Том Шекспир

29.05.2023 01:40
Том Шекспир

Сер Томас Вилијам Шекспир, трет баронет (роден на 11 мај 1966 година), попознат како Том Шекспир, е социолог од Велика Британија. Роден е со ахондроплазија - облик на џуџест раст во кој телото се формира совршено, но долгите коски на рацете и нозете не растат доволно долго. Титулата баронет ја наследил по смртта на татко му во 1996 година, но истата не ја користи.

Том Шекспир се образувал на Универзитетот Кембриџ, каде во 1991 магистрирал а во 1995 докторирал. Во својата докторска дисертација ја истражувал концептуализацијата на инвалидноста, додека во своите доцни истражувачки проекти на универзитетите во Сандерленд, Лидс и Њукасл ги истражувал сексуалните права на лицата со инвалидитет, детството со инвалидитет и квалитетот на живот на лицата со ограничен раст. Покрај тоа, Том Шекспир се залага за правата на лицата со инвалидитет и пишува за инвалидноста, генетиката и биоетиката. Објавил значаен број трудови во областа на студиите за инвалидност, на пример, The Sexual Politics of Disability, 1996, Disability Rights and Wrongs, 2006 и биоетиката, на пример, Arguing About Disability, 2008.

Работел како предавач на Универзитетот Сандерленд (1993-1996), научен советник на Универзитетот Лидс (1996-1999) и Универзитетот Њукасл (1999-2008) каде го коосновал и развил Истражувачкиот институт за политика, етика и биолошки науки (the Policy, Ethics and Life Sciences Research Institute). Му се придружил на Тимот за инвалидност и рехабилитација на Одделението за превенција на насилство и повреди и инвалидитет на Светската здравствена организација во Женева, во март 2008 година. Пет години работел како технички референт, придонесувајќи за напорите на Светската здравствена организација да развива и имплементира политики кои ги отстрануваат пречките за учество на лицата со инвалидитет. За време на својата работа во СЗО помогнал во креирањето и имплементацијата на неколку клучни извештаи, како што се Светскиот извештај за инвалидноста (World Report on Disability, WHO 2011), Меѓунадорната перспектива за повредите на 'рбетниот мозок (International Perspectives on Spinal Cord Injury, WHO 2013) и бил одговорен за изјавата на ОН за приднудните и на други начини насилни стерилизации (WHO 2014). Од февруари 2013 година го почнал својот моментален работен ангажман во Медицинската школа Норич. Сè уште пружа консултантски услуги за Светската здравствена организација, Светската банка и други агенции на ОН.

Повеќе од дваесет години учествува во движењето на лицата со инвалидитет во Велика Британија и на меѓународно ниво. Исто така ги поддржувал и другите движења, како што се феминистичкото, антирасистичкото и движењето за правата на лезбејската и геј заедницата. Бил активен во областа на уметноста и културата и бил член на Советот за уметност на Англија од 2003 до 2008 година. Работејќи на Универзитетот Њукасл развил интерес за комуникација и јавен настап и помогнал во развивањето на движењето café scientifique во Велика Британија и ширум светот, и во промовирањето научно-уметнички проекти. [Café scientifique е меѓународно движење на научници и заинтересирани граѓани кои организираат месечни неформални групни дискусии. Целта на движењето е да обезбеди место за јавна дискусија за интересни и контраверзни прашања во современата наука]

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

ОкоБоли главаВицФото