Интервју со Растко Мочник

13.07.2017 11:48
Интервју со Растко Мочник

Учествував на првомајскиот збор „Црвена Ријека“ каде беше мошне „работно“ – дискусии и изложби, перформанси, меѓународна екипа. А, се радував и за „неработното“ дружење со другарките и другарите од просторите на некогашна Југославија.

Пред заминувањето во Ријека, во Галеријата Артгет во Белград, Мочник ја претстави својата нова книга „Списи за суверениот капитализам“ со различни текстови во кои теоретски и политички расправа за горливите прашања на сегашницата. Во последните години, на Пловдивскиот универзитет Паисиј Хилендарски во Бугарија и на Факултетот за медиуми и комуникации, Мочник е визитинг предавач.

Во најновата книга наведувате дека идеолошката свест може да ги поврзе масите во акција само ако ја совлада спонтаноста, само ако најпрвин е укине во теоријата. Што значи тоа?

Луѓето се поврзуваат во социјална група, колектив, со помош на социјалните врски. Таа врска е „идеологијата“. Во теоријата тој израз нема погрдно значење како во секојдневниот говор. Ако имате намера да го промените општеството, тогаш ви требаат двете: анализа на постоечкото општество и на таа основа план за промена – и силна врска која ќе ги обедини луѓето да го спроведат тој план. Анализата ја носи промената, а поврзувачките идеи се идеологијата. Идеологијата произлегува од теоретската анализа, значи „се укинува“ како спонтана и наивна идеологија.

Велите дека излегувањето од капитализмот е неминовно зашто овој поредок е во криза, дека не е можно придвижување на неговиот нов циклус, како ни дека распадот на системот не носи светла иднина. Каде насетувате излез – решение?

Спонтаниот распад на системот би донел или пазарен хаос без регулација или воена конфронтација или дури конфликт помеѓу суперсилите и нивните сателити. Значи, решението е организиран излез од капитализмот. Дури и системот некако да потрае, капитализмот не е одржлив зашто ја уништува планетата. Еколошките причини се доволно драматични за да се запре „бесконечната акумулација на капиталот“, односно произведувањето непотребни производи со кратко траење. Човештвото ќе преживее само ако пронајде порационален начин на производство и почовечки начин за заеднички живот.

Тука често ве цитираа, „Изгледа дека луѓето во Србија се премногу сиромашни за да протестираат“. Сега протестираат. Дали нивниот бунт е од стомакот, срцето, главата или од сите три. Како гледате на овие случувања?

На почетокот изгледаше дека бунтот повеќе е од срцето и од главата – а, сега се појавија и значајни барања, економски барања „од стомакот“.

Како го гледате односот на власта во Србија спрема актуелните протести?

Власта се однесува спрема протестите како секоја либерална буржоаска власт: се обидува да ги игнорира. Но, тоа е кратковида тактика.

Дали сте помислиле со свои совети да му помогнете на протестот, кои многумина го критикуваат како недоволно артикулиран? Ако да и ако не – зошто?

Во Србија има доволно умни луѓе, не им требам јас за да им солам ум. Артикулацијата на масовните движења обично се развива бавно, но сегашните протести брзо поставија значајни барања: работнички права, социјална еднаквост, зачувување и понатамошно развивање на социјалната држава, јавното образование, здравството, пензискиот систем. Очекувам наскоро да се артикулира и отпорот против приватизацијата на богатството кое го создаваа луѓето со децении.

Едно од поглавјата во книгата е „Трпеливоста во нетрпелив систем“, парадокс кој опстанува. Дали имате некакво објаснување зошто и какви се вашите согледувања кога размислувате за тоа?

Капитализмот воведува конкуренција меѓу луѓето, таканаречена војна на сите против сите. Луѓето се противат на кинењето на социјалните врски и создаваат алтернативни социјални мрежи. Се појавуваат нови субкултури и алтернативни облици на соживот. Секако, тоа има сопствен шарм. Бидејќи човечноста се изразува на илјадници начини и субкултурите се шарени како виножитото. Секоја нијанса не е за сечиј вкус – и тука се појавува трпеливоста како гаранција, така да кажам, на човечката солидарност.

Како гледате на иднината на работничкото движење?

Се надевам дека во „регионот“ што побрзо ќе создадеме политичка организација чиј фокус нема да биде парламентот туку работата меѓу масите. Организација која ќе биде меѓународна, значи барем балканска.

„Колку фашизам“ е наслов на вашата книга, но и тема на која се враќате одново. Зошто?

Јас не сум некаков специјалист за таа тема туку повеќе сум наведен да се занимавам со тоа заради војните по распадот на Југославија. Постои еден парадокс во врска со фашизмот. Класичните историски фашизми се создадени од распад, односно, трансформација на неолибералната граѓанска буржоаска држава во тоталитарна диктатура. Во постсоцијалистичките држави слични фашизоидни феномени произлегуваат од водењето на таквите буржоаски либерално-демократски држави. Секако, треба да се биде внимателен во врска со тие аналогии, но треба да се зборуба дека денес либерално-демократската форма е таква што овозможува вкрстено водење на државата без демократска контрола. Треба да се има предвид дека општествата се менуваат – од националните, кои историски биле плуралистички и демократски, дури и напредни во времето на борбите против империите. Сите југословенски нации се формираа во борба против империи – против османлиската или хабсбуршката империја така што треба да се посвети внимание и на таквиот вид трансформации зашто денес нациите се претвораат во идентитетски заедници.

Како функционираат идентитетските заедници?

Тие се авторитарни кон внатре и агресивни кон надвор. Впрочем, нациите што ги познаваме од 19 век веќе се минато. Тоа не е специфично само за постсоцијализмот туку тоа се случува во цела Европа, особено во Западна.

Впечатливо е јакнењето на десницата, а имајќи ја предвид Ле Пен дали мислите дека на овие избори во Франција, таа всушност се бори за Европа?

Европската унија се распаѓа со или без Марин ле Пен, но ако францускиот народ не може да најде подобра алтернатива освен продолжување на неолибералниот терор и неофашистичките формации, тогаш тоа е навистина голем проблем не само за Французите туку и за Европа. Тука постои и аналогија со американските претседателски избори зашто и таму алтернативата беше помеѓу продолжување на финансиската доминација или некој бизарен фашизоиден претседател со агресивна и милитантна реторика и дури и практики.

Дали однесувањето на Трамп треба сериозно да нè вознемири сите нас или тој е само марионета?

Мислам дека дојдовме до тоа да посакуваме претседателот на САД да биде само марионета во рацете на големиот капитал. Вообичаено тоа беше флоскула, а сега би било подобро тој да е само марионета отколку самиот да одлучува со оглед на тоа дека се гледа оти не е стабилен. Тој е поопасен од Буш помладиот, кој беше непредвидлив и кој направи катастрофа на Блискиот исток. Трамп е уште полош случај.

Би можело да се каже дека сте евроскептик. Често зборувате дека во Словенија е полошо откако е во ЕУ, но лесно ви е да го кажете тоа кога сте земја членка. Зошто се сомневате во Унијата?

Сепак, треба да се научи нешто од грчкиот случај. Да речеме во Португалија не е толку драстична ситуацијата, но се работи за ист процес, колонизација на Јужна Европа од страна на Северна Европа. И, тоа треба да се земе предвид. Свесен сум дека земјите каква што е Србија имаат некаков широк маневарски простор, но од друга страна треба да се има предвид дека Европската унија не е благонаклонета заедница на рамноправни народи. Таа е суплементарна конструкција која треба да го надомести губењето на светската хегемонија од страна на Западна Европа и САД. Немам совет, но од една страна треба да се биде внимателен и не треба да се очекува нешто добро од ЕУ.

Слики: William Catling

Извор: http://www.danas.rs

ОкоБоли главаВицФото