Популизмот на синдикатите со минималната плата

12.01.2023 02:25
Популизмот на синдикатите со минималната плата

Идејата дека владата, политичарите или парламентот можат да им помогнат на работниците со ниски примања едноставно со наложување на покачување на платата е „прекумерна гордост кон или пркос кон боговите, што доведува до пропаст“. Иако реториката за минимална плата можеби звучи хумана, реалноста е сосема поинаква. Принудувањето на капиталистите да им плаќаат на нискоквалификуваните работници повисока од пазарната плата - во отсуство на какви било промени во продуктивноста - ќе го намали бројот на ангажирани работници (законот на побарувачката).

Затоа, не би било многу попаметно да им се дозволи на работниците и работодавачите слободно да преговараат за платите бидејќи „способноста на капиталистот да му дава друга насока на својот капитал, или го лишува работникот од парчето леб, или го принудува да им се потчини на сите барања од даден капиталист.“

Па, во случај на зголемена надница со интервенција на владата, капиталистите ќе ја надоместат загубата со зголемување на општествената продуктивност на трудот, со тоа што исто толку или помалку работници ќе стават во функција повеќе материјали или повеќе машини, или полошо, ќе ја надоместат така што ќе го зголемат апсолутниот вишок на вредност преку продолжување на работниот ден или ангажирање повеќе работници. Како статистички доказ ќе упатиме на фактот дека се наоѓаме меѓу земјите со најмногу работни часови годишно!

Според тоа, идејата дека со минималната плата, работниците не би биле експлоатирани е мит. Напротив, во услови на зголемена надница на национално ниво, наемното ропство ќе се интензивира. Затоа Маркс во своите „Економско-филозофски ракописи“ (1844 год.) уште пред 180 години забележал: „Насилното повишување на надницата ... не би било ... ништо повеќе освен подобро плаќање на робот и не би го извојувало за работникот, ни за трудот нивното човечко определување и достоинство.“

Маркс целосно се спротивставуваше на наемниот систем и без сомнение ги сметаше минималните плати како бесмислени, импотентни обиди за шминка на наемното ропство. Маркс преку организирање на Првата интернационала (1864 год.) се бореше да го укине капитализмот, а не да го направи малку страшен, односно „капитализам со хумано лице“ за работниците. Текстуалните докази од неговите трудови во прилог на ова тврдење се безбројни.

Во 1881 година, неговиот соработник Фридрих Енгелс напиша статија за слоганот кој, како што вели тој, бил слоган на работничкото движење во Британија, „праведна надница за праведен работен ден“, и предлага ова мото да биде „погребано“ во полза на „поседување на средствата за работа, суровините, фабриките, машините, од самите работници“. Тоа може да звучи радикално за денешните синдикални лидери, но е научно исправно решение во однос на проблемите што ги имплицира наемниот систем. Во трудот „Вредност, цена и профит“ (1865 год.), самиот Маркс ја нарекува „праведната надница“ „конзервативно мото“ и вели дека работниците треба да го заменат со револуционерниот повик за „укинување на наемниот систем!“.

Зголемувањето на минималната плата може да им даде голема причина за гордеење на „социјалдемократските“ парламентарци и на краток рок да им обезбеди гласови од работничката класа, но нема да го реши клучното прашање како да се постигне економски раст (раст на вкупната парична вредност на производството минус стапката на инфлација) и со тоа да се намали сиромаштијата, што е можно само преку макроекономско, стратешко и детално планирање на производството (аргументирани од англиските економисти Кокшот и Котрел во нивната книга „Кон нов социјализам“). На пример, Швајцарија има највисока минимална плата, но сепак, oколу 530 000 Швајцарци или 6.6% од популацијата имаат доход под границата на сиромаштија!

Економската слобода од наемното ропство, а не етатистичкиот квази-социјализам на минимална плата, е клучот за намалување на сиромаштијата, како што учи Маова Кина (населението било удвоено од 542 милиони на 956 милиони, должината на живот била удвоена, конзумирањето на калории било удвоено, БДП се зголемило петкратно, итн.). Ако владата на СДСМ навистина сака да им помогне на сиромашните, најдоброто нешто што може да направи е да ја укине, а не да ја зголеми минималната плата. Нормално, заедно со наемниот систем. Ако капитализмот забранува купување на луѓе како робови со цел да ги заштити човековите права и да се заштити од нелојална конкуренција, едно комунистичко општество може да забрани наемен систем, камата и рента кои биле толерирани во дотогаш попримитивното општество.

Сега, да се осврнеме уште на мислењето на Трпе Дејановски од Синдикатот на УПОЗ во емисијата 24 Отворено дека минималната плата во месец треба да се зголеми за 2700 денари. Размислувањето на Трпе Дејановски дека цената на минималната плата треба да ја следи вредноста на потрошувачката кошничка е circulus in probando, бидејќи компаниите повторно ќе се обидат да го задржат нивото на профит со зголемување на цените и ова ќе доведе до нова инфлација. И најважно, економската „логика“ на Трпе Дејановски „го премолчува отуѓувањето на трудот во самата негова сушност со тоа што не го подлага на разгледување непосредниот однос меѓу работникот (трудот) и произведуваниот од него производ.“ Во контекст на популизмот на синдикатите со минималната плата ќе го цитираме и Џон Кенет Галбрајт: „Водењето на политика, која привидно ги штити работниците, може во очите на јавноста да ги претвори синдикалните водачи, обични битанги и апаши, во ‘великани‘ на синдикалното движење“.

Зголемената минимална плата сама по себе не е гаранција дека работниците ќе ги добијат потребните основни продукти. Да претпоставиме дека работниците преку синдикатите побарале од владата повисоки плати: само по себе тоа не би постигнало ништо, бидејќи протокот на производство на стоки за широка потрошувачка не одговара на монетарната вредност на вкупните пари потрошени за финални добра и услуги од страна на поединци и домаќинства. Повисоките плати едноставно ќе значат повисоки цени или недостаток на стоки во продавниците.

Политиките на владата кои поддржуваат планирање на економијата и соодветен на ова планирање избор на јавно образование, промовираат социјалистички рамен данок (ако распределбата на личните доходи е во основа егалитарна) и ги штитат правата на трудот над целата додадена вредност – би биле позитивни чекори кон зголемување на економската слобода, достоинството на работниците и просперитетот на секој еден член на општеството.

Карикатури: Nate Fakes

ОкоБоли главаВицФото