Македонија упорно против „сода-вода“

10.04.2023 16:51
Македонија упорно против „сода-вода“

Често ги слушаме фразите „еднакво општество за сите“,„еднакви можности за сите“, но, ми се чини, сѐ уште доминираат предрасудите и неприфаќањето на сѐ што е ново и различно.

Македонското општество, како и креаторите на културни политики во земјава, имаат интересен и комплициран однос кон џезот, од создавањето на државата до денес. Во рамки на СФРЈ, се применуваше таканаречениот агитпроповски модел на културна политика. Иако официјално, културната политика се креирала во владиниот Комитет за култура и уметност, според архивската граѓа на федералните органи на култура се стекнува заклучок дека тие се занимавале со реализација на програмите на партиската организација под име Агитационо-пропагандно одделение.

Кон крајот на 40-тите години, појавата на џезот била анатемисувана и сметана за декадентна, а младите џез музичари биле етикетирани и протерувани. Но, во 1948 година, кога се менува југословенската политика кон СССР (особено по смртта на Сталин во 1953 г.), се менува и односот кон (но и практикувањето на) уметностите. За да го канализира делувањето на полето на џезот, во 1953 г. државата дозволува формирање на Здружение на џез музичари во Белград, кое објавува и свој весник. Во останатите републики веќе се формирани повеќе биг-бендови кои активно концертно делуваат.

Наспроти поголемото прифаќање на џезот во другите рапублики, во Македонија на него се гледа како наумесна форма на забава. Петре Богданов Кочко во 1954 г., за списанието „Разгледи“ изнесува ваков став: „имаме еден композиционо забавен бран, демонстриран преку Гершвина и Адамича, а кој стана веќе идеал на поголем број забавни ансамбли, голтан од голем дел на радио-слушатели, а да не говориме за сите….ритмички ансамбли во внатрешноста со ритмичка концепција на американијади, каде што нашата средношколска а особено работничка младина систематски се труе, сè под фирма ‘забава’”. Кочко им сугерира на музичките здруженија, просветните органи, како и на музичките редакции на радиостаниците да ја разгледаат состојбата посериозно и да ја намалат застапеноста на џезот во радио програмите и програмите на музичките друштва.

Во втората половина на 50-тите години, борбата од идеолошката средина (креаторите на политиките) се сели во музичкиот свет, а така се прави еден жанровски јаз меѓу „сериозна“ и „лесна музика“ (која понатаму се дели на „џез“ и „лесна“, односно „забавна музика“ или „шлагерска“ музика). Иако службено во 1961 СОКОЈ ја прифаќаат Резолуцијата која ги обврзувала академските музичари да се грижат за квалитетот на џезот или забавната музика, предрасудите кон тие стилови беа - а последните случувања со ЗЏМ биг бендот укажуваат дека веројатно и денес е така - длабоко вкоренети меѓу припадниците на акaдемската музичка заедница од различните музички жанрови.

Голем број текстови - автобиографијата на Драган Ѓаконовски-Шпато, монографијата за Палфи, разновидните архивски документи и интервјуата со некогашните џез музичари, укажуваат дека академските музичари од т.н. класична фела имаа потценувачки однос кон џез музиката.

И покрај тоа што во Радио Скопје постоеше Танцов оркестар (ТО) (формиран 1962) кој извесен период го водеше Шпато, со поставувањето на Џамбазов на чело на оркестарот тој се насочи кон изведба на забавна, а не кон џез музика, како и кон задоволување на програмските шеми на куќата. За застапеноста на џезот во програмата за работа на ТО придонесува и музичката парада Раденци во Словенија, на која ТО и нашите композитори учествуваат со своја продукција.

Џезот е времено присутен и кога ТО работи под палката на Кире Костов, а по постепеното распаѓање последните концерти со џез-музика ги одржуваат во 2020 година, под палката на Мирковски. Никој не се потруди да го возобнови Танцовиот оркестар, иако тој не изведуваше во континуитет џез.

Младите, или попрецизно кажано Музичката Младина на Македонија (МММ), е таа која во 70-тите години, со своите активности почна да го менува позиционирањето на џезот во културата. МММ и Домот на младите „25 Мај“-Скопје, го формираа и Скопскиот џез фестивал.

Уште еден доказ дека порано џезот не беше прифатлив за академски образуваните музичари е фактот дека до пред триесет години не беше возможно да се дипломира на џез на Факултетот за музичка уметност. Пред само16 години за првпат во нашата земја се отвори катедра за џез (на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип), а потоа џез можеше да се учи и на новосоздадената катедра за популарни жанрови на ФМУ-Скопје (иако оваа катедра е без континуирано делување). На ФМУ тогаш се создаде и биг бенд, кој веќе не постои. Во меѓувреме, младите ентузијасти коишто сакаа да студираат џез во континуитет ја напуштаа средината, дел желни за знаење, дел од оние кои веќе ја оформиле својата академска кариера за да можат да егзистираат.На голема радост на џез музичарите и љубителите, конечно, на 21 март 2023 г., Владата и Министерството за култура, ја прифатија реалноста дека вложената едукација на џезерите треба да се валоризира, а со цел во континуитет да се негува џез-музиката, се донесе Одлука за формирање Национален џез оркестар. Оваа одлука е историска и затоа што државата првпат покажува дека им го вреднува трудот и на „оние“ џезерите, кои со својата пожртвуваност, посветеност, личен влог и професионалност, за кус временски период успеаја да создадат колектив, чиј труд и го респектираат сите музички професионалци, не само дома туку и надвор.

Биг бендот на ЗЏМ е тело на кое треба да му се заблагодариме за постоењето. Зошто? Зашто без дом, без значителна финансиска поддршка од државата, без подадена рака или надзор за реализација на програмските цели, ни подаруваат квалитетна музика, поставувајќи нови темели во музицирањето, а и ни го подарија досега нечуеното творештво на македонските џез композитори. Ретки се уметниците како нив, кои создаваат и музицираат од љубов, кои имаат идеја (или можеби не се свесни) дека со својата работа создаваат нешто поголемо од нив. Создаваат нови уметнички вредности, нов однос кон сопствената професија, нов однос кон џезот.

ЗЏМ во 2016-та започна да ја обликува џез културата во земјава. Нивните чекори беа постепени, но со јасна визија што треба да сторат за она што го љубат - џезот. За да се создава секако треба да се има желба, визија, идеја, потенцијал, но пред сè - кадар. На страна од останатите активности на здружението - фестивали, едукативни работилници, музички каравани низ земјата, издавачка продукција - она што ЗЏМ го создаде, а на кое сите денес со пиетет гледаме, е ЗЏМ биг-бендот. Токму во ЗЏМ биг-бендот, тој кадар гледа простор каде може да ја задоволи својата насушна потреба - да твори. Него го чинат академски образувани музичари, кои произлегуваат од домашните така и од престижните џез академии во светот. ЗЏМ биг-бендот ги едуцираше младите музичари и им даде простор за живеење, го „воскресна“ творештвото на легендите на македонската џез-музика, придонесе за создавање нови дела на оние кои во моментов јас испишуваат новата историја на џезот, и конечно, ја задоволуваат насушната потреба на публиката – да слуша квалитетна џез музика. Само поради нивната пожртвуваност, ентузијазам и елан, ги чувме повторно делата на Шпато, Костов, Глишиќ, го чувме авторскиот концерт на Илија Пејовски, но ни дадоа можност и да го го чуеме актуелното творештво на Николов, Велков, Иванов, Џијан, Спасовски, Китановски, Стевковски, Шаревски и другите. Не би сакала да го китам со епитети или воспевам нивното постоење, но доволно е да се спомене дека настапуваа на меѓународни и домашни сцени со музичари кои се добитници на „Греми“ награди, соработуваа и со Филхармонијата, а не треба да го испуштиме ниту нивниот фантастичен последен концерт со тромбонистот Луис Бонила. Беспредметно е да се пишува дека преку нивното делување се дава простор на македонските композитори, аранжери конечно да можат да го чујат она што е запишано, на хартија. Но, да не заборавиме и дека за нив пишуваат музичари кои во светски рамки добиле бројни награди.

Си спомнувам колку на мене лично ми значеше нивниот настап на „Деновите на македонска музика“ во 2017-та. Во освртот сум запишала дека интерпретираат како колектив, но и дека секој од нив ја задржува својата индивидуалност; дека будат искрени емоции и радост со нивните креации, поради енергичноста, вообличениот звук, инспиративните и немонотони импровизации… Имаше и критикување во овие редови, оти поинаку не знам да пишувам, а да сум чиста пред себе.

Првата рецензија која ја напишав беше за СЏФ, во 1997 година.За СЏФ постоеше и постои оправдана институционална поддршка, отворени институционални подиуми и сцени ( Универзална сала, Македонска опера и балет, МКЦ) и отворена, безрезервна посветеност на не малата публика вљубеници на џезот кој со нетрпение ги очекуваат секоја година оние 4, 5 дена на уживање во музиката на врвниот израз на слобода и индивидуализам, инклузивност и безпредрасудно ад хок творење и изведба. И токму таа публика, истата таа јавност со исто такво нетрпение и жед, но и со доза на гордост и радост ги очекуваше, следеше и продолжува да се надева на концертите на ЗЏМ биг бендот, кој на нивно воодушевување прераснува во Национален џез оркестар. Најпосле Македонија добива ансамбл на џез изведувачи, аранжери, композитори, солисти чиј настап е по квалитет, страст, звучно доживување на нивото на изведувачите на СЏФ. Најпосле професионален, комплетен, посветен музички израз прозвучува од наш џез оркестар. Не обид, не налик, не бледа копија, туку изграден, музички севкупен тим на ранг на светските изведувачи со долга традиција. Ако за СЏФ ги отворивме државните финансии и институции и подиуми и сцени, зар тоа не го должиме на нашата група посветени извонредни музички ентузијасти.Да се вратиме уште еднаш малку назад во времето. Во 1963 година, во списанието „Ритам“ излегува текст под наслов „Makedonija protiv “soda-vode” (Македонија против „сода-вода“), во кој Драган Ѓаконовски-Шпато, дава реална слика за џезот во земјата, за нашите капацитети и можности. Во текстот тој ни раскажува дека по завршување на пробите „службениците“ од оркестарот брзо си оделе, а останувале само неколку сонувачи. „Тогаш почнува нашата вистинска работа - џез импровизацијата. Тоа е одмор, чистење од „сода-вода“ (како што ја именувале популарната музика, музичарите во тој период)“. Во истиот текст се добива сликата за застапеноста (незастапеноста) на џезот на радио програмите, но и за афинитетите на македонските музичари. „Немаме музичари од поголема класа кои би импровизирале на одредена тема, а тоа да не биде фолклор. Потребни ни се големи уметници со изграден стил. Компонираме, но тоа нема кој да го изведува“, забележува Шпато.

Денес, конечно може да се реализира сонот на Шпато; конечно може да се реализира и вашиот сон. Оти поседуваме кадар како вас. ЗЏМ биг бенд, пардон, национален „Оркестар за џез музика“, ви благодарам што постоите.

Тој, „учителот“ (се знае Илија Пејовски), во една прилика ми рече: Музичарите од областа на класичната музика размислуваат како ќе отсвират, џезерите пак размислуваат што ќе отствират. Убавината на вашето создавање е тоа што како едно тело ќе размислувате и практицирате, „што“ и „како“ ќе отсвирите.

По дознавањето за одлуката за формирање национален џез оркестар, во главата ми прозвучија илјадници композиции кои сум посакувала да ги чујам. Дел од нив и од таканаречената „трета струја“ во која се спојуваат џезот и традицијата на класичната музика.

Но, жал ми е што секогаш постои едно „но“. Нејасно ми е неприфаќањето, желбата да не се придонесе да се создаде и дооформи нешто ново, нешто заедничко, да не се ценат и почитуваат различностите, да не се подаде рака кон оној што нема дом, а при тоа да се има искуство како е да се биде без дом. Се надевав на заемно креирање, на заемна едукација меѓу членовите на џез оркестарот и музичарите од симфонискиот оркестар на филхармонијата. Искрено се надевав на придобивки, а не на деградација и рушење на квалитетот на сега веќе двете институции, кои беше посочено дека ќе функционираат под еден кров. Затоа ми е малку збунувачка реакцијата на филхармоничарите, во чиј дом не влегува фудбалска репрезентација, туку првобитно ќе работи и оркестар кој само изведува друг музички жанр.

Дел од музичарите од ЗЏМ биг бендот се вработени и во Филхармонијата, Националната опера, Факултетите за музички уметности. Секогаш сум мислела дека со добра организација, и трудољубив и посветен кадар, сѐ може да се постигне. Претпоставувам дека оние кои одлучуваат за создавањето на нешто ново, креаторите на политиките, сепак малку повеќе од останатите ја знаат состојбата и условите за работење во она што се нарекува заедничко добро на нашиот народ, оти ние како „работници“, не ги поседуваме институциите, туку работиме со цел да ги реализираме нашите работни задачи во истите.

Во интервју снимено во студијата на МРТ, онаму каде што работеше Танцовиот оркестар, Кире Костов зборува за својот животен пат. Токму во тоа интервју кое е достапно и на интернет, тој зборува за актуелната лоша состојба на студијата. Оттука, сугестиите што ги слушаме на медиумите дека џез оркестарот треба да се лоцира во тие простории или се резултат на незнаење или на чиста злонамерност. Често ги слушаме фразите „еднакво општество за сите“,„еднакви можности за сите“; зборот „инклузија“ се користи на сите страни, но, ми се чини дека сѐ уште доминираат предрасудите и неприфаќањето на сѐ што е ново и различно.

Пред некој ден почина еден од најдобрите светски трубачи кој произлегува од овие Балкански простори, Душко Гојковиќ. Во својата кариера имаше неколку настапи во Македонија, дури и со Македонската филхармонија. Гојковиќ е еден од музичките уметници, кои поради културната политика и односот кон џезот, ја напушти својата матична земја, и безмалку целиот животен век кариерата ја градеше надвор. На неговите концерти и на еден од неговите албуми, како гостин од странство се појавува и нашиот контрабасист Мартин Ѓаконовски.

Поради неможност за егзистенција и музицирање, земјава одамна ја напуштија трубачот Јордан Трендафилов, генијалниот трубач Гоце Димитровски (кој за жал, на крајот на својот живот остави трага тука), Мартин и Огнен Ѓаконовски, Владимир Николов, Влатко Четкар, Дамјан Пејчиновски и многу други музичари. Со оглед на тенденцијата врвните џез музичари да заминуваат во странство, се надевам дека нема да си дозволиме поради неможноста за музицирање, поради предрасуди, лични суети и неприфаќање на различностите, да ги изгубиме и овие музичари кои денес го сочинуваат ЗЏМ биг бендот, и да ја искористиме историската шанса да гледаме надвор од кутијата.

Извор: Фејсбук статус на Елени Новаковска

ОкоБоли главаВицФото