Избрани предлози за интердисциплинарен издавачки проект

29.12.2022 14:18
Објавени избраните проекти на повикот за собирање предлози за интердисциплинарен издавачки проект

PrivatePrint е издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн од Скопје. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, особено во општества во кои на културата ѝ недостига добра системска уреденост и институционална поддршка, мисијата на PrivatePrint е да ги прошири идеите за уметноста и да овозможи нивна поголема достапност, како и да овозможи платформа за подобра видливост и интеракција на новите уметници и уметнички практики.

Неодамна студиото, поддржано од страна на Фондот Принц Клаус за култура и развој, објави повик за собирање предлози за интердисциплинарен издавачки проект.

На повикот се избрани следните проекти:


Проект на Христина Крстеска

Проектот на Христина Крстеска е интердисциплинарно уметничко истражувањето на геолошките и геоморфолошките промени на пејзажот под влијанието на човекот. Во проектот таа тргнува од „неживото“ како несреќен научен термин со кој се дефинира настанувањето, градбата и составот на Земјата, а кој, исто така, придонесува до негативниот човечки однос кон водата, карпите и земјата. Во истражувањето, таа се осврнува кон односот кој луѓето го имаат кон овие природни ресурси на нашата планета и како тие се искористуваат во процесот на задоволување на, таканаречените „човечки потреби“, кои истовремено го поставуваат во самоуништувачка позиција.

Проект на Викторија Мачковска

Во проектот, Викторија Мачковска спојува две свои професионални дисциплини, археологијата и фотографијата. Од една страна, како дипломирана археологина таа работи на локалитети од праисторијата, а нејзино потесно поле на интерес е семиотика на неолитските предмети. Од друга страна нејзиниот интерес во фотографијата ја носи во истражување на цијанотипијата и други алтернативните процеси на создавање фотографија. Преку спојувањето на овие две знаења, нејзиниот интерес се насочува кон интерпретација на неолитските предмети и релевантно читање на нивниот визуелен и знаковен потенцијал. Проектот, преку интердисциплинарниот авторски пристап и фотографско-графички метод на работа ги реконтекстуализира вредностите на неолитските луѓе, како земјоделството, односот кон животните и животот во заедница во насока на вредности кои можат да резонираат како критика на нашиот современ свет.

Проект на Хана Корнети и Ивана Чалоска

Истражувачкиот проект на авторките Хана Корнети (културологина и писателка) и Ивана Чалоска (дизајнерка) се заснова на досегашното искуство на општествената градина „Бостание“ во Скопје. Истражувањето вклучува попис на самоникнатите растителни видови, на нивните полезни својства и примени, како и теми за развојот на агробиодиверзитетот во „Бостание“, за психофизичките и психосоцијалните ефекти од здруженото градинарство врз градинар/ките во „Бостание“ и за промените во нивните прехранбени навики. Проектот е замислен како хибрид од жанрови и вклучува книжевен текст, фактографски сегменти, рецепти, илустрации, инфографици, кои ја обликуваат зададената тема за градинарството.

Пристапувајќи спекулативно, авторките Корнети и Чалоска, во соработка со Димитар Самарџиев, од општествената градина „Бостание“, познавач на пермакултултурниот дизајн и истражувач на конвергентните полиња на животната средина и биосемиотиката, имаат за цел да создадат вид на прототип/прирачник кој има за цел да ја поддржи идејата за општествените градини и да инспирира нови слични проекти.