Ракетите не можат да ги урнат Путин и Асад

16.04.2018 02:06
Ракетите не можат да ги урнат Путин и Асад

Километрите се важни. Ако некогаш сте биле во војна, знаете колку е подобро од првата борбена линија да се биде оддалечен еден километар, отколку 100 метри. Два километри се подобри од еден. А ако сте измолкнете на 10 километри оддалеченост, веќе можете со треперливата рака да го држите лулето од наргилето или да ја помилувате побегнатата мачка, која многу добро го разбира значењето на далечината.

Од војната во Ирак, воените стратези од сите страни на светот посегнуваат по безбедноста на оддалеченоста. Ако Британија им се придружи на американските удари по режимот на Асад заради нападот со гас во градот Дума, веројатно ќе ги употреби ракетите „Storm Shadow“, со кои можат да се гаѓаат мети оддалечени до 560 километри од авионот што ги лансира.

На терен во Сирија, руските бази се заштитени со проектилите S-400 кои ги уриваат ракетите и авионите на далечини до 400 километри што се движат со брзина од 5 километри во секунда. Ако тоа ви изгледа бескрајно далеку од сликите на деца што повраќаат, тела во грчеви и труповите што ги видовде на Твитер, тоа е сосема разбирливо. Војните на луѓе и војните на машини се одвиваат во различни светови.

Целта на системот S-400 на Путин е да оборува авиони и да пресретнува ракети. Целта на фрлањето буре со хлор врз децата во Дума е да се предизвика покорност кај преплашеното население, да се демонстрира кршење на правилата на војување и да се испрати порака на целата планета дека повеќе не важат мултилатералните системи за спречување на воените злосторства, геноцидот и тортурата.

Но, за да се порази Асад и да се спречи натамошното нарушување на глобалниот поредок – не се доволни ракетите со голем дострел. Доналд Трамп и неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон тоа добро го знаат, но сепак ќе лансираат еден куп ракети. Попусто.

За да го поразиме Асад би морале да војуваме како во Ирак, под закрила на ноќта да одиме од врата до врата, да ги убиваме осомничените за поддршка на Ал Каеда и од кревет да ги извлекуваме нивните деца родители под светлоста на батериските лампи.

Би морале да продолжиме со бомбардирањето сè додека она што ќе остане од Сирија не заличи на она што остана од Газа. И би морале тоа да го правиме знаејќи дека хаосот кој го создаваме ќе отвори нов простор за џихадистичките групи кои се обидуваме да ги отстраниме.

Затоа сум против британското учество во воените акции против режимот на Асад. Тоа е неадекватен и циничен чин, насочен, пред сè, кон домашната публика во државите чии влади го губат легитимитет. Тврдењето дека така се спасуваат човечки животи е чиста глупост, а тоа добро го знаат политичарите и пензионираните офицери кои упорно ја повторуваат таа глупост.

На пократок рок, жителите на источна Гута единствено би можел да ги заштити силен дипломатски и економски притисок врз Русија и Иран, силите што управуваат со војната на Асад во Сирија, како и поддршката за постоечката или изградба на нова опозиција под водство на секуларните офицери на теренот, почнувајќи од Курдите во Рожава. Но, тоа нема да се случи.

Прво, на запад веќе нема волја за водење војни за смена на режимите. За жителите на демократските држави Ирак не беше „само уште една војна“. Изгледа дека Тони Блер и Дејвид Милибенд сето тоа брзо и лесно го заборавија. Нивните следбеници меѓу лабуристите не сфаќаат зошто некои луѓе и понатаму зборуваат за тоа. Но милиони мирољубиви гласачи не сакаат да го заборават Ирак. Тие сакаат да се сигурни дека веќе никогаш нема да бидат измамени.

Уште една причина е тоа што нема адекватна излезна стратегија. Војната во Ирак беше започната во заблудата дека Соединетите држави се доволно моќни да го обликуваат светот според своја волја, како ниедна сила пред нив и дека за реконструкција на ирачкото општество по Садам ќе се погрижи пазарот. Резултатите беа колапс на американската униполарна моќ и хаос предизвикан со пазарното управување на Ирак.

Влеговме во ера на политика на големите сили со која доминираат претседатели со доживотни мандати, во која земјите со нуклеарно вооружување градат сфери на влијание, ги шират териториите на кои меѓународното право повеќе не важи и развиваат трајни сојузи кои го чинат сосема ирелевантен Советот за безбедност на ОН.

Ни Барак Обама ни Доналд Трамп не пронајдоа решение за овој проблем; ниту беа доволно чесни за да со американските граѓани го споделат сознанието дека старите решенија – крстаречките ракети и разорувачите, повеќе не даваат резултати. Сега се појави и трета препрека за западните интервенции: манипулациите со јавното мислење што го оркестрира Кремљ, користејќи ги алатките кои на располагање ни ги ставија Гугл, Фејсбук и Твитер.

Наспроти изворите кои покажуваат дека контејнерот со гасот најверојатно е фрлен од руски хеликоптер Mi-8, многу добронамерни луѓе веруваат дека се работи за операција „под лажна застава“, која ја организирале џихадистите за западот да се вовлече во оваа војна. Факт што голем број луѓе се подготвени да го прифатат тоа објаснување е јасен доказ за успехот на глобалната стратегија на Путин.

Можните ризици за левицата во овој случај се очигледни, но премногу луѓе не се свесни. Ако Трамп погоди неколку командни бункери во Сирија, а левицата излезе на улица со транспаренти: „Подалеку рацете од Сирија“, што и да значи тоа за левичарите, за Асад, Путин и Рухани тоа ќе значи: подалеку рацете од луѓето што користат хемиско оружје и тортура.

Во меѓувреме, членовите на британскиот парламент како Џејмс Кеверли и министрите како Гавин Вилјамсон и Саид Џавид подготвија говори во кои сите што се против ракетните напади врз Асад ги нарекуваат фашисти, предавници и будали. Затоа треба посебно да се нагласи дека во овој случај спротивставувањето на воената акција е да се одбрани правото и законот, а не ширење на теории на заговор од Кремљ.

Во опкружување во кое се распаѓа глобалниот поредок, надворешната политика и одбранбената стратегија на британската левица би морале да тргнат од начелото на заштита на човековите права, почитување на меѓународните закони и изградба на капацитети на демократска опозиција во државите кои ги поттикнуваат судирите. За изградба на алтернатива на лансирањето паметни ракети потребно е повеќе од фалбаџиска реторика.

За да се изведат пред лицето на правдата сторителите на злосторствата во Дума треба да се деблокира мултилатералниот систем на Обединетите нации и на меѓународниот кривичен суд. Еден од предусловите за тоа е и руските граѓани изберат влада што не поддржува тортура, напади со хемиско оружје, убивањето на противниците и насилно освојување територии.

За да се постигне тоа, прво и самите би морале да престанеме да го правиме тоа: треба да прекинеме поддршката за Саудиска Арабија во Јемен, и на Израел кој пука во невооружени цивили во Газа.

Вториот услов е да го удриме Путин таму каде што навистина го боли: да ги уапсиме и депортираме неговите најблиски соработници во сите западни држави; да го конфискуваме неговиот имот; на сите правни, сметководствени и финансиски фирми да и забраниме соработка со руски клиенти. И да ја исклучиме Русија од SWIFT системот на плаќање.

Да, тоа значи наметнување на економска аутаркија на Русија и на нејзините сојузници и пропаѓање на нивните банки. Но ако навистина сакате да го промените нивното однесување, тоа не може да се избегне.

Третиот услов е во рамки на владеењето на правото, да започнеме политичка војна против Путин и неговата Голема Русија: да ги поддржиме руските невладини организации, политички партии и културни групи кои се подготвени да се спротивстават на владеењето на мафијата; да ги прошириме сервисите на странски јазици кои ги емитува Би-би-си и другите западни медиуми не само на Русија и Украина, туку и во Грција, ТУрција Унгарија и Балкан. Да изградиме капацитети за демократски инситуции во цела Евроазија.

Тие три работи, остри економски санкции, културална војна против клептократските елити и укинување на поддршката на ривалските клептократи нема веднаш, сами од себе, да донесат мир и слога. Барем некое време светот би бил поделен на изолирани трговски блокови, како во 30-тите години на 20-от век.

Но, ако веќе потегнувате тешки зборови како се фашизам и политика на попуштање, мора да бидете подготвени да го направите истото што го направија демократските држави во 30-тите година на 20-от век кога одлучија дека веќе нема да му попуштаат на фашизмот. Зошто западните елити не сакаат тоа го направат? Прво, затоа што се длабоко корумпирани со руски пари и врски со олигарсите поврзани со Кремљ. Што да мислиме за министерот за надворешни работи кој игра тенис со другарите на Путин за 160 000 фунти?

Понатаму, бидејќи најмногу сакаат да се играат војна користејќи оружје за одвраќање – машини против машини, радари против радари – политичарите кои ја завршиле кариерата ги чекаат добро платени места во компаниите кои ги произведуваат тие оружја.

Конечно, причината е и тоа што институциите што ги создаде западот за да се заштити од уцените на диктаторите да намете почитување на меѓународното право не се доволно силни. Европската унија е парализирана од стравот од радикалните десничарарски сили кои ги зајакна токму Путин.

Како во Мордор од книгите на Толкин, на окото што гледа сè, ништо не може да му побегне. Шведскакупила ракети од Америка наместо од Франција? Ултрадесничарската шведска партија кој го поддржува Путин веднаш поставува прашање зошто не се купени поевтини ракети, а Спутњик, проруска новинска агенција го пренесува секој нивен збор.

И НАТО е стратешки ослабен. Дали Грција би мрднала со прст за Естонија, чии што политички лидери во 2015 година ја поддржуваа Грција, кога Европската централна банка и Комисијата ја доведоа во прашање грчката демократија? Се разбира дека не. Што се однесува до Германија, каде сите водечки партии се против зголемувањето на трошоците за војската, а некои политичари отворено покажуваат симпатија за целите на руската дипломатија – малку е веројатно дека позитивно би реагирала во случај некоја од земјите членки да се повика на член 5 (вооруѓен напад на која било членка на НАТО се смета за напад на сите).

Додека го пишувам ова, рускиот амбасадор во Либан предупредува дека во случај на напад на САД врз Сирија, Русија ќе употреби ракети со голем дострел, не само да ги обори проектилите, туку и да ги нападне авионите и бродовите од кои се лансирани. Трамп одговори со твит: „Подготви се Русијо, зашто ракетите ќе стигнат, убави и нови и паметни. Не треба да се здружувате со животното кое го убива својот народ со гас и ужива во тоа!“.

Тоа го пишува човекот против кој, во моментов, се води истрага заради соработка со Русија. Дали влегувањето во војна заедно со силите на кои тој им е врховен командант предизвикува барем малку нелагода во редовите на ториевците и лабуристичката десница?

Трамп е човек што цел живот фантазирал за употребата на нуклеарното оружје и е нечувствителен за страдањето на цивилите во својата земја и надвор од неа.

Дали западот можеше да го спречи ужасот што се случи во градот Дума? Можеби, ако не ја опљачкаше Русија во 90-тите години; да го слушаше Путин кога предупредуваше дека ќе го демонтира глобалниот поредок и на тоа да реагираше со соодветна сериозност а не со презир.

Требаше да го зајакнеме механизмот за одбрана на демократските држави од хибридниот начин на војување што го применува Путин. Требаше да ги поддржиме секуларните сили на отпорот во Сирија, а не џихадистите кои избија во прв план најмногу заради тоа што му е препуштено на варварскиот режим во Саудиска Арабија да одлучува кој ќе добие оружје, а кој не.

Колку сте поблиску до војната, толку повеќе се прашувате како да ја сопрете, дури и ако е оправдана. Но Тереза Меј не размислува на тој начин. За неа ракетниот напад врз Асад е само уште еден удар нанесен на лабуристите.
Корбин прво беше обвинет дека е чешки шпион, па дека е човек на Путин – затоа што постави непрецизно формулирано прашање за потелото на супстанцата со која се отруени Скрипаљ и неговата ќерка. Потоа беше прогласен за антисемит. Сега и оние што го поддржуваат во спротивставувањето против еднострана акција во Сирија, ќе бидат обвинети дека работат за Асад.

Под водство на Тереза Меј, ториевците играат валкана игра како во првите години од мандатот на Маргарет Тачер. Меј се поврзува со Демократската униоистичка партија во Ирска и дава поддршка за антисемитската партија Фидес во Унгарија. Во недостиг на подобри идеи, главно начело на ториевците стана оцрнувањето на Лабуристичката партија.

Ако САД го нападнат Асад, долниот дом на британскиот парламент треба да гласа против учеството во овие напади и треба да ја одбие ретроактивата ратификација на евентуалните акции. Лабуристите и останатите опозициски партии треба да продолжат да инсистираат на докази, почитување на процедурата и постапување во согласност со меѓународното право и во случајот на злосторството во Дума во случајот на труењето на Скрипаљ и неговата ќерка.

Иако ослабени мултилатералните светски институции не се мртви, па би требало да се обидеме да ги употребиме за да сторителите во двата спомнати случаи ги изведем пред лицето на правдата.

Она што стратешки има најголеми изгледи да ги урне режимите што ги изградија Путин, Асад и Роахани е нешто што западот не сака да го поддржи: политичко уривање со дејство на секуларните и демократски движења што се борат за социјална правда. Тоа е оружјето кое би го избрал во борбата против сторителите на нападот во Дума.

 

Извор: New Statesman


 

ОкоБоли главаВицФото