Најважната вештина за 21 век: читањето

23.11.2022 16:51
Најважната вештина за 21 век: читањето


Во годината која наскоро ќе помине одржав десетина семинари за дигитална писменост и дигитални медиуми за професори и наставници во училишта во Србија. Шабац, Ужице (двапати), Краљево, Сечањ, Сомбор, Платичево, Велика Плана и Параќин. Главно во гимназии, едно економско училиште, едно електротехничко, едно уметничко и едно основно.

Впечатоци и поуки:

Во училиштата работат ЦАРЕВИ. Ме посрамотија: очекував многу повеќе цинизам. Ве уверувам дека Белград е најциничниот град. Тоа е она: немој да си наивен, интегритет не постои, секој си го гледа само сопствениот задник, сите се опортунисти, па што, биди и ти, баш ти е гајле. Ете тоа во внатрешноста го има многу помалку. Овие луѓе преземале одговорност и веруваат во својата работа. Клучен збор: честитост. Се чувствувам охрабрено.

Бадијала приказни за образовни програми. Денес клинците не ги образува ни училиштето ни телевизијата, туку глобалниот Јутјуб, видео игрите и апликациите. Наставниците, пак, не знаат ни што е меме или Мајнкрафт. Тоа не е технолошки јаз туку - јазичен, медиумски. Условите за перцепција се поинакви. Младите размислуваат за светот не само во поинакви категории туку со поинаков механизам: со неолибералната логика на кликовите, иконите, емотиконите, инстант пораките и поените. Тоа е нивниот оперативен систем. Не се во состојба да читаат: да читаат што било. На наставниците им се чини дека учениците се дигитални волшебници, но тоа не е вистина. Учениците не се субјекти на дигиталните инфраструктури, учениците се нивни ОБЈЕКТИ. Единствено решение: уште во основно училиште да се воведе некаков вид дигитална хуманистика паралелно со информатиката. Значи, не програмирање или не дај боже Офис, туку размислување за дигиталното: како нè обликува дигиталното, како владее со нас, како да го читаме, како да го користиме креативно и критички. Но кој ќе предава?

Системот ги тера училиштата да бидат сè попермисивни. На учениците не смее ништо да им се забрани, а на дисциплината - без разлика каква - местото веќе не ѝ е на училиште. Родителите придонесуваат за проблемот: моето дете е најважното нешто на светот, само моето дете, моето дете, моето дете. Потоа тоа дете ќе наполни дваесет и неколку години и ќе се соочи со пазарот на трудот. Дури тогаш. Системот е зачудувачки подмолен: наместо да те подготви за неолибералниот капитализам, да те отрезни и да те натера да ги научиш своите занаети и да изградиш рбет и карактер, системот тежнее да те залула, да те убеди дека сите твои желби се свети и дека наставникот нема право да биде твој авторитет. Можеби наставникот не, но шефот за кој ќе работиш не само што има туку ќе те боли. Свеста за хиерархијата доаѓа за наплата предоцна, со камата, тогаш кога човек веќе не е во состојба да го развие рбетот.

Секогаш кога ќе ви речат, не можеш да им забраниш, сетете се на речениците на моите другари петнички психолози: не само што можеш, МОРАШ да им забраниш. За почеток: мобилните телефони во кутија, до вратата на училницата. Поинаку нема да ја развијат својата внатрешна дисциплина. А без дисциплина, како што рече Бадју, нема ни реална среќа ни слобода.

Комбинацијата на пермисивност и отсуство на дигитална артикулација создава генерации зависници. На една личност ќе доаѓа еден терапевт. Можеби тоа е клучно занимање за иднината: ни роботичар, ни биоинженер, туку психотерапевт.

Иднината ќе им припадне на оние што читаат - оние кои пред сè научиле да читаат и кои засакале да читаат. Убеден сум во тоа. Најважна дигитална вештина за 21 век: умешноста на читањето. Тоа не значи дека сите читачи ќе ја освојат иднината, туку само дека меѓу оние кои ќе ја освојат нема да има нечитачи. Еве: секој ден барем половина час. Без читање нема ни креативност, ни решавање сложени и апстрактни проблеми, ни координација со другите, ни комуникација, ни концентрација, ни способност светот да не се гледа парцијално туку сеопфатно. Да им помогнеме на децата да сакаат да читаат. Сами не можат: потребна им е нашата помош.

Слики: Quentin Blake

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Значења
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Балкан / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото