џамлии во разни бои
Вселенскиот полилеј
е украсен со вселенски мудрости
         и со лудости
(Вселенскиот полилеј
е украсен со моите поетски мисли!)

Мисли
Мисли
Мисли
Песни-езера
Цела вселена!
Вселената истура ѕвезден посоп над нас
Ѕвездени искри
Ѕвездени мисли
         Крш од ѕвезди

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
Песната е вселенски полилеј

_ _ _
Просторот е огромно око -
убаво око на вселената
(Вселенското море
му ја дава бојата на окото на вселената)
- Бојата на окото на вселената!

Бранови
Бранувања:
Вселенско превивање и прекршување
Вселенски бродови
         и бродоломи
Вселенски ерозии
         и експлозии
Протуберанции!
         Мудрости на сонцето!

_ _ _
Светкаат небеските светла
Трепкаат пламенчиња во разни бои
Се палат и гаснат свеќите на вселенскиот полилеј

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
Се ниша вселенскиот полилеј!

Какво е ова чудо од убавини
Чудо од песни?!
Песни годишни времиња:
Пролетни - летни - есенски - зимни
Песни химни!

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
Песната е вселенски полилеј!
_ _ _

Тоа е начинот на постоење на вселената
Таков е начинот на вселенското мислење
Овие убавини се начин на постоење на вселената
Овие убавини се говор на вселената
Овие убавини се јазик на вселената
Поезијата е вселена!

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
Се ниша вселенскиот полилеј

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
ПЕСНАТА Е ВСЕЛЕНСКИ ПОЛИЛЕЈ!
Јазикот на песната е јазикот на вселената
Јазикот на вселената е небото!

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
светлина во разни бои зраци - копја на убавината
Џамлии за невини игри

КРШ ОД ЅВЕЗДИ!

Ѕвезден посоп
     Посоп
              Посоп
                       Посоп

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
Ѕвездени искри
Веселенски мисли
Вселенски мудрости
Вселенски лудости

ПРОТУБЕРАНЦИИ!
            МУДРОСТИ НА СОНЦЕТО!

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
Песно вселенски полилеј
Денеска е мојот 46-годишен поетски јубилеј

Сипи Сипи Сипи
Сеј Сеј Сеј
ДЕНЕСКА Е МОЈОТ ЈУБИЛЕЈ

***
Но ако продолжиме да натрупуваме експлозив
         на земјата
Целата материја
         ќе се претвори
                  во антисиметрија


Слики: Татјана Миљовска

Јозо Т. Бошковски (1933, Острилци, Крушевско ‒ 2008, Скопје) – поет, раскажувач, есеист, теоретичар, сликар, една од најнеобичните фигури во македонската култура. Автор е на дваесетина екстравагантни книги од разни жанрови: поезија, поезија во проза, раскази, драми, книги за деца, есеи, уметничка теорија, дневници... 

ОкоБоли главаВицФото