Queen of Something - изложба на Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов во Студио PrivatePrint

15.03.2023 13:22
Queen of Something - изложба на Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов во Студио PrivatePrint

Во петок, 17 март, со почеток од 19 ч.во студиото PrivatePrint (Партизански одреди 62/1-4) ќе биде отворена изложбата "Queen of Something" („Кралица на Нешто”) која понатаму ќе може да се посети во периодот од 18.03 до 01.04.2023 од 12 до 18 ч. секој ден освен недела.

"Queen of Something" („Кралица на Нешто”) ги истражува идентитетот и припаѓањето на крајот на светот, така што приказната следи една кралица која го набљудува валканиот постчовечки пејзаж и плаче над своето кафе. Концептот на „кралица“ широко се популаризираше и демократизираше на социјалните медиуми во последните години; секој може (и треба) да биде кралица ако сака, без да мора да се објаснува - инстант и бесплатно. Оваа инсталација, базирана на истоимената поема од Заревска, се однесува на осаменоста на постоењето во свет каде човештвото изумрело, а кралицата е оставена сама да размислува за своето постоење. Во поемата, кралицата е соочена со различни предмети и суштества кои ги претставуваат различните аспекти на нејзиниот идентитет, но и нејзината професионална појава, бидејќи сепак - таа случајно е извршна директорка на компанија за производство на поезија на крајот на светот. Десподов ја гради инфраструктурата која ја дефинира но и ограничува Кралицата на Нешто, опкружувајќи ја со објекти кои ја компромитираат нејзината суштина, правејќи ја парадоксална и очајна, но истовремено и прекрасна и полна со надеж.

Оваа изложба е заедничка продукција меѓу Факултетот за уметности при Техничкиот универзитет во Брно и Приватен Принт од Скопје.

--
Ѓорѓи Десподов (р. 1996, во Прилеп) е мултидисциплинарен уметник, чијшто пракса е фокусирана на дизајн и експериментирање со 3Д визуели и илустрација. Дипломирал а на Националната академија за уметности во Софија, Бугарија. За своите дизајни користи секојдневни објекти кои ги става во неочекуван контекст, ги анимира и креира нови наративи. Заинтересиран е за истражување на различни стилови и техники. Во моментов експериментира со својот 3Д аватар и ги истражува можностите на интеракцијата помеѓу физичките и дигиталните околини. Во неговите истражувачки интереси се вклучени и концепти за виртуелна и проширена реалност, употребата на различни дигитални медиуми: илустрација, видео, фотографија и инсталација.

Драгана Заревска (р. 1985 во Кратово) работи со различни медиуми со поезијата како централна точка; од таму отпочнува со градење на наративи на и замислува идни сценарија за работите. Како истражувачка, ја интересира филозофијата на технологијата, иднината на работата, археологијата и фолклорот на иднината, новото нормално итн. Во минатото гостувала како истражувачка и/или уметница во резиденции во SITE (Стокхолм), AIR Krems (Кремс), Ausland (Берлин), Workshop Foundation (Будимпешта), ITD (Загреб), BUDA (Кортрејк), Workspace (Брисел), Les Laboratoires d'Aubervilliers (Париз), WELD (Стокхолм), RISE (Стокхолм), Turkish Cultural Centre (Сараево), Summerhall (Единбург), итн. Тековно е ангажирана во истражувања и предавање на Универзитетот на технологијата во Брно на отсекот за визуелна уметност.

И двајцата уметници имаат соработувано со PrivatePrint на други свои проекти: Заревска со книгата “The Curatables” (ко-авторки со Јасна Димитровска) од 2018, а Десподов со SKIP AD од 2021 година.