Зошто Маск го уништува Твитер?

14.08.2023 01:16
Зошто Маск го уништува Твитер

Дом Лукре, истакнат десничар и следбеник на Трамп познат по ширењето теории на заговор, на 22 јули на Твитер објави снимки од злогласно видео кое прикажува експлоатација на деца - наводно за да раскринка некој што веќе бил кривично гонет и осуден заради поседување на прикажаниот материјал. На 26 јули тимот на Твитер за сузбивање на сексуалната експлоатација на децата отстрани снимки и суспендираше профил кој има 556 000 следбеници.

Се побунија алтрајт активистите. Многу познати следбеници на Трамп бараа Лукре веднаш да се врати на Твитер. Маск подготвено им одговори со коментар: „Поставените слики ги видоа само луѓето од нашиот тим. Засега ќе ги избришеме овие постови и ќе ја укинеме суспензијата на профилот“. Но сликите беа поставени на Твитер четири дена. А како што добро знаат новинарите, дури и ако водите кампања против злоставување деца и само се обидувате да укажете на сторителите, самото поседување такви слики е кривично дело, а камоли нивната објава.

Оваа мачна епизода е една од многуте во низа кои го илустрираат процесот на самоуништување кој изгледа дека Маск го започна на Твитер, компанија чие име неодамна го промени во Икс. Откако минатиот октомври го купи Твитер за 44 милијарди долари, на платформата врати многу познати активисти од радикалната десница, отстранети заради говор на омраза и ширење дезинформации. Неодамна го помилува и Кање Вест, кој твитуваше антисемитски вицови и го фалеше Хитлер. Маск ја укина верификацијата на профилите со сини беџови кои на јавните личности и компаниите им помагаа да се заштитат од имитатори со лажни профили и воведе верификација како платена услуга, што им оди во корист на троловите и оние што шират дезинформации.

По заминувањето на големите корпоративни огласувачи, Твитер е преплавен со реклами за евтини производи. Компанијата секојдневно губи милиони долари - и покрај отпуштањето 80 проценти од вработените. Сето тоа изгледа како пример на корпоративна желба за самоуништување: во тек е калкулирано уништување на општествената и економската вредност која Твитер и неговите корисници ја создаваа од 2007 година.

Маск драстично ги намали приходите на компанијата, ги избрка вработените и огласувачите, го уназади корисничкото искуство и си даде право да донесува арбитрарни одлуки за објавените содржини. Дали тоа што најбогатиот човек на светот го прави со новата компанија може да се спореди со она што побеснетите деца понекогаш го прават со новите играчки? Дали тоа е обид да се преплават глобалните информативни системи со дезинформации - што е испробана тактика на радикалната десница и нејзините тоталитарни поддржувачи од Русија?

Верувам дека зад неговите постапки се крие некаква подлабока логика. Маск сака да изгради нова верзија на корпорациски конгломерат од 21 век. Покрај Твитер, Маск е мнозински сопственик на компанијата Тесла која произведува електрични автомобили, компанијата Спејс Екс која развива вселенска програма, компанијата Боринг Компани која работи на поврзување на американските градови со подземни тунели, и Неуралинк, компанија која развива интерфејс кој ги поврзува компјутерите со човечкиот мозок. Во 2016 година компанијата Тесла го купи Солар Сити, дистрибутер на соларна енергија. Старлинк, компанијата која нуди сателитски пристап до интернет, е во сопственост на компанијата Спејс Екс.

Накратко, Маск се обидува да оствари доминација во технологиите кои на капитализмот од 21 век ќе му овозможат да ја избегне државната регулација: тоа се транспортот и енергијата после декарбонизацијата, сателитската комуниукација, интерфејсот помеѓу човекот и компјутерите, и најпосле Твитер/Икс - медиумска платформа која треба да прерасне во систем за плаќање. Маск не ја крие намерата дигиталниот градски плоштад, што некогаш беше Твитер, да го претвори во дигитален платежен систем, кој веројатно ќе користи сопствена криптовалута за дополнително да се заштити од државната регулација на финансискиот сектор.

Конгломератите излегоа од мода во седумдесеттите години на 20 век, заради проблеми со ефикасноста: на пример, спојувањето производители на автомобили и челичарници, банки, бродоградилишта и ланци супермаркети во една компанија е вистински кошмар за менаџерите.

Акциите на повеќето историски конгломерати вредеа помалку од збирот на вредностите на нивните составни делови, што создаваше притисок да се расформираат. Со одредени исклучоци, единствените конгломерати кои сè уште се успешни се секторските - како што е ЛВМХ кој контролира повеќе од 70 модни, козметички и потрошувачки брендови. Маск го решава проблемот со ефикасноста со задржување на приватниот статус на неговите компании, со што го намалува притисокот врз акционерите.

Какви му се намерите сигнализираше така што Твитер го преплави со говор на омраза, воведувајќи арбитрарни правила и давајќи им поголема видливост на своите омилени измамници и расисти. Намерата му е Икс да го претвори во универзална апликација за вести, коментари и сомнителни реклами, во платформа чија корисничка база ќе биде хипнотизирана од спектаклот на дезинформациите кои ќе се монетизираат преку платежен систем.

Носечка филозофија на целиот проект е бегство надвор од дофатот на регулаторните тела: избегнување на градежната регулација со симнување под земја; бегство во вселената заради регулацијата во областа на комуникациите; пренос на моќта од возачите на произведувачите на возила со вградување вештачка интелигенција во секој продаден автомобил.

Дали како граѓани ќе имаме некаква заштита? Тоа е следната голема битка на Маск. Ако му појде од рака да го врати Трамп во Белата куќа, САД ќе се претворат во лабораторија на неконтролирана корпоративна моќ - не само во областа на информирањето туку и во домените на урбанизмот, автомобилската индустрија и комуникациите.

Додека неговите конкуренти од Силиконската долина сè уште сонуваат за преселба во градови изградени на море, надвор од дофатот на финансиските прописи и владеењето на правото, Маск одлучи својата либертаријанска утопија да ја гради на копно. Заспаната и парализирана политичка класа зајакнува и не презема ништо. „Птичката ќе лета според нашите правила“, тврдеше европскиот комесар Тиери Бретон непосредно пред продажбата на Твитер. Во неговото ветување се вложуваше голема надеж, но не сум сигурен дека тоа сè уште има некаква тежина.

Ако Маск, Трамп и нивните сојузници победат убедливо на изборите во 2024 година, користејќи го Твитер за водење информациска војна против претседателот Бајден, тоа ќе биде голем чекор на патот кон нов корпоративен поредок без правила, по мерка на глобалната либертаријанска десница.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Adam Zyglis

Извор. https://www.theneweuropean.co.uk/

ОкоБоли главаВицФото