Тајната војна на Илон Маск против слободата на говорот

03.11.2022 11:06
Тајната војна на Илон Маск против слободата на говорот

Одбраната на Илон Маск на „апсолутизмот на слободниот говор“ е фундаментално лажна. Сега кога милијардерот – културен воин го заврши купувањето на Твитер, платформата ќе биде обземена од токсични дезинформации, вклучувајќи длабоки фалсификати, бесмислена пропаганда, повици за насилство, доксинг и други форми на нелиберални чинови, против слободата на говорот.

Во 1897 година, американскиот медиумски магнат Вилијам Рандолф Херст го испратил илустраторот Фредерик Ремингтон да ја покрие Кубанската војна за независност. Кога Ремингтон кажал дека „нема да има војна“, Херст, наводно, одговорил: „Ти доставувај ги сликите, а јас ќе ја „додадам“ војната.

Тоа е стара приказна со добро позната поука: богатството дава моќ, а моќта раѓа желба за уште поголема моќ. Следува познат заклучок: Тој што ги контролира средствата за масовна комуникација, контролира како реалноста се конструира и пренесува.

Средствата за масовна комуникација се сменија од времето на Херст, но однесувањето на плутократите не. Илон Маск, откако доста ефикасно го користеше Твитер за да ги промовира сопствените бизниси, признава дека платформата има значително влијание во современиот јавен живот. И сега, кога заврши со купувањето на компанијата вредна 44 милијарди долари, императив е да размислиме зошто го сакал тоа - и што најверојатно ќе направи со неа.

„Со оглед на тоа што Твитер де факто служи како јавен градски плоштад“, твитна Маск на 26 март 2022 година, „непридржувањето до принципите на слободата на говорот фундаментално ја поткопува демократијата“. При одлучувањето дали да ја купи компанијата, тој објасни: „Воопшто не ми е гајле за економијата... моето силно, интуитивно чувство [е] дека имањето јавна платформа од доверба која е и широко инклузивна е исклучително важно за иднината на цивилизацијата“. И така, како самопрогласен „апсолутист за слободен говор“, Маск тврди дека го спасува јавниот плоштад на општеството со менување на политиките на Твитер, за да им забрани на политичарите како поранешниот американски претседател Доналд Трамп и американската претставничка Марџори Тејлор Грин да ја користат платформата за пропагирање на докажливи лаги и дезинформации, во име на слободата на говорот.

Повикот на Маск за „апсолутна слобода“ на говорот теоретски можеби звучи доволно едноставно, но импликациите се вознемирувачки. На пример, разбирањето на Маск за слободата на говорот ќе ја потврди одбраната на теоретичарот на заговор Алекс Џонс, на неговите непромислени и навредливи лаги, воедно и неговото срамото тврдење дека масакрот во училиштето во Њутаун во 2012 година, во кој вооружен напаѓач уби 26 луѓе (од кои 20мина на шест и седум годинишна возраст), бил всушност измама, поставена од „кризни актери“ (лица кои се преправаат дека се жртви во лажен напад). Судот во Конектикат штотуку го отфрли тој став, наложувајќи му на Џонс да плати речиси милијарда долари на семејствата на жртвите од Њутаун.

Судот е во право. Ниту една слобода - без разлика дали на говор или на дејствување - не е апсолутна. Напротив, значајната слобода бара основни правила за да се ограничат злоупотребите кои инаку би ја претвориле во мртва буква. Затоа имаме закони против измами на пазарот на стоки и услуги. Без такви ограничувања, лажните и измамнички тврдења би се размножиле, поттикнувајќи нивоа на недоверба кои неминовно ќе предизвикаат неуспех на пазарот.

Истото важи и за пазарот на мислења и идеи. Слободата на говор не е дозвола за намерно или непромислено давање изјави кои им штетат на другите или ги ставаат во опасност нивните права на сопственост. Затоа имаме закони против клевета и намерно нанесување на емоционална вознемиреност – како што е случајот со Алекс Џонс. Исто така, имаме закони кои забрануваат поттикнување на неизбежно насилство, лажно сведочење и лажење на властите за криминални активности.

Одредени ограничувања на говорот, исто така, се сметаат за суштински за да се заштитат слободните и фер избори. На пример, во многу држави во Соединетите Американски Држави постојат закони кои забрануваат намерно ширење лажни информации за местата на гласање, времето на гласање, автентичноста на гласачките ливчиња или упатствата за гласање, ниту пак можете да давате докажливи лажни тврдења за вашиот статус како актуелен учесник во кампањите или за вашата кампања. И како што е јасно кривичното гонење на учесниците во насилната толпа што се обиде да ја блокира мирната транзиција на власта во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, слободата да се има непопуларни политички ставови не дава право на насилен бунт.

Дури и со сегашните политики на умереност на содржината, платформите на социјалните медиуми се преплавени со дезинформации што ја нагризуваат довербата на јавноста и ја поткопуваат суштинската функција на слободниот и информиран политички дискурс. Ваквите субверзивни тактики направени да го срушат пазарот на мислења и идеи се, всушност, чинови против слободата на говорот. Нивната единствена цел е да го девалвираат самиот политички дискурс.

Маск веќе понуди преглед на промените што би можел да ги направи на Твитер. Она што започнува со враќањето на профилот на Трамп, дозволувајќи му да шири повеќе докажливи лаги за изборната измама и неговите политички противници, ќе имплицира пошироко разоткривање на стандардите на Твитер. Тврдењето на Маск дека ќе го спаси „јавниот плоштад“ на општеството е фундаментално лажно. Тој ќе го поттикне неговото распаѓање со тоа што ќе дозволи да биде обземен од токсични дезинформации, вклучувајќи длабоки фалсификати, бесмислена пропаганда, повици за насилство, доксинг и други форми на нелиберални чинови, против слободата на говорот.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Project Syndicate

ОкоБоли главаВицФото