Санирана спомен-чешмата на НОБ во Сливово со мозаици од Борко Лазески

24.06.2023 15:57
Санирана спомен-чешмата на НОБ во Сливово со мозаици од Борко Лазески

Реконструиран е меморијалниот споменик Спомен-чешма со мозаички сцени во центарот на селото Сливово, Oхридско, каде што на 11 ноември 1943 е формирана Првата македонско-косовска бригада, соопшти Министерството за култура. Станува збор за дел од проектот за реконструкција на споменици и спомен-обележја на Народноослободителната борба (НОБ).

Спомен-чешмата во Сливово има двојно значење, и историско и уметничко, со оглед на тоа што има две мозаички сцени посветени на Илинден и на НОВ од 1941 изработени од македонскиот современ сликар, мозаичар и изработувач на витражи, Борко Лазески.

Проектот го реализираше Заводот и музеј Охрид, кој во изминатиот период регистрира над 40 меморијални споменици и спомен-обележја од НОБ на територијата на 23 села во Општина Дебрца.

Од Министерството велат дека по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Општина Дебрца, стручните служби на Охридскиот музеј ја санираа Спомен-чешмата која е подигната во чест на овој значаен историски настан од НОБ, кој годинава одбележува јубилеј, 80 години од формирањето на Македонско-косовската бригада.

„Екипа работници и стручни лица од Заводот и музеј-Охрид ги исчистија споменикот и околината и се пристапи кон целосно обновување на носечкиот камен ѕид со пополнување со нова цементна фуга и поставување нови покриви на двете страни. Беше санирана и опшивката на мозаикот и беше поправено коритото на чешмата. За овие активности Министерството за култура издвои 100.000 денари“, велат од Министерството.

Извор: https://sdk.mk

ОкоБоли главаВицФото