Фугази - стрејт еџот како патоказ

26.09.2023 03:07
Фугази - стрејт еџот како патоказ

Фугази, легендарниот пост-хардкор состав, зазема посебно место меѓу најважните бендови од американската андреграунд музика во 20-от век. Нивниот музички, политички и општествен придонес не можеме да го преувеличиме, а нивното наследство и денес има силно влијание. Музички ги надминуваа стиловите, ја негуваа Направи сам етиката, се придржуваа до деловните принципи кои ѝ контрираа на музичката индустрија. Фугази, кои се формирани 1986 година, брзо станаа централна фигура на алтернативната музичка сцена, а нивното значење се прошири многу подалеку од границите на Вашингтон, нивниот роден град. Додека свиреа истовремено ја обликуваа и стрејт еџ етиката која стана централна точка на нивниот идентитет и станаа едни од претставниците на ова движење. Основата на стрејт еџот се темели на принципите на апстиненција од алкохол, дроги и тутун, а влече корени од панк културата. Преку својата музичка порака, јавните настапи и ставовите, бендот активно промовираше таков начин на живот.

Иан Меккеј, фронтменот на бендот и клучна фигура на панк сцената, беше долгогодишен заговорник на стрејт еџот. Неговиот ангажман во бендот Minor Threat, кој стана познат по песната „Straight Edge“, имаше длабоко влијание на создавањето на овој животен стил. Песната изрази јасен став за одбивање на алкохолот, дрогите и тутунот и ги поттикнуваше луѓето на позитивно и одговорно живеење. По распадот на Minor Threat, Меккеј го основаше бендот Фугази во кој одлучи да го задржи истиот дух и да пренесува пораки за откажување од деструктивните навики. Покрај Меккеј, оригиналната постава ја сочинуваа и вокалот Ги Пичиото, басистот Џо Лали и тапанарот Брендан Канти.

Бендот преку својата музика ширеше и позитивни општествени вредности, вклучувајќи ја важноста на еднаквоста, правдата и почитувањето. Фугази секогаш беа во потрага по нови експериментални звуци, храбро истражувајќи различни музички стилови. Нивната музика, која ги поврзуваше регето, дабот, фанкот, арт рокот и пост-панк елементите, ја одржуваше нивната отвореност кон различностите. Нивната порака не се однесуваше само на негирањето на зависностите, туку и на позитивна изградба на личен интегритет и општествена одговорност. Во нивните песни често можат да се пронајдат текстови кои зборуваат за важноста на личниот интегритет, одбивањето на непотребните материјални тенденции и конзумеризмот и активното учествување во личниот живот и заедницата. Нивните песни не беа само повик на апстиненција, туку истовремено ја славеа слободата на изборот и ја зајакнуваа индивидуалноста.

Својата етика ја пренесуваа и преку своите јавни настапи. На концертите инсистираа на безбедност и почитување. Понекогаш ги прекинуваа концертите за да го запрат насилството и несоодветното однесување. Ако некој поединец предизвика немир во публиката, го отстрануваа од концертот, а парите од купениот билет му се враќаа. Тоа го правеа за да ја заштитат публиката и да создадат опкружување кое поттикнува заедништво и поддршка. Нивната ангажираност во ширењето на овие вредности остави длабок печат кај многумина, особено кај младите кои бараа алтернатива за деструктивното однесување и изразување. Бендот инсистираше нивните концерти да бидат пристапни за публиката и инсистираа на ниски цени на билетите за сите да имаат можност да присуствуваат на нивните настапи без оглед на својата финансиска можност. Цените на влезниците за нивните концерти вообичаено беа значително пониски во споредба со другите популарни бендови од тоа време, а низ годините настојуваа да ја одржат истата цена која не надминува 5 долари.

Бендот на светот му подари 4 И Пи изданија, неколку компилации, неколку демо снимки и 6 студиски албуми. Фугази се еден од оние бендови кој музички се развиваше додека постоеше, а во сржта на самиот бенд беа сетот идеи до кои се држеа секогаш и настојуваа да ги промовираат. Бликаа со неисцрпна енергија, борба за подобро утре, подобри услови и поинклузивен простор во музиката. Благодарение на својата доследност и посветеност, Фугази станаа инспирација за многумина ширум светот. Нивната етика има силно влијание на генерации музичари, обожаватели и активисти. Преку својата музика покажаа дека може да се биде автентичен, да се живее според сопствените убедувања и истовремено позитивно да се влијае на опоштеството. Нивниот придонес за стрејт еџ движењето надвор од музичките кругови беше неизмерно важен, а нивното наследство продолжува да живее преку музиката и идеите кои ги пренесуваа.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.maz.hr/

ОкоБоли главаВицФото