По повод Европскиот ден на јазиците

26.09.2022 17:07
 По повод Европскиот ден на јазиците

"Ние" - Жауме Пленса 

26 СЕПТЕМВРИ: МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Ти го сакам јазикот. И секој одделен збор од него, на хартија или на врат. Ти го сакам јазикот. Со него можеш да кажеш сѐ, да направиш сѐ, да ја наполниш и да ја плиснеш тишината зад нас, како вода. Ти го сакам јазикот на кој не ми зборуваш, јазикот на кој се срдиме, а најмногу оној со кој се мириме. Ти го сакам јазикот со кој поминуваш низ моите зборови и тие се отвораат како цветни чашки во бескрајна лексичка градина.
Ти го сакам јазикот во устата на мојот дијалект, во вратот на книжевниот стандард, на образот на отстапките од правилата; јазикот на грешниот правопис на мојата лекторска кожа, мастилавиот ти јазик што ми ги зашмрљува деновите, па не знам кога нечитливо заминуваш, а кога краснописно се враќаш.

Извор за текстот: Оливера Ќорвезироска - Престапни години (прозен календар)

***

На иницијатива на Советот на Европа, заедно со Европската комисија, Европскиот ден на јазиците се одбележува на 26 септември, секоја година од 2001 година, па наваму.

Целта на одбележувањето на овој ден е да се потенцира важноста од учење јазици ширум Европа, да се промовира лингвистичката и културна разновидност на Европа, како и да се поттикне доживотно учење јазици, во и надвор од училиштето.

ОкоБоли главаВицФото